Македонија
Андоновски: Очигледно се планира Бучковски тајно да преговара за македонскиот јазик и идентитет
Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ обвини дека владата го назначи Бучковски за да тера тајни разговори со Бугарија.
„Веќе два дена молк од Владата на Зоран Заев за тајните преговори со Бугарија. Очигледно се планира Бучковски тајно да преговара за македонскиот јазик и идентитет. Прашањата на ВМРО-ДПМНЕ се прашања кои ги поставуваат граѓаните на Македонија и за кои заслужуваат одговори. Владата од граѓаните ги крие условите и барањата од Анексот со 12 точки. До кога на некои тајни преговарачки маси ќе се раскрчмува македонскиот идентитет и јазик. Владата дозволува Македонија да се негира на телевизиски емисии во Софија, а македонскиот идентитет да биде карта за поткусурување во преговорите со ЕУ. Со посочениот Анекс клопчето започна да се одмотува. Се потврди информацијата на ВМРО-ДПМНЕ од минатата година дека на македонската влада и бил врачен Анекс од 12 точки, со негаторски позиции за македонскиот идентитет. Сега дознаваме и дека тој Анекс им бил даден на Заев, Димитров и Османи уште во ноември минатата година. 3 месеци молк за македонските граѓани. 3 месеци тајни преговори“, рече Андоновски.
Тој истакна дека од нивната партија предупредуваа дека Анексот бара ретуширање на историјата и го оспорува односот кон малцинствата. Вели дека овој Анекс е опасен и по македонскиот јазик – тој сега не треба да биде повеќе македонски, туку само како формалност дел од нашиот Устав.
„Со ова се погазува децениската борба на македонските преродбеници уште од Ѓорѓија Пулевски и Димитрија Чуповски, преку Крсте Петков Мисирков, па се до официјалната кодификација на македонскиот јазик како македонски. Затоа, министерката Мила Царовска сама и без јавна расправа се впушти во образовна реформа со која се укинува предметот историја. Сето тоа за владата да се обиде да се умилка и да им удоволи на бугарските предизборни барања“, порача тој.
Андоновски праша: Кога бил доставен нон-пејперот од Бугарија и зошто македонската јавност не е информирана за содржината на истиот? Дали 12те точки се поразителни за македонскиот идентитет и јазик ? Дали Бучковски следнава недела во Софија ќе дискутира за македонскиот јазик и историја? Зошто Зоран Заев веќе две години лаже дека немаме отворени прашања со соседите?
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Едногласно усвоен Буџетот на Град Скопје, Ѓорѓиевски најавува преродба
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информира дека Советот на Град Скопје едногласно го усвои Буџетот за 2026 година, без ниту еден глас против, со што, како што вели се поставуваат темелите за силен развоен циклус и финансиска консолидација на градот. Новиот буџет според него претставува јасен доказ дека со ред, визија и одговорна работа се постигнуваат конкретни резултати во интерес на граѓаните и иднината на Скопје.
Без ниту еден глас против донесен е Буџетот на Град Скопје, следува преродба на градот, напиша на социјалните мрежи Ѓорѓиевски.
„Буџетот за 2026 година е доказ дека кога има ред, визија и работа, ќе има и резултати.
Сакам искрено и од срце да се заблагодарам на сите советници кои го поддржаа.
Основниот Буџет на Град Скопје изнесува 5.201.600.000 денари, што претставува зголемување од 12,04% во однос на 2025 година. Ова зголемување е резултат на засилена и одговорна наплата на приходите во период од само месец и половина, со што на крајот на годината се очекува пренесен вишок од над 400 милиони денари.
Дополнително, обезбедени се 260 милиони денари преку спогодба со Министерството за образование и наука и одлука на Владата на Македонија за студентски превоз за заостанатите години, обврска за која претходната влада на СДСМ немаше слух.
Капиталните инвестиции во основниот Буџет изнесуваат 1.787.000.000 денари, или 34,4% од вкупниот буџет. За споредба, во 2025 година капиталните инвестиции изнесувале 1.344.160.000 денари, односно 28,9%“.
Ова, како ѓто оценува Ѓорѓиевски, значи повеќе инфраструктурни зафати, повеќе проекти на терен и конкретни, видливи резултати за граѓаните.
Нагласува дека образованието е еден од највисоките приоритети.
„Преку блок-дотациите од Министерството за образование и наука обезбедуваме средства за нови спортски терени во средните училишта, енергетски ефикасни фасади, нови клупи и столчиња, дополнителна ИТ опрема и подобрени услови за работа и учење.
