Македонија
Повеќе нема да се лекуваат пациенти со коронавирус на очна и на клиниката за уво, нос и грло
Ковид центарот на Клиниката за Очни бочести од вчера е затворен.
Од Министерството за здравство информираат дека во текот на денешниот ден ќе се префрлат и останатите 4 пациенти од центарот на Клиниката за уво нос и грло и во текот на денот и тој центар ќе биде затворен.
Инаку во Скопје во моментот хоспитализирани се 283 лица, од кои 30 во последните 24 часа.
„Бројот на приеми во изминативе денови во глваниот град е стабилен и утрово до 8 часот имало 163 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места“, велат од Министерството.
Голем дел од пациентите кои се лекуваат во Скопје се на кислородна поддршка.
Што се однесува до другите градови, во моментот во болниците се лекуваат 359 пациенти.
По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 34 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 27 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 22 пациенти, во Велес се лекуваат 30 болни, а во Куманово 54 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД 19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 40 пациенти, во Прилеп 40 во ковид центарот во Гостивар 16, а во Струга 13 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 27 пациенти, во Кочани 3 во Кичево 13, Кавадарци 22, во Гевгелија 7 лица, а во Дебар 11 позитивни и суспектни на корона вирусот.
Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели низ целата држава е 620 и има околу 621 празен болнички кревет во ковид центрите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одржливиот избор е кул избор – втор саем на еколошки бизниси во рамки на Skopje Design Week 2025
Фестивалот Skopje Design Week 2025 се отвора со саем на еколошки бизниси, 8. и 9. ноември, во PUBLIC ROOM.
Во рамки на второто издание на Саемот, посетителите ќе имаат можност да запознаат и поддржат 24 македонски иновативни и еколошки бизниси, кои преку своите производи докажуваат дека малите чекори водат кон големи промени.
По успешното прво издание во 2023 година, Здружението за еколошка едукација и одржливо живеење Yes for Less повторно ја обединува македонската еко-заедница на вториот Саем на еколошки бизниси, кој ќе се одржи на 8. и 9. ноември, 2025 година во Public Room, Скопје. Настанот е дел од Skopje Design Week 2025, што ќе се одржи под мотото „Циркуларен начин на размислување“.
Бесплатен влез – откриј, купи, инспирирај се!
Саемот е отворен и бесплатен за сите посетители. Oткријте ја новата генерација на македонски еко-бизниси, да купите производи со позитивен импакт и да се инспирирате од луѓе кои секојдневно работат за поздрава животна средина. Да покажеме дека одржливиот избор е кул избор!
Локална иновација и глобална еко визија
Skopje Design Week 2025 и оваа година се позиционира како креативна платформа што ги поврзува дизајнот, модата, музиката, гастрономијата и одржливиот бизнис, промовирајќи иновативни решенија за регенеративен дизајн и локален развој.
Во рамки на второто издание на Саемот, посетителите ќе имаат можност да запознаат и поддржат 24 македонски иновативни и еколошки бизниси, кои преку своите производи докажуваат дека малите чекори водат кон големи промени.
На саемот ќе бидат претставени природна козметика, накит од рециклирани материјали, рачно изработени производи, уникатна облека од природни и реупотребени материјали, како и други еко-алтернативи за секојдневна употреба. Целта е да се покаже дека еколошките производи не се само подобри за животната средина, туку и поздрави за луѓето, без вештачки бои, парфеми или штетни хемикалии .
Yes for Less – заедница што инспирира промени
Бизнисите учесници се дел од мрежата на зелени бизниси на платформата www.yesforless.mk, која им овозможува на граѓаните да откријат еколошки навики, совети и производи на едно место. Платформата промовира одржлив развој и граѓанско учество, нудејќи простор за размена на идеи и заедничко решавање на еколошките предизвици во земјата.
