Свет
Трамп има нов план за борба против Сенатот
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп има нов план за борба против отповикувањето, за кое треба да расправа Сенатот.
Трамп ќе им се закани на републиканците, кои би можеле да гласаат против него во Сенатот, со основање на нова партија, но исто така и дека ќе поддржи свои кандидати против републиканците на следните избори.
Сенатот закажа расправа за отповикување на Доналд Трамп за почетокот на февруари и иако му истече мандатот, одлуката на сенаторите против поранешниот претседател може да ги доведе во прашање неговите идни активности и можната кандидатура за следните претседателски избори, пишува „Спутник“.
Затоа Трамп, кој во предлогот за отповикување усвоен во Претставничкиот дом на Конгресот е обвинет за поттикнување бунт, е подготвен да се бори со цел да ги убеди неговите сопартијци да не им се придружуваат на демократите во гласањето против него, ги пренесува РТ информациите објавени во „Вашингтон пост“.
За да биде отповикан Трамп, на демократите треба да им се придружат 17 републикански сенатори, за предлогот за отповикување да добие двотретинско мнозинство во Сенатот, во кој силите се поделени 50:50, додека решавачкиот глас го има претседателот, односно новата американска потпретседателка Камала Харис.
Според „Вашингтон пост“, повикувајќи се на неофицијални извори, Трамп е подготвен да поддржи сопствени кандидати во номинациите на републиканците за изборите во Конгресот, со цел да ги убеди сенаторите да не гласаат против него.
Исто така, според американскиот весник, постои закана дека Трамп ќе основа своја партија, што би имало поразителен ефект врз веќе поделената Републиканска партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Москва: Европа го блокира мирот и поттикнува војна во Украина
Неонацистичкиот режим во Киев продолжува со нападите врз цивилни објекти, тероризирајќи го мирното население на Русија, изјави Марија Захарова, портпаролка на Министерството за надворешни работи на Русија, на денешниот брифинг за медиумите.
Таа истакна дека во текот на изминатата недела, како резултат на украинските напади, 113 руски граѓани претрпеле последици, од кои 19 биле убиени – меѓу нив и едно дете. 94 лица биле повредени, вклучувајќи десет деца.
Захарова изјави дека руските повици за мирно решавање на украинската криза со елиминирање на нејзините причини наидуваат на сè поголемо разбирање меѓу странските лидери и политичари, и дека претставниците на земјите од Глобалниот Југ и Исток континуирано покажуваат поддршка за Москва.
„Во исто време, се слушаат оправдани критики против земјите од ЕУ, кои го спречуваат процесот на преговори и со сета своја сила поттикнуваат понатамошна ескалација на конфликтот“, додаде таа.
Како што наведува, таков став неодамна изрази, меѓу другите, премиерот на Унгарија Виктор Орбан, членката на Претставничкиот дом на Конгресот од редовите на републиканците Ана Паулина Луна и многу други.
Регион
Вучиќ: Најмоќните сили сакаат да ни ја украдат територијата, во следните 10 дена ќе имаме нешто што ќе ги направи среќни
Српскиот претседател Александар Вучиќ денес се обрати до јавноста од Самарканд, каде што присуствуваше на отворањето на 43-та сесија на Генералната конференција на УНЕСКО.
Тој изјави дека разговарал со претседателот Пелегрини за европскиот пат на Србија, но и за билатералните односи, за кои верува дека можат да се подобрат.
Вучиќ, исто така, изјави дека е многу важно што Генералната конференција на УНЕСКО за прв пат се одржува надвор од Париз, честитајќи им на домаќините за организацијата.
Кога станува збор за средбата меѓу Трамп и Џјинпинг, Вучиќ очекува работите да почнат да се менуваат дури од јануари.
„И јас тогаш реков дека е важно Кина да се вклучи бидејќи без неа е тешко да се постигне голем договор. Мислам дека е добро за светот. За нас е важно што помина добро, а не ни треба ни да ги знаеме сите важни детали. Имаме многу добри односи со Кина и би рекол дека се обидуваме да изградиме подобри односи и со Америка“, рече Вучиќ.
Во врска со веста дека Сирија го признала Косово, тој рече дека тоа била очекувана вест.
„Ја зачувавме нашата позиција во УНЕСКО и позицијата на меѓународното јавно право. Веста дека Сирија го призна Косово беше очекувана и сега разбираме колку ни значеше слободарскиот пристап на Башар Ал Асад кога беше на власт. Јасно е кога доаѓа некој што е под огромно влијание на една од клучните земји во регионот, како што е Турција. Тоа е истиот ракопис како минатата година од Анталија. Го повикаа нашиот министер за надворешни работи, немаа време за билатерален, а потоа Судан ја призна независноста на Косово“. Добиваат наредба и се однесуваат соодветно, но бидејќи гледам дека се премногу среќни, ќе имаме нешто да им угодиме во следните 10 дена. Ова е маратон, а не трка на 50 метри“, рече Вучиќ, пренесуваат медиумите во соседството.
Свет
Џ. Д. Венс се надева дека неговата сопруга ќе стане христијанка
Потпретседателот на САД, Џ. Д. Венс, рече дека се надева оти неговата сопруга Уша, која е хинду, еден ден ќе стане христијанка. Тој ја сподели својата лична желба за време на говорот на настан за конзервативната организација Turning Point USA на Универзитетот во Мисисипи, објави „Њузвик“.
„Се надевам дека таа го гледа евангелието на ист начин“, рече тој.
Венс им откри на присутните дека неговата сопруга веќе го следи во црква, иако не е христијанка. „Сега, повеќето недели, Уша доаѓа во црква со мене“, рече потпретседателот.
Потоа јасно ги искажа своите очекувања. „Како што ѝ кажав и јавно изјавив, а ќе кажам и сега пред 10.000 мои најблиски пријатели: Дали се надевам дека на крајот ќе биде трогната од истото тоа што мене ме трогна во црква? Да, искрено се надевам. Бидејќи верувам во христијанското евангелие и се надевам дека мојата сопруга на крајот ќе го гледа на ист начин“.
Сепак, тој бргу додаде дека ја почитува нејзината одлука, каква и да била. „Но, ако не, тогаш Бог вели дека секој има слободна волја, па тоа не е проблем за мене“, заклучи тој.
Митингот на кој зборуваше Венс беше посветен на чествувањето на убиениот конзервативен активист Чарли Кирк, а присуствуваше и неговата вдовица Ерика.
Фото: ЕПА

