Македонија
(Видео) Андоновски: Срамота е за нашиот идентитет да се зборува во Софија, а никој во Македонија да не знае што е на маса
Владата на Зоран Заев преговара за македонскиот јазик и идентитет далеку од очите на јавноста, oбвини денеска Стефан Андоновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, од граѓаните се кријат условите и барањата кои се поставени пред македонската Влада.
„Заев, Димитров и Османи знаат, но се кријат од јавноста. Срамно е да дознаваме од Бугарија дека Владата во ек на празници сè уште преговара со Бугарија за нови отворени прашања. Вчера во телевизиско интервју министер од бугарската Влада потврди дека постои Анекс од 12 точки кој е даден до македонската Влада, со исклучително лоши позиции за македонскиот идентитет“, посочи претставникот на опозициската партија.
Андоновски истакна дека за овој Анекс неговата партија предупредувала пред три месеци.
Според него, срамота е за македонскиот идентитет, јазик и историја да се дискутира на телевизиски емисии во Софија, без никој во Македонија да не знае што е на маса.
„Кој го видел нон-пејперот од Бугарија? Што содржи Анексот од 12 точки кој Владата го крие од очите на јавноста? Дали Бучковски следнава недела во Софија ќе дискутира за македонскиот јазик и македонската историја? Дали образовната реформа на Мила Царовска со која се укинува предметот историја е за да се исполнат бугарските барања?“, се дел од прашањата кои јавно ги упати претставникот на ВМРО-ДПМНЕ, кој додаде дека по падот на актуелната власт, ќе следува одговорност за, како што рече, сите недела кои и се прават на Македонија и македонскиот народ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денеска посебен режим на сообраќај во Скопје за Водици
Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје денеска ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје поради празникот Водици.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Гаши со честитка за празникот Водици
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, упати честитка по повод празникот Водици.
„Во име на Собранието на Република Северна Македонија и во мое лично име, Ви упатувам честитки по повод празникот Водици. Овој празник ја носи пораката на духовно прочистување и надеж, потсетувајќи нѐ на значењето на заедништвото и посветеноста во градењето на напредна и праведна држава. На православните верници им посакувам овој ден да донесе внатрешен мир, а во нивните домови да владеат здравјето, благосостојбата и спокојот“, пишува во честитката.
Македонија
Облачно и студено време, од утре внрежи од снег
Утрото ќе биде малку до умерено облачно и студено, а во текот на денот сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од североисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -8 до 0, а максималната ќе достигне од 0 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од североисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Утре преку денот времето ќе биде стабилно и суво со ниски утрински температури. Кон крајот на денот, во текот на ноќта и во среда се очекуваат повремени врнежи претежно од снег.
Од четврток ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. По котлините ќе има услови за појава на магла.

