Економија
Општините за украсување за Нова година потрошиле 405 илјади евра

За украсување за Новата 2021 година, општините потрошиле 40 % помалку пари од лани, а новогодишни пакетчиња купиле 56 институции. Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) ги објави истражувањето и базата на податоци на трошоците за новогодишно украсување на општините низ земјава и купените новогодишни пакетчиња за децата.
За украсување на Градот Скопје и уште 15 други општини во земјава за Новата 2021 година се потрошени вкупно 405 илјади евра, што е сепак за 40 % помалку од лани. Од украсување за новата 2021 година се откажале девет општини кои имале тендери за претходната година. 14 општини имале тендери за украсување и лани и годинава, а 3 општини и едно државно претпријатие немале лани, но имале тендери за новата 2021 година.
За разлика од дочекот на ланската година кога тендери за украсување имале Градот Скопје и седум скопски општини, за дочекот на оваа година тендери имале Градот Скопје и уште три други скопски општини: Карпош, Гази Баба, Аеродром, но и Градскиот трговски центар. Украсувањето на Скопје и скопските општини вкупно чинело 298 илјади евра, што е три четвртини од сите пари потрошени за новогодишно украсување во земјава.
И годинава, најголем дел од вредноста на договорите за украсување добиле две скопски фирми – Линк Медиа Плус и Метал-Вет-Ел, а на половина од тендерите имало само по една понуда. Новогодишни пакетчиња за 2021 година купиле 56 институции. 14 од нив спровеле тендер, а другите 42 купиле пакетчиња во вредност под илјада евра за што не се спроведува тендер. Цените на едно новогодишно пакетче се движат од 150 до 1.249 денари.
Ова истражување се реализира во рамките на активноста Јавно трошење за јавно добро, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Целта на оваа активност е зголемување на ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Дурмиши за новата потрошувачка кошничка: ќе служи за градење политики поврзани со минималната плата и ќе се усогласи со европските стандарди

На четвртата седница на Економско-социјалниот совет, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши ја истакна важноста од повторното активирање на трипартитниот дијалог меѓу Владата, синдикатите и работодавачите, кој претставува суштински механизам за социјална кохезија и економски напредок. Тој ги поздрави новите претставници на Конфедерацијата на слободни синдикати, со што, како што рече, се враќа легитимитетот на Советот.
Министерот информираше дека е успешно завршена постапката за утврдување на репрезентативноста на синдикатите – прашање што подолг период го блокираше нормалното функционирање на ЕСС. Воедно, се предложени измени на Законот за работни односи, со кои прагот за репрезентативност се намалува од 10 на 5 проценти, со цел да се поттикне поинклузивен и плуралистички социјален дијалог.
Дурмиши го претстави и процесот за изработка на нова, официјална методологија за пресметка на потрошувачката кошничка, заснована на проверливи и релевантни податоци од Анкетата за потрошувачка на домаќинства, спроведена од Државниот завод за статистика. Новата кошничка ќе служи како основа за градење политики поврзани со минималната плата и социјалните трансфери и ќе биде усогласена со европските стандарди.
Економија
Трипуновски: Откупните цени за пиперката се зголемени – прва класа ќе се откупува по 45 денари за килограм

Откупните цени за пиперката се зголемени – прва класа ќе се откупува по 45 денари за килограм, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„На состанокот се договорија откупните цени по класи за пиперката. За прва класа откупната цена на пиперката изнесува 45 денари, за прва-втора класа е 35 денари, за втора класа откупната цена изнесува 20 денари, а за трета класа откупната цена ќе биде 15 денари”, појасни министерот.
Тој посочи дека тоа се почетните цени со кои што ќе започне откупот на пиперката за реколтата 2025 година.
„Пиперката во Македонија се одгледува во два региони – струмичкиот и прилепскиот регион. Бербата треба да биде во договорен период за да не се соочиме со зголемена количина на берба на пиперка во текот на денот и да имаме застој во откупот”, додаде министерот Трипуновски.
Министерот истакна дека оваа година откупните цени за пиперката се зголемени во однос на минатата година.
„Текот на откупот ќе го следиме преку Државниот инспекторат за земјоделство. Како Министерство стоиме на располагање, а трендот на зголемување на земјоделското производство треба да продолжи и понатаму”, посочи тој.
Економија
Владата работи на зголемување на просечната плата, најави Мицкоски

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со растот на платите во државата, со оглед на најновите статистички податоци, според кои просечната нето плата бележи раст и изнесува 45.800 денари, изјави:
„Прво што сакам да кажам е дека и тоа не е доволно. Дека треба да биде уште поголема просечната плата, и во таа насока продолжуваме, како Влада, да работиме. Но и самиот факт и бруто и нето, од просечната плата растат повеќе од 11% е демант за сите оние, би рекол, некрофили во рамките на опозицијата, кои што изминатиов период континуирано конструираа и лиферуваа лаги во јавноста, дека платите не растеле, дека платите стагнирале итн. Но овие податоци коишто пристигнуваат се само доволен доказ дека тие, освен тоа што не говорат вистина, шпекулираат, конструираат и креираат невистини. Друго ништо не можат да сработат и токму затоа таква е состојбата во опозицијата, и токму затоа народот ја изгуби довербата во нив.“
Владата продолжува да работи, рече премиерот, за граѓаните да имаат уште повисоки примања.
„И нормално, ние како Влада продолжуваме и понатаму да работиме за уште повисоки примања на работниците, затоа што тоа е наша цел, да испорачаме тоа што граѓаните од нас очекуваат.“, објасни Мицкоски.