Свет
„Твитер“ ѝ забрани на кинеската амбасада во САД пристап до профилот поради твитот за Ујгурите
„Твитер“ ѝ забрани на кинеската амбасада во САД пристап до профилот поради наводна повреда на неговата политика против дехуманизација со твит во кој Кина ги брани своите активности во Сјинџијанг, пренесува РТ.
Ова се случува само неколку недели по суспендирањето на американскиот претседател Трамп од платформата. Платформата забранува „дехуманизација на група луѓе врз основа на нивната религија, каста, возраст, попреченост, сериозни болести, национално потекло, раса или етничка припадност“.
Технолошкиот гигант го заклучи @ChineseEmbinUS, официјалниот профил на кинеската амбасада, за наводно кршење на политиките против дехуманизацијата кога одбила да избрише твит за одбрана на политиките на владата во врска со Ујгурите муслимани во регионот Сјинџијанг. Портпаролот на „Твитер“ во средата потврди дека профилот е сè уште е заклучен.

Твитот, во кој се вели ‘жените Ујгури веќе не се машини за правење бебиња, благодарение на работата на кинеската влада за искоренување на екстремизмот во Сјинџијанг’ и наместо тоа станале ‘посамоуверени и независни’, од 8 јануари беше скриен зад известувањето „овој твит веќе не е достапен“.
Сепак, „Твитер“ бара амбасадата рачно да го избрише твитот за да ѝ го отклучи профилот. Амбасадата твитна неколку пати по објавувањето на навредливиот пост, кој остана видлив најмалку 24 часа пред да биде цензуриран.
Кинеските медиуми претходно го критикуваа одговорот на „Твитер“ на твитот како лицемерство зашто и други твитови, кои остануваат видливи, исто така ја бранат кинеската политика во однос на Ујгурите.
Една објава содржи графикон, кој прикажува како се зголемува бројноста на малцинството повеќе од 25 отсто од 2010 до 2018 година, а друг ги објаснува деталите на политиката на Пекинг за планирање на семејството во Ксинџијанг.
Does #Xinjiang really have forced sterilization policy? Find out what real scholars in #Xinjiang have to say:
?https://t.co/WbVtkxihr3 pic.twitter.com/cs4ARqeAkD— Hua Chunying 华春莹 (@SpokespersonCHN) January 8, 2021
Кина ја бранеше својата ујгурска политика како спротивставување на екстремизмот во регионот, а САД во ноември ја тргнаа ознаката „терористичко“ од Источното туркистанско исламско движење (ЕТИМ) – милитантна верска организација.
„Твитер“ им дозволи на критичарите на Пекинг, вклучувајќи го и поранешниот државен секретар на САД, Мајк Помпео, кого кинеската влада неодамна го санкционира за мешање во внатрешните работи на Кина, да ја обвинуваат Кина за спроведување геноцид во регионот наводно со насилна стерилизација на жените Ујгури.
Иако „Твитер“ е забранет во Кина, владата одржува профили таму и на другите западни социјални мрежи наменети за странска публика. Платформата нема историја на заклучување на профилите на кинеската влада предизвикувајќи шпекулации дека времето на овој потег сугерира обид да се покаже фер поради зголемена цензура.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Британската полиција ги истражува летовите на Епстин од аеродромот Стенстед
Полицијата во Есекс ги истражува информациите за приватни летови кои слетувале и полетувале од аеродромот Стенстед, по објавувањето на документи поврзани со Џефри Епстин. Овој потег следи откако поранешниот премиер Гордон Браун минатата недела ја повика британската полиција итно да ги испита тврдењата за криумчарење жени и девојки во земјата со авиони, пренесува Скај њуз.
Браун во текст за „Њу стејтсмен“ навел дека неодамна објавените документи за Џефри Епштајн откриваат дека авионот на осудениот педофил имал 90 летови кон или од британски аеродроми. Тој истакнал дека дури 15 од тие летови се случиле откако Епстин во 2008 година бил осуден за сексуален престап.
