Македонија
Се најавуваат нови дождови – опасност од излевање на реките, свлечишта и одрони
Според информациите добиени од Регионалните центри за управување со кризи, засега состојбата со водотеците е стабилна, има зголемувања на водостојот, но нема значителни излевања. Сè уште е актуелно предупредувањето за внимателно движење покрај водотеците, суводолиците и во клисурите поради можност од појава на големи води, излевања, свлечишта и одрони. Се очекува врнежите да продолжат, со посилен интензитет на југот и југоистокот од земјата.
РЦУК – Скопје известува дека по остварените контакти со лицата надлежни за состојбата на терен со врнежи од снег и дожд, добиена е информација дека на територијата на РЦУК – Скопје нема поплави и нема недостапност на патиштата поради наноси на снег. Во општина Сарај во текот на утринските часови дошло до мало излевање на реката Вардар во реонот на с. Рашче, при што малку бил поплавен локалниот пат. Состојбата околу 12 часот е нормализирана и по патот се одвива сообраќај. Од дежурната служба при ЈП „Водовод и канализација“ добиено е известување дека каптажата Рашче не е загрозена. Од ЈП „Водовод“ известуваат дека нивни екипи со цистерни и вакуум-цистерни работеле на исцрпување на водата на критичните места во градот каде што во вакви ситуации најчесто се собира поголемо количество вода. Во моментот состојбата е нормализирана. На телефонот 195 примиено е едно известување за паднато дрво. Пријавата била проследена до одговорните во ЈП „Паркови и зеленило“ за понатамошна надлежност и постапка. Од ЕВН – Скопје добиено е известување дека сите појавени дефекти се отстрануваат релативно бргу и не се регистрирани поголеми и подолготрајни испади и прекини во снабдувањето со електрична енергија.
РЦУК – Битола известува дека од обилните врнежи од дожд на подрачјето на општина Битола зголемено е нивото на реката Драгор и има опасност од нејзино излевање кај Довлеџик, каде што се наоѓа пумпна станица на ЈКП „Водовод“ за вода за пиење за дел од градот Битола. Во текот на вчерашниот ден и денес со соодветна механизација интервенираат ЈКП „Водовод“ и ЈКП „Нискоградба“ (се прави насип крај реката Драгор како превентива за престојните дождови). Таа интервенција е приоритетна зашто имало опасност дел од градот да остане без вода. Од ЈКП „Водовод“ известиле дека во моментот состојбата е под контрола, но екипите ќе останат на терен и ќе ја следат состојбата.
Во с. Породин кај живинарската фарма се интервенира со 3 пумпи за вода од ДЗС – Битола. Има потреба од интервенција и на градежна машина за расчистување на реката од горниот тек, па сè до мостот на влезот од селото. Снабдувањето со електричана енергија и вода е редовно, освен во селата Буково и Горно Орехово, кои се без напојување со електрична енергија.
РЦУК – Струмица известува дека од досегашните врнежи нема појава на полавени површини или објекти, водостоите на речните корита се зголемени, но во рамките на речните корита и нема излевања. Во општина Конче има излеаност на реката Клакавица на неколку места од коритото, но без штета. Исто така, има наносен материјал од помал обем на неколку места на главниот пат и неколку сообраќајници што ги поврзуваат селата во тој регион, особено во с. Горни Липовиќ, но мехзнизацијата е пуштена на терен за да го отстрани наносот.
РЦУК – Охрид известува дека во општина Македонски Брод има мали излевања на реката Треска по должината на течението и поплавени се земјоделски површини и ливади. Во општина Кичево, екипа од ЈП „Комуналец“ – Кичево со градежна машина на 10.1.2021 година, во периодот од 16.30 до 18 часот расчистувале заглавени дрва под мостот на реката Треска на влезот во с. Србјани. ТППЕ Кичево на 10.1.2021 година имале техничка интервенција за исцрпување вода од поплавени куќи на улицата Прилепска во Кичево.
Екипа составена од вработени од ПО РЦУК – Кичево на 10.1.2021 година извршиле увид на локалниот пат кон излетничкото место Крушино и с. Кнежино и било утврдено дека има голема количина каллива вода, која се движи по коловозот. На повеќе места се забележува можност за појава на лизгање земјиште, од што може да се оштети патот. Исто така, извршена е обиколка на течението на реката Треска и било утврдено дека има излевање на реката Треска од двете страни кај мостот кај с. Бигор Доленци. Поплавени се необработени ниви.
Во општина Дебар и Центар Жупа од 10.30 часот на 10.1.2021 година до 4.30 часот на 11.1.2021 година имало прекин во електроснабдувањето поради оштетени далноводи во општина Маврово – Ростуше. Нивото на реката Радика е покачено, но нема излевање. ЈКП „Стандард“ препорачува водата за пиење да се преврива поради заматеност на изворот во с. Росоки. Околу 8.30 часот нормализиран е патниот сообраќај на регионалниот пат Дебар – Маврово.
РЦУК – Тетово известува дека во моментот со еден багер од општина Тетово се работи на расчистување наноси од Порјска Река кај с. Порој на патот Тетово – Јажинце. Багерот интервенирал и во Голема Речица, каде што имало помали наноси, а во моментот е во с. Факише и се работи на санирање на речното корито на реката Пена, каде што има опасност од нејзино излевање.
