Македонија
За 24 часа хоспитализирани 19 лица, во ковид-центрите во Скопје има 262 пациенти
Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје се хоспитализрани 19 нови пациенти поради компликации од коронавирусот, информираат од Министерството за здравство.
Од таму додаваат дека вкупно 262 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.
Во последното деноноќие, на интерните клиники имало 6 приеми.
„Во ковид-центарот во ГОБ ‘8 Септември’ имало 4 нови приеми на пациенти, а на Инфективната клиника 10 во текот на вчерашниот ден. Во изминатите 24 часа дома се пуштени 22 оздравени пациенти“, се наведува во соопштението.
Во моментов на Кожната клиника во ковид-центарот се лекуваат 19 пациенти, на Клиниката за неврологија 16 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 22 пациенти со симтоми на коронавирусот, во ковид-центарот на Клиниката за нефрологија се сместени 16 пациенти. На Клиниката за гастроентерохепатологија лежат 12 пациенти.
Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 81 болен, а на Клиниката за инфективни болести лежат 88 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца (Козле) има 8 пациенти.
Од вкупно 262 пациенти кои лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град, голем дел се на кислородна поддршка.
Бројот на приеми во изминативе денови е стабилен и утрово до 8 часот имало 140 слободни места, а се очекува во текот на денот по направените исписи на оздравени пациенти да се ослободат и дополнителни места.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пратеникот Јанчев кој имаше сообраќајка во која загина тинејџер доби обвинение, свртел на место каде не смеел
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против Сашко Јанчев, пратеник од партијата Левица, за кривично дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, согласно член 300 став 4, во врска со член 297 став 3 и став 1 од Кривичниот законик.
Обвинението се однесува на тешката сообраќајна несреќа што се случи на 14 септември, по полноќ, во скопското село Марино, во која животот го загуби 16-годишниот Матеј Димовски, а неговата 13-годишна сопатничка беше тешко повредена.
Според Обвинителството, по спроведена истражна постапка, обезбедени се сите релевантни докази и извршени се соодветни вештачења со кои се утврдени причините за несреќата.
Обвинетиот управувал патничко возило „Хјундаи Тусон“, при што не се придржувал до сообраќајните прописи и со своето однесување го загрозил јавниот сообраќај и безбедноста на учесниците.
„Осомничениот непрописно свртел со возилото, без претходно да се увери дека маневарот може да го изврши без да ги загрози другите учесници во сообраќајот“, наведува Обвинителството.
Во тој момент, во возилото удрил мотоцикл марка „Јијинг“, без регистарски ознаки и без вградени светлосни уреди, со кој управувал починатиот 16-годишник. Според официјалните наводи, мотоциклистот немал возачка дозвола, а ниту тој ниту неговата сопатничка не носеле заштитни кациги.
Како последица на тешките повреди здобиени во сообраќајната несреќа, малолетниот возач на мотоциклот починал, додека девојчето кое било сопатник се здобило со тешки телесни повреди.
Македонија
Скопје руши рекорди по загаденост, утрово е втор град во Европа
Според светскиот сервис IqAir Скопје утрово е на 20 место во светот, а второ во Европа по загаден воздух.
Доколку се следат податоците од апликациите кои ја мерат загаденоста на воздухот, Скопје и утрово е град со многу висока загаденост. Според светскиот сервис IqAir Скопје утрово е на 20 место во светот, а второ во Европа по загаден воздух.
Најзагаден воздух утрово дишат жителите на населбата Илинден.
Министерството за животна средина алармираше дека е надминат прагот на алармирање. Загадувањето во Скопје е децениски проблем особено во зимскиот период и времетраењето на грејната сезона.
Македонија
Студено утро со измерени -5 степени во Берово
Најстудено изутринава е во Берово, каде се измерени – 5 степени, по што следуваат Битола и Струмица, -4, Скопје-Петровец и Штип, – 3, Демир Капија, Велес и Куманово, – 2. Во Тетово, Скопје-Зајчев Рид, Кавадарци, Гевгелија, Прилеп, Mаврови Анови и Претор температура од – 1, Крива Паланка, Попова Шапка, 0, Охрид, 1, Виница и Kрушево 2, информира Управата за хидрометоролошки работи (УХМР).
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко со појава на магла. Максималната температура ќе достигне до 7 степени.
УХМР најави дека до вторник ќе се задржи стабилно и претежно тивко време. По одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Од вторник кон крајот на денот и во следните денови ќе има повремени локални врнежи од дожд. На планините и на повисоките места врнежите ќе бидат од снег.