Портпаролот на полицијата во Есекс изјавил: Ги проценуваме информациите што се појавија во врска со приватните летови кон и од аеродромот Стенстед, по објавувањето на списите за Епштајн од страна на американското Министерство за правда.
Од аеродромот Стенстед соопштиле дека сите приватни авиони таму оперираат преку независни оператори (Fixed Base Operators), кои се задолжени за сите аспекти на приватното и корпоративното воздухопловство во согласност со прописите. Нагласиле дека сите имиграциски и царински проверки на патниците на приватни летови ги спроведува директно Граничната полиција.
„Тие користат целосно независни терминали со кои не управува Лондон Стенстед и ниту еден патник од приватен авион не влегува во главниот терминал на аеродромот. Аеродромот не управува ниту има увид во патничките аранжмани на приватно оперираните авиони“, се наведува во соопштението.
Свет
Советник во францускиот Сенат тајно фотографирал жени под здолништата
Поранешен советник во францускиот Сенат беше осуден на една година условна казна поради тајно фотографирање жени под здолништата, вклучително и во горниот дом на францускиот парламент.
На педесетгодишниот Себастијен Г. му се судеше откако двајца негови колеги во 2023 година, во заеднички простор на десничарската партија „Ле Републикан“, откриле хард-диск со повеќе од 1.800 фотографии, претежно од сексуална природа, како што навел судијата за време на судењето минатиот месец, пренесува „Ле Монд“.
На дискот имало фотографии од задници и деколтеа на облечени жени, направени на јавни места како улица или во Сенатот, како и фотографии од неговата поранешна девојка, која ја снимал гола во својот дом.
Следната година бил пријавен до управата на Сенатот, по што добил отказ по повеќе од две децении служба.
„Никогаш не сакав никого да повредам“, изјавил на судот во јануари, тврдејќи дека фотографиите никогаш не ги споделил. Навел дека чувствувал „потреба да ја собира убавината на жените“.
Судот му забрани пристап до Сенатот и му наложи психолошко и психијатриско лекување.
Минатиот месец судот го прогласи за виновен и поранешен сенатор кој дрогирал пратеничка со екстази со намера да ја сексуално нападне, и го осуди на 18 месеци затвор.
Свет
Истрага за ранчот на Епстин во Ново Мексико по тврдењата за закопани девојки
Властите на сојузната држава Ново Мексико покренаа истрага за ранчот „Зоро“, кој му припаѓал на осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, по обвинувањата дека на тој имот надвор од Санта Фе сексуално злоупотребувал девојки и жени, објави Аксиос.
Според пратеничката Андреа Ромеро, истрагата има за цел откривање на вистината и овозможување преживеаните да добијат правда.
Министерството за правда на Ново Мексико минатата недела му пишало на Министерството за правда на САД барајќи нецензуриран пристап до анонимен мејл од 2019 година во кој се наведува дека две „странски девојки“ биле закопани на ранчот „Зоро“.
Ранчот, кој Епстин го поседувал од 1993 година до неговата смрт во 2019 година, се простира на повеќе од 7.600 хектари и се појавува во повеќе јавно објавени досиеја поврзани со него.
Преживеаните тврделе дека биле злоупотребувани на тој имот, вклучително и сведочењето на Ени Фармер, која за време на судењето на Гислејн Максвел во 2021 година го обвинила Епстин дека ја злоупотребувал на тој ранч.
Двопартискиот одбор на Претставничкиот дом на Ново Мексико ќе собира сведоштва од преживеани и планира јавно именување на осомничените сторители.
Пратениците истакнуваат дека ранчот долго време бил надвор од дометот на правдата и дека истрагата има за цел обновување на довербата на јавноста и заштита на безбедноста на граѓаните.
Сегашните сопственици на ранчот, семејството на поранешниот сенатор од Тексас, Дон Хафинс, вети целосна соработка.
Првиот состанок на одборот е закажан за вторник, а привремениот извештај до Претставничкиот дом мора да биде поднесен до 31 јули, додека конечниот извештај се очекува до 31 декември, вклучувајќи и препораки за понатамошни постапки.