Во ЕЛС Јегуновце состојбата е алармантна, водостојот на реката Вардар е на критично ниво и можно е излевање. Во ЕЛС Брвеница нивото на реките е зголемено и во с. Брвеница со еден багер од општината се интервенира на речното корито на реката Темишница за да не дојде до излевање. Во ЕЛС Боговиње реката во с. Камењане го поплавила локалниот пат на влез во селото во должина од 100-ина метри. По должината на регионалниот пат кај с. Палчиште излеан е каналот за наводнување и екипа на ЈКП „Шар“ – Боговиње е на терен за саниране на штетите. Во општина Гостивар без напојување со електрична енергија е селото Горно Јеловце.
Во општина Маврово Ростуше известуваат дека од 10.30 часот на 10.1.2021 година до 4.30 на 11.1.2021 година без напојување со електрична енергија биле селата Скудриње, Присојница, Хаџиевци, Ростуше, Велебрдо, Требиште, Видуше и Жировница. Од страна на ЕЛС „Маврово“ пријавено е до ЕВН и се работи за отстранување на дефектот. Во моментот струја има, но со повремени прекини. Патот Маврово – Галичник е во целосен прекин поради висока снежна покривка (ова е случај секоја година за време на снежни врнежи).
РЦУК – Велес известува дека во општините Велес, Чашка и Градско врне слаб дожд со повремени краткотрајни прекини. Во изминатите 3 дена како последица од врнежи не се пријавени прекини во снабдувањето со електрична енергија, вода и излевање реки. На подрачјето на општините Неготино и Демир Капија зголемено е нивото на реката Бошавица во Демир Капија, но нема излевање. Коритото на браната „Дренска“ во општина Демир Капија е наполнето но до нивото што не предизвикува излевање. Во општина Кавадарци, поради дефект, без напојување со електрична енергија се селата Дреново, Фариш, Голеш и Шешково, делот околу старата автобуска, улицата Илинденска, зелениот пазар и улицата Пано Mударо.
РЦУК – Штип известува дека на територијата што ја покрива ПОРКОА РЦУК – Штип состојбата е редовна. РЦУК – Куманово известува дека поради обилните врнежи од дожд, зголемени се водостоите на реките што се влеваат во реката Пчиња (Градшница и Петрошница) поради што има излевање на реката Петрошниоца помеѓу селата Макреш и Војник.
Излеани се Крива Река кај селата Белјаковце, Довезенце, Јажинце и Клечовце и реката Пчиња кај селата Шупли Камен, Пчиња и Студена Бара. По течението на реката Пчиња поплавено е претежно земјоделско земјиште, 7-8 викендички и 3-4 индивидуални куќи за живеење – претежно помошни објекти. Поплавен е и дел од обработливо земјоделско земјиште во атарот на селата Шупли Камен, Јачинце, Довезенце, Клечовце, Пчиња и Студена Бара. Специфичен пробле,м кој битно влијае на излевањето на реката Крива, претставува претходно полупаднатиот мост, кој ги дели селата Горно и Долно Довезенце, кој ја блокира водата што се заезерува и се излева од речното корито кон с. Јачинце. Оштетен е и постојниот мост со цевки Ф-1000, кој е на реката Пчиња од Шупли Камен кон с. Клечовце по течението кај Визијана.
Зголемен е и протокот на реката Пчиња во општината Старо Нагоричане поради зголемен водостој во Србија, како и низводно поради вливот и зголемениот проток на реките Бистрица, Алгушница, Петрошница. Во моментот од страна на АД „Кумановско Липковско Поле“ се преземаат дејства за отстранување на вегетацијата и правење насипи на реката Пчиња кај с. Војник и Ветуница во атарот на општина Ранковце. Во општина Ранковце кај с. Ветуница има изместено 2 пропуста, а на Ветуничка Река срушен е мостот на регионален пат во с. Ветуница кај мастото наречено Маркова Куќа. Претставници од Општината ќе извршат увид во текот на денот. Во с. Гиновце дотекла вода од суводолица, која се има излеано на локален земјен пат и кон неколку ниви во близина. Надлежните од Општина Ранковце ќе преземат мерки за санирање на состојбата.
Во општина Кратово, кај с. Трновац, каде што Кратовска Река се влева во Крива Река, има однесено насип и патот е поткопан.
Излеана е и Крива Река кај с. Куклица и поплавен е дел од патот. Обилните врнежи предизвикале и заматување на водата во градскиот водовод, при што претпријатието за стопанисување со водоводната мрежа врши хлорирање.
Утре ќе преовладува променливо облачно време со локални и послаби врнежи од дожд, а на планините на север од снег. Ќе дува умерен до засилен северен ветер, оосбено по должината на Повардарието, кој ќе се задржи и во следните денови. Поради продор на студена воздушна маса од север, в среда попладне и в четврток ќе има локални врнежи, кои речиси насекаде ќе бидат од снег. В петок и за време на викендот ќе биде многу студено, а температурата во поголем дел од земјата преку целиот ден ќе се задржи под нулата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

