Македонија
Брнабиќ: Ќе помогнеме вакцините на „Фајзер“ да се регистрираат во Северна Македонија

Српската премиерка Ана Брнабиќ за ТВ „Хепи“ изјави дека земјата е подготвена да испрати 8.000 вакцини во Северна Македонија и дека се работи за надминување на проблемот со регистрацијата на вакцините.
„Имаме договор, разговараа премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, и српскиот претседател, Александар Вучиќ. Вучиќ реши да им помогне со 8.000 вакцини. Ние помагаме да се регистрираат вакцините на ‘Фајзер’ во Северна Македонија. Ние работиме со нив. Проблемот може да биде во тоа што тие добиле вакцини на Фајзер’, но не биле регистрирани. Поентата не е само да се дојде и да се купи вакцината, но има многу повеќе работи зад завесите. Регистрација од соодветната агенција, план за вакцинација. Ние сме една од ретките земји што имаме соодветен информативен систем. Нашите граѓани знаат како да се пријават за вакцината, сè е транспарентно. Слушнав приказни од луѓе од други земји каде што велат дека немаат идеја како да се пријават, кои им се приоритетни групи“, изјави Брнабиќ.
Таа информира дека со изутринава ја надминале бројката од 50.000 вакцинирани лица во Србија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Судскиот совет го разреши судијата Енвер Беџети, кој е на црната листа на САД

Судскиот совет го разреши судијата од Апелацискиот суд Скопје, Енвер Беџети, од функцијата. Инаку, тој пред неколку месеци, заедно со поранешниот прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, беше ставен на црната листа на САД за примање мито и одолговлекување судски предмети поврзани со кривичното осудување на Сашо Мијалков, поранешниот директор на УБК.
Судскиот совет по спроведена постапка за утврдување на одговорност на судијата Енвер Беџети, на 26.05.2025 година донесе одлука за негово разрешување.
Беџети ја обжали одлуката, а Советот за одлучување по жалба при Врховниот суд на денешната седница донесе одлука со која го потврди решението на Судскиот совет од мај годинава.
Македонија
Вработени во Општина Гази Баба организирале создавање и палење депонии, објави Арсовска

Општината Гази Баба и нејзиното јавно претпријатие се затекнати во незаконски активности кои директно ја загрозуваат животната средина и здравјето на граѓаните. Возила со општински ознаки, кои само пред една недела добија нови црвени таблици заради разграничување од комерцијалните, се затекнати во создавање диви депонии на подрачјето на Јурумлери, објави градоначалничката на Градот Скопје, Данела Арсовска.
Наместо да ја извршат својата законска обврска и да го исчистат просторот на Вардариште, додава таа, одговорните во општината самите организирале создавање на депонии.
Дополнително, вели Арсовска, дел од нив биле и запалени, со што е предизвикано сериозно загадување.
„Оваа практика претставува сериозен доказ дека дел од општинските структури активно учествуваат во создавањето и ширењето на диви депонии, а потоа свесно ги палат, со што предизвикуваат голема штета по животната средина и по квалитетот на воздухот. Потсетуваме дека ваквите активности се во директна спротивност со законските обврски на општините и претставуваат кривични дела за кои мора да следи соодветна одговорност“, вели Арсовска.
Таа ги повика сите надлежни органи веднаш да постапат согласно законските надлежности.
Македонија
Зоран Божиновски исклучен од ЗНМ за „сериозни етички повреди и родово базирано вознемирување“

Управниот одбор на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), постапувајќи по предлог на Советот на честа при ЗНМ, донесе одлука за исклучување на Зоран Божиновски од членството на ЗНМ поради прекршувања на повеќе членови на Етичкиот кодекс на новинарите.
„Одлуката е донесена поради тешки и повторливи повреди на Етичкиот кодекс – преку серии неодамнешни објави што поттикнуваат родово базирано вознемирување кон новинарки и го нарушуваат угледот и приватноста. Освен ова, овие објави иницираат малициозни коментари со што се поттикнуваат и охрабруваат други лица да шират говор на омраза и закани, а на тој начин се создава непријателска средина и се зголемува ризикот по безбедноста на новинарките“, велат од ЗНМ.
„Советот на честа при ЗНМ, следејќи го Статутот и Правилникот за работа, по разгледување на пет доставени претставки до ЗНМ од страна на новинарките Жана Божиновска, а во име на Мирослава Симоновска, потоа од Јована Костадиновска, Анета Андонова, Сашка Цветковска и Мери Попова, одлучи дека Зоран Божиновски грубо ги прекршил член 10, член 15 и член 16 од Кодексот на новинарите. Врз основа на тоа, Советот даде предлог за исклучување, кој беше прифатен од Управниот одбор на ЗНМ.
Зошто е донесена оваа одлука? ЗНМ има обврска да ги штити професионалните стандарди и безбедноста на своите членови. Нормализирањето на вознемирувањето и јавните понижувања – особено кога се насочени кон жени – директно ја поткопува слободата на изразување, ја нарушува довербата во медиумите и ги обесхрабрува новинарките да бидат гласни и присутни во јавната сфера.
Кои се последиците ако ова не се третира соодветно? Игнорирањето на ваквите појави води кон зголемена неказнивост, ескалација на онлајн и офлајн напади, самоцензура и системско потиснување на женските гласови во медиумите, што е штетно за јавниот интерес и демократскиот дискурс. ЗНМ потсетува дека согласно измените на Кривичниот законик од 2023 година, загрозувањето на сигурноста на медиумските работници претставува кривично дело, за кое веќе постои и судска пракса.
Укажуваме дека секој член на ЗНМ при зачленување потпишува изјава дека ќе ги почитува одредбите на Етичкиот кодекс. Согласно член 20 од Статутот, член против кого се поднесени и прифатени претставки за сериозни прекршувања на Кодексот може да биде исклучен од здружението, а со тоа да ги изгуби бенефитите од членството – правна помош и застапување, право на добивање и користење новинарска легитимација (национална и меѓународна, согласно правилата), учество во органите и програмите на ЗНМ, пристап до обуки, мрежи и други членски услуги.
ЗНМ, како најстара професионална организација на новинари во земјата со 79-годишна традиција, останува на страната на професионалното новинарство и на сите новинар(к)и кои со интегритет и одговорност ја вршат својата работа во интерес на јавноста“, се додава во соопштението на ЗНМ.