Македонија
МОН: Второ полугодие со веќе воспоставениот модел е во интерес и на учениците и на заштита на јавното здравје
Континуитет на наставата во второто полугодие по веќе воспоставениот успешен модел од првото полугодие е во интерес и на учениците и на наставниците и на јавното здравје. Со овој модел никој не е изоставен од наставата, а се покажа како оправдан и успешен и затоа не треба да се менува, велат од Министерството за образование и наука.
Од таму велат дека веруваат дека Сојузот на средношколци и останатите матурантите ќе ја почитуваат оваа одлука на Комисијата за заразни болести спроведена од МОН и сите заеднички ќе придонесеме за зачувување на јавното здравје.
„За потсетување првото полугодие заврши успешно со хибридниот модел на настава. Имавме над 90% ученици коишто успешно следеа онлајн настава, помалку од 1 % активни случаи со Ковид-19 на наставници и ученици од оние кое беа со физичко присуство, според однапред утврден распоред се емитуваа часовите на македонски и албански јазик на НТВ, а наставниците на децата без уреди им доставуваа материјали и го следеа совладувањето на материјалот. Наставата течеше според планот, а оценувањето се заврши на време. Исто така потсетуваме дека полагањето на државната матура е заокружување на образовниот процес и е задолжителна за упис на сите високообразовни институции. Освен државната матура, со Концепцијата за полагање матурски испити предвидена е можноста за полагање училишна матура, за ученици што нема да го продолжат своето образование на факултетите“, велат од МОН.
Учениците од сите средни училишта, се додава во соопштението, до 31 декември ги завршија своите законските обврски и уредно ги пријавија испитите за полагање на државната матура.
„Истовремено, според планот, се реализираат и подготовките за изработка на проектните задачи, коишто учениците ги изработуваат во соработка со своите избрани ментори, професори од соодветните области. Во истиот период, беа формирани училишните комисии кои работат на системот на организација и реализација на матурските испити. Исто така, Државниот испитен центар веќе ги заврши постапките околу составувањето на Државните матурски комисии и истите ги креираат прашањата по сите предмети, а во согласност со скратените наставни програми и условите во изминатиот период. Министерството за образование и наука заедно со средношколците започнува процес за промени во концепцијата на државната матура. Променетиот начин на полагање би се применувал од учебната 2021/2022 година, а ќе се прави во заеднички и конструктивен дијалог со средношколците и наставниците“, велат од Министерство за образование и наука.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Со милошевичко – орбанистички пристап, власта го загрози проектот „Скопје – Европска престолнина на културата“
Од ВМРО-ДПМНЕ да не се прават на Тошо. Ако денес го признаваат хаосот во проектот „Скопје – Европска престолнина на културата“, тогаш нека кажат и кој го создаде тој хаос. Муцунски, Орце Ѓорѓиевски и Љутков се на власт. Тие го заглавија проектот, го водеа спротивно на закони, без транспарентност, без консултации и без вклучување на културниот сектор. Денес сами признаваат дека бил блокиран, а од кого, од нив, велат од СДСМ.
Од партијата велат дека со нивниот милошевичко – орбанистички пристап кон невладиниот и независниот културен сектор, оваа власт не само што го загрозила кредибилитетот на проектот, туку ги срушила и неговите темели:- плурализам, уметничка слобода и европски стандарди.
„Видовме и која е нивната визија: Скопје престолнина на кичот. Затоа Љутков, наместо да го турка овој европски проект, откако е министер, само се жали дека СДСМ не го одржувала скапо платениот стиропор од Скопје 2014. Културната престолнина не е партиски плен за блиски фирми и „клиенти“, туку европски процес што треба да го води целата културна фела – уметници, институции, независна сцена, академска заедница. Затоа, должни се пред македонската јавност да одговорат: Кoja е нивната визија за проектот? Што точно образлагале во Брисел? Каква програма презентирале? Кои реформи ги гарантираат?“, велат од СДСМ.
Од опозицијата наведуваат дека досега се виделе само импровизации, затвореност, игнорирање на секторот и манипулации за дневнополитички потреби.
„Скопје ќе биде европска престолнина на културата само ако се врати духот на европските вредности: отвореност, транспарентност, професионализам и вистинска поддршка на уметниците. А тоа е невозможно со власт која ја става културата во кафез и ја води како партиски проект, без концепт и без одговорност“, сметаат од СДСМ.
Македонија
Мицкоски на Самитот на лидери во Тирана
Премиерот, Христијан Мицкоски, утре, петок, ќе присуствува на Самитот на лидери „Нашиот план до ЕУ“ кој ќе се одржи во Тирана, Република Албанија.
Предвидено е на панел дискусијата насловена „Исполнување на заеднички обврски, резултати и забрзување“ да се обрати премиерот Мицкоски.
Македонија
Мицкоски во Тирана на отворање на новите канцеларии на Македонското здружение „ВМРО-ДПМНЕ Албанија“
Денеска во Тирана во присуство на голем број Македонци од Албанија претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Владата Христијан Мицкоски, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓоргија Сајкоски и претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ Жаклина Пешевска, на покана на Македонско здружение „ВМРО-ДПМНЕ Албанија“ присуствуваа на отворање на новата канцеларија на ова здружение.
Мицкоски во обраќањето пред присутните ја нагласи и можноста на Македонците во Албанија да имаат свој клуб, можност за здружување, можност слободно да работат на зачувување на својата култура, идентитет, јазик и традиција, можност што ја немаат Македонците во Пиринскиот дел на Бугарија.
„Македонците во Пиринскиот дел ја немаат оваа можност да се организираат, во 21 век се спречени да регистрираат невладино здружение, не можат да зборуваат слободно за својот македонски идентитет. Ние сме вредни, трпеливи и умни и ве уверувам дали сега или во периодот којшто следи, ќе дојдеме до таа цел“, посочи Мицкоски.
„Мене ми е драго што на сите овдека ни е јасен тој наш вековен автентичен македонски корен и наш вековен македонски идентитет. Како што можам да забележам македонскиот јазик се негува и се чува и тоа особено ме импресионира вечерва“, додаде тој.

