Регион
По земјотресот во Хрватска се појавија 30-ина дупки во земјата
По разорниот земјотрес во централна Хрватска се појавија 30-ина дупки во земјата кои се шират со секој нов земјотрес, посочуваат експертите и предупредуваат дека е опасно да се пристапи до нив сè додека не се дознае кога ќе престане нивното ширење.
Геолозите кои ја истражуваат областа велат дека тие веќе не треба многу да одат во ширина, но сè додека не се истражат темелно, тие остануваат мистериозни.
Од фотографиите на една од дупките направени во растојание од само неколку дена, јасно е дека дупката е значително зголемена од нејзиното создавање.
Геолозите, вклучувајќи го и Твртко Корбар од Геолошкиот институт, истражуваат што предизвикува нивно ширење и зошто се создале дупки.
„Тоа е многу специфичен феномен за кој малку знаевме. Прочитавме за тоа во научната и стручната литература, но самиот изглед во областа Меченчани е геолошки неочекуван. Никој не може да знае што има под пет или шест метри земја“, рече Корбар.
По еден силен земјотрес, објаснуваат сеизмолозите, нормално е областа да биде погодена од помали.
Во Бановина по најсилните се случија илјада послаби земјотреси од кои некои се чувствуваат, а некои се толку слаби што луѓето дури и не ги забележуваат.
Сепак, сите тие влијаат на понатамошното ширење на дупките.
Геолозите веќе ги почнаа своите истражувања и од мерењата утврдија дека целата област се оддалечила – дел кон Запад, а дел кон Исток.
Страшно е, вели тој, но тоа е природна појава.
„Земјотресите се природен феномен и едноставно треба да се прилагодиме на тоа“, рече Корбар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Побаран притвор за сите уапсени поради трагедијата во Нови Сад, меѓу нив и поранешен министер
По рочиштето, Вишото јавно обвинителство во Србија побара притвор за сите 12 уапсени, меѓу кои и поранешниот министер за градежништво Горан Весиќ и уште еден осомничен по кој беше распишана потерница, поради падот на настрешницата на железничката станица на 1 ноември во при што загинаа 15 лица.
Покрај Весиќ, кој поднесе оставка пет дена по несреќата, меѓу уапсените, а за кои Вишото јавно обвинителство во Нови Сад бара притвор, се и Јелена Танасковиќ, која поднесе оставка од челната позиција во Железничката инфраструктура на Србија, поранешниот директор на Инфраструктурата на Железниците на Србија Небојша Шурлан, како и помошникот министер за железнички транспорт Анита Димовски.
Обвинителството предлага приведување и притвор и за 13. осомничениот кој е во бегство и по кого е распишана потерница.
Осомничените се товарат за сторени повеќе кривични дела предизвикување јавна опасност, тешки кривични дела против општата безбедност и неправилно изведување градежни работи и им се заканува затворска казна од две до 12 години.
Вкупно 15 лица загинаа во падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември околу пладне – 14 загинаа на местото на несреќата, додека уште едно лице од тројцата тешко повредени им подлегна на повредите подоцна во болница.
Регион
Голем протест на пензионерите во Атина
Во Атина се одржаа големи протестни демонстрации на пензионерите. Сакаат добро здравство и повисоки пензии.
„Сакаме достоинствени пензии“, скандираа пред парламентот стотици грчки пензионери кои на протестот пристигнаа од целата земја. На дел од плакатите беа испишани нивните барања – пристојни пензии, бесплатни лекови и ниски цени, барем за основните потреби.
Демонстрантите за медиумите изјавија дека сакаат и да се отстранат голем дел од пензиските одбитоци и да се плати голем попуст за струја, како и во другите европски земји.
Големиот проблем со кој се соочуваат пензионерите се недостатоците во здравствениот систем – немање доволно специјалисти во државните болници и скапите лекови. И грчките пензионери побараа бесплатни празнични ваучери за сите пензионери.
Пензионерите на протестите скандираа „Стоп за војната во Украина и Газа, не убивајте млади луѓе“.
Голем број млади се приклучија во поддршка на протестот на пензионерите.
Регион
(Видео) Излизгани возила, застој на автопатиштата, сообраќаен колапс поради снежна бура во Србија
Попладнево во Србија падна снег кој зад себе остави колапс во сообраќајот и предизвика дефекти во електричната мрежа.
Дождот и силните налети на ветерот се претворија во снег во Белград, каде снегот паѓаше со поголем интензитет, што дополнително ја усложни состојбата во сообраќајот и предизвика тотален колапс, пренесуваат тамошните медиуми.
Поради снежни наноси застој има на автопатот од Ниш кон Белград, на делот од патот од Алексинац кон Ражње.
Сообраќајот се одвива отежнато и на автопатот Ниш-Димитровград кај тунелот Банчарево, поради снежни наноси и сообраќајна несреќа во која учествувале патник и товарно возило, стои во написите.
Јавното претпријатие „Патишта на Србија“ ја информира јавноста дека при денешните обилни врнежи од снег на речиси целата територија на Србија, во повеќе случаи товарни возила се излизгале и на тој начин биле блокирани повеќе патни правци, поради што сообраќајот бил во прекин и на автопатот и и на патиштата со низок степен, поради некористење зимски гуми и опрема од страна на неодговорни возачи на тешки моторни возила – шлепери.
ЈП „Патишта на Србија“ апелира особено до возачите на тешки моторни возила и сите други учесници во сообраќајот да не излегуваат на пат без задолжителна зимска опрема, да користат синџири, особено во ридско-планинските предели, да ги почитуваат ограничувањата на брзината, сообраќајните сигнали и да ја приспособат својата брзина на условите на патот.
На целата територија на Република Србија, механизацијата е достапна на терен 24 часа, а екипите на патиштата се во готовност и подготвени да интервенираат за да се обезбеди безбедно одвивање на сообраќајот, пишуваат српските медиуми.