Македонија
Tетово набави пет автобуси за градски превоз

Преку Проектот за подобрување на општински услуги кое Министерството за финансии го спроведува заедно со Светска банка општина Тетово набави пет автобуси за градски превоз во вредност од 720 илјади евра.
Со ова општина Тетово за првпат добива јавен превоз во градот со воведување на три градски рути.
На настанот за примопредвање на автобусите присуствуваа министерот за финанасии Фатмир Бесими и градоначалничката на Тетово Теута Арифи.
Министерот за финансии во своето обраќање истакна дека на граѓаните на Тетово им се обезбедува една нова општинска услуга, која ќе придонесе за подобрување на условите за живот во општината.
„Со ова на граѓаните на Тетово ќе им се обезбеди една нова општинска услуга, која ќе придонесе за: прво, безбеден превоз на патници, второ – поефикасен сообраќај во градот и трето, и особено битно, намалување на загадувањето. Исто така, со ова се отвораат и нови работни места за граѓаните во јавното претпријатие за транспорт. За набавката на автобуси преку МСИП-проектот општина Тетово доби 72,6 милиони денари или 1,18 милиони евра. Со реализирање на јавната набавка постигната е пониска цена за автобусите од 44,3 милиони денари или околу 720 илјади евра, додека за останатите средства има можност општината да ги искористи за друг проект“, рече Бесими.
Градоначалничката на Тетово Арифи посочи дека автобусите ќе бидат предадени на користење на локалното јавно-транспортно претпријатие “Тетово транспорт”. Со набавката на овие автобуси градот Тетово за прв пат добива јавен превоз за потребите на жителите на градот и околните населени места.
Планирани се три рути за одвивање на јавниот транспорт низ градот, кои ги опфаќаат главните артерии на градот во сите делови. Првата рута е од автобуската станица на улица Борис Кидрич до Универзитетот на Југоисточна Европа. Втората рута се движи по улиците Борис Кидрич, Иво Лола Рибар, Страшо Пинџур, т.ц. Мерџан, Илинденска, до Универзитетот ЈИЕ, улиците Љуботен, Киро Ристоски Дрнц, Ѓорче Петров, Браќа Миладинови, Булевар Видое Смилевски Бато, 29 Ноември, Благоја Тоска, Маршал Тито, Булевар Видое Смилевски-Бато и повторно завршува кај автобуската станица на улица Борис Кидрич. Третата рута по улиците Борис Кидрич, Булевар Видое Смилевски Бато, Маршал Тито, Благоја Тоска, 29 Ноември, Булевар Видое Смилевски Бато, Браќа Миладинови, Ѓорче Петров, Киро Ристоски Дрнц, Љуботен, Илинденска, Универзитет ЈИЕ и се враќа по Илинденска до т.ц. Мерџан, улица Страшо Пинџур, Иво Лола Рибар, Благоја Тоска и завршува кај автобуската станица на улица Борис Кидрич. Со овие три рути, се покрива целата територија на градот Тетово.
Бесими посочи и дека ова не е прв пат општина Тетово да реализира капитални проекти преку МСИП – проектот. Досега општина Тетово има добиено околу 3 милиони евра за спроведување на проекти во општината, како доизградба на булеварот „Видое Смилевски – Бато“, набавка на фотоволтаици, изградба на локални патишта и набавка на општинска механизација.
„Проектот за подобрување на општински услуги има за цел обезбедување на подобри услови за живот на граѓаните преку подобрување на општинските услуги. Преку овој проект се инвестира во капитални инвестиции низ општините со цел да се подобрат услугите кои тие ги даваат и на тој начин да се подобри животот на граѓаните кои живеат во нив. Се инвестира во локални патишта, водоводи, училишта, градинки, енергетска ефикасност, механизација и машини – односно се што придонесува за општинските услуги. Овој проект трае повеќе години и има вкупна вредност од околу 100 милиони евра. Преку него се дејствува и кон развој на локалните економии и подобрувањето на животниот стандард на граѓаните“, рече Бесими.
Министерот за финансии посочи дека минатата година Проектот за подобрување на општински услуги имал исклучително добра реализација на капиталните проекти од 98,75 проценти.
„Завршени се 43 капитални проекти во 37 општини во вредност од над 10 милиони евра од кои директна корист ќе имаат околу 150 илјади граѓани. Станува збор за опремување на училишта, градинки, изградба и реконструкција на локални патишта, на филтер станици, водоводни мрежа и други проекти кои придонесуваат за подобрување на општинските услуги“, рече Бесими.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Дел од Карпош и Аеродром денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 15.30 часот, корисниците од улицата Франце Прешерн, општина Карпош;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од улиците Симеон Кавраков, Петар Ацев и Анастас Митрев, општина Аеродром.
Македонија
Сончево со умерена облачност, попладне нестабилно со пороен дожд и грмежи

Сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, а во северните делови засилен северен ветер, кој ќе предизвика опаѓање на дневната температура за 3 до 5 степени. Попладне ќе има локален развој на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19, а максималната ќе достигне од 27 до 36 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, а попладне засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 32 степена.
Времето во наредните денови
Од денеска до среда во попладневните часови ќе има развој на нестабилна облачност со локален пороен дожд и грмежи. Потоа ќе преовладува претежно стабилно време, а дневните температури ќе бидат без промени.
Македонија
(Фото) Успешна евакуација на повредено лице со хеликоптер на Армијата

Вчера, во попладневните часови, по добиено барање од Центарот за управување со кризи (ЦУК), Армијата на Република Северна Македонија, поради сериозноста на повредите и непристапниот терен, изврши итна медицинска евакуација со хеликоптер од вВИНГ, на лице кое паднало во провалија во близина на Ливадичко Езеро, Шар Планина.
Повреденото лице, при падот, се здобило со скршеници на раката, ногата и колкот, како и со обилно крварење, поради што било во критична состојба. На лице место интервенираше екипаж- тим на парамедици, кои и покрај непристапниот терен успешно го извлекоа и имобилизираа повредениот.
„Армијата во координација со ЦУК и здравствените установи изврши успешна медицинска евакуација и го предаде повреденото лице на екипа од итната медицинска помош, по што истото беше транспортирано на понатамошен болнички третман.
Армијата на Република Северна Македонија, заедно со останатите институции во државата продолжува да дејствува во интерес на граѓаните, обезбедувајќи навремена и професионална поддршка“, се наведува во соопштението на Генералштабот на Армијата