Регион
Рација во стриптиз-клуб во Бања Лука: Три девојки признале проституција и ја откриле цената на услугите
Сопственикот на стриптиз-клубот „Карибик денс“, Лари Живковиќ, кој беше уапсен во акцијата „Долар“, е пуштен на слобода, како и две девојки, додека четворица Словенци и четири српски државјанки се предадени на полициската канцеларија за странци во БиХ, потврди полициското одделение во Бања Лука, а пренесува „Дневни аваз“.
Полицијата ќе поднесе пријава против Живковиќ до јавното обвинителство во Бања Лука под сомнение дека сторил кривични дела наведување на проституција и непочитување на здравствените прописи за време на епидемијата, бидејќи клубот работел по 22 часот.
„Против правното лице, односно стриптиз-клубот поднесена е пријава од комуналната полиција, а подоцна ќе се одлучи дали клубот ќе биде привремено затворен“, наведуваат од полицијата.
Извор близок до истрагата вели дека три од шест притворени девојки за време на истрагата признале дека се занимавале со проституција, додека другите го негирале тоа, тврдејќи дека тие работеле само како танчерки. Проституција признале српските државјанки Звездана Д. и Нина К. односно Адна М. од Бања Лука, кои поради тоа се казнети, а тие исто така откриле по која цена ги наплаќаат ваквите услуги.
„Тие признаа дека за сексуални услуги наплаќале 400 марки“, изјавил изворoт од истрагата. Патем, сликите на девојките се објавени на фејсбук-страницата на стриптиз-клубот. Четиристотини босанско-херцеговски конвертибилни марки се околу 200 евра.


Како што дознава „Дневни аваз“, сите четири српски државјанки ќе бидат протерани од БиХ. Во акцијата беа уапсени и словенечките државјани Бернард Ќосиќ, кај кого била пронајдена мала количина дрога, и Ален Дурановиќ, Мирослав Савановиќ и Мирхад Ферхативиќ, кои биле позитивно тестирани на кокаин.
Двајца од четворицата ќе бидат протерани од земјата, додека Ќосиќ ќе биде обвинет за поседување дрога, а Савановиќ поради попречување на работата на полициските службеници.
Управата на хотелот „Четојевиќ“ издаде соопштение во кое се наведува дека хотелот нема никаква врска со акцијата „Долар“, а рацијата е извршена во стриптиз-клубот „Карибик денс“, кој го користи изнајмениот простор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