За првпат досега обезбедуваме униформи за сите ученици од прва година, обезбедуваме летен камп за учениците од социјално ранливи категории, како и награди за учениците со исклучителни резултати во спортот и образованието.
Буџетот за образование е зголемен за 7,5% во однос на 2025 година, а дополнително се пренесуваат 68 милиони денари вишок од блок-дотациите за изградба на ново училиште, кое ќе биде предвидено со првиот ребаланс на Буџетот за 2026 година.
Сериозно се зајакнува и противпожарната заштита.
Културата добива силна поддршка со буџет од 159.831.000 денари, што е повеќе од двојно зголемување во однос на 2025 година.
Во делот на животната средина предвидени се 56,5 милиони денари, што е речиси двојно повеќе од претходната година.
Меѓу капиталните проекти се издвојува изградбата на Луна Парк, кој ќе биде завршен во текот на 2027 година, како и инвестиции од 90 милиони денари за детски катчиња, игралишта, фитнес справи, урбана опрема, паркови и пешачки патеки.
Преку развојните програми се инвестира во реконструкција и опремување на културните установи и Зоолошката градина, проширување на капацитетите на ЈП Лајка, заштита и уредување на културното наследство како Скопско Кале, Аквадуктот, Старата чаршија и Скупи, како и изградба на бунари за техничка вода за наводнување“.
Скопскиот градоначалник нагласи дека се инвестира и во јавното зеленило со 210 милиони денари, набавка на нови канти и контејнери со 40 милиони денари, како и нови возила за комунална хигиена во износ од 24,2 милиони денари.
Потенцира дека патната и сообраќајната инфраструктура е посебен фокус на Буџетот за 2026 година.
„Предвидени се средства за изградба и реконструкција на булеварите ,,Македонија”, ,,Љубљанска”, ,,Борис Трајковски”, ,,АСНОМ” и ,,Цветан Димов”, за кружниот тек во Ѓорче Петров, за довршување на Момин Поток по решената експропријација, како и за реконструкција на улиците ,,Фрањо Клуз”, ,,Перо Наков”, ,,Димо Хаџи Димов”, 101 во Волково, ,,Бутелска” и ,,Радишанска”, изградба на улицата ,,Македонско-косовска бригада”, мостот и булеварот ,,Февруарски Поход” и уредување на пристапите и паркинзите кај Матка.
Обезбедени се 130 милиони денари за експропријација со цел забрзување на реализацијата на булеварските решенија, како и дополнителни средства за тековно одржување, сообраќајна сигнализација, безбедност во сообраќајот и подготовка на нови сообраќајни проекти во соработка со УНДП.
Предвидена е директна поддршка за јавните претпријатија и културните установи со јасна цел за нивно раздолжување и стабилизирање до првата половина на 2027 година.
За таа намена се издвојуваат средства за ,,Комунална хигиена”, ,,Паркови и зеленило”, ,,Дрисла”, ,,Лајка” , ,,Улици и патишта”, како и рекордни 920 милиони денари субвенции за ЈСП Скопје“.
Македонија
Магла на планинските премини Стража – Маврово и Крушево
Поради појава на магла се бележи намалена видливост до 100 метри на планинските премини Стража – Маврово и Крушево.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Гаши-Филков: во фокусот Изборниот законик
Претседателот на Собранието, Африм Гаши заедно со потпретседателите и координаторите на пратеничките групи, оствариja работна средба со министерот за правда, Игор Филков, на која се разговараше за Изборниот законик.
Договорено е до втората половина на јануари, Министерството за правда да формира работна група која ќе пристапи кон подготовка на Изборен законик, а во која ќе бидат вклучени по двајца Претседателот на Собранието, Африм Гаши, претставници на политичките партии и независните пратеници.
Министерот за правда, Игор Филков информираше дека Измени на Изборниот законик беа изготвени од Министерството за правда во јуни 2025 година. Во нив беа инкорпорирани дел од препораките на ОБСЕ/ОДИХР.
Изборниот законик е законско решение кое од моментот на неговото донесување заклучно со овие избори има претрпено околу 40-на измени кои заради нивниот парцијален пристап создаваат неконзистентност на целиот закон.
Овој процес ќе се одвива во Собрание каде што се очекува да се одвива низ еден конструктивен дијалог од сите засегнати политички страни но и од експекртската јавност и каде очекуваме дека ќе се финализира со политички консензус од сите пратеници, истакнуваат од Министерството за правда.