Работилници за одржливост
Покрај изложбениот дел, Yes for Less ќе организира две тематски работилници во рамки на Skopje Design Week: „Дизајн за одржливост: Користење на дождовницата во секојдневието“, „Еко-села за дигитални номади во Македонија“, поддржана од ресторанот Кутмичевица од Вевчани – семеен етно пансион кој ја спојува традицијата, гастрономијата и одржливиот туризам.
Поддршка и порака
„Со овој саем и работилници сакаме да покажеме дека во Македонија постојат бизниси со силна визија за придонес кон одржливиот развој. Целта е да ги поврземе со граѓаните и да ги охрабриме да направат барем еден зелен избор повеќе во своето секојдневие“, велат од Yes for Less.
Настанот е поддржан од Грин Ленд Груп, лиценциран колективен постапувач специјализиран за управување со отпадни масла од автомобили и други возила.
Македонија
Откриен еден од убијците во Чашка, по вториот се трага – жртвата намамена, застрелана во глава и оставена покрај пат
Велешкото Обвинителство донесе Наредба за истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека бил соизвршител за убиство.
На 5 ноември, во местото викано Поројница, во близина на земјениот пат од Чашка кон селото Бусилци, осомничениот заедно со уште едно лице кое се уште не е идентификувано, го убиле велешанецот Ѓело Ѓошев.
Најпрво осомничениот го намамил и со својот автомобил го однел оштетениот на локацијата. Потоа заедно со другото лице пукале во него со огнено оружје, нанесувајќи му прострелна рана во черепот од која жртвата починала.
Осомничениот претходно бил сторител на кривично дело разбојништво, а според дел од доказите кои веќе се обезбедени, по убиството во Чашка се обидел да ги прикрие трагите и со тоа да влијае на постапката.
Од тие причини, за јавниот обвинител јасни се опасноста од бегство, можноста за влијание на сведоците и ризикот да го повтори делото, па достави предлог за определување мерка притвор.
По наредби на јавниот обвинител МВР интензивно работи на откривање и на другиот соизвршител, како и на точните мотиви за убиството.
Македонија
Филипче ја уништи СДС под диктат на Заев партијата е на раб на исчезнување, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Според ВМРО-ДПМНЕ, Венко Филипче е синoним за пропаста на СДС, по историскиот пораз каде партијата, како што велат, доживеа најтежок изборен дебакл и ја изгуби доминантната опoзициска позиција по што стана петта сила во Скопје, а трета на државно ниво.
„Одговорноста за дебаклот на СДС има име и презиме, Венко Филипче, кој како лидер на СДС под менторство на Зоран Заев ја доведе СДС до раб на исчезнување на политичкиот спектар.
Венко Филипче наместо да го релативизира и минимизира поразот треба да си поднесе оставка. Под водство на Филипче кој делува како продолжена рака на Заев СДС наместо промени и реформи стана синоним за расипништво, каде тандемот Филипче и Заев се луксузира на скапи одмори, јахти, поседува милионски имоти и инвестира во Дубаи.
Со само 126 илјади гласа и 6 општини СДС доживеа потоп. Народот ги казни ароганцијата, расипништвото и лажниот морал. СДС заборави на реaлните проблеми на граѓаните, партијата се оддалечи од народот и стана затворен елитен клуб кој мисли само на личните привилегии“.
Според владејачката партија, СДС е се уште под диктат на Заев, Филипче не се дистанцира од штетните политики на Заев, неместо реформи во СДС се прават козметички потези и се штити раководството.
„Итна оставка на Филипче и длабоки внатрешни реформи се единствениот начин СДС да преживее на политичката сцена.
За здрав демократски систем потребно е СДС да се ослободи од менторството на Заев и штетните политики на Филипче за конечно да стане конструктивна и одговорна опозиција. Македонија има потреба од силна, чесна и одговорна опозиција.
Додека СДС тонат во хаос и лични пресметки, ВМРО-ДПМНЕ останува посветена на народот, на реформите и на иднината на Македонија“.

