Свет
Државен удар во Мјанмар, армијата го уапси претседателот
Владејачката партија на Мјанмар, Националната лига за демократија (НЛД), денес потврди дека армијата ги уапсила претседателот Вин Минта и лидерот на партијата Аунг Сан Су Чи и ги повика граѓаните да останат смирени, при што странските држави ги осудуваат воените дејства во првичните реакции, пренесува „Ројтерс“.
Воената акција следуваше утрово бидејќи генералите побараа од владејачката партија да ја одложи денешната конститутивна седница на парламентот, на која НЛД освои 83 проценти од местата, а портпаролот на партијата, Мио Ниунт, за „Ројтерс“ изјави дека покрај Аунг Сан Су Чи, притворен е и претседателот Вин Минт и други партиски лидери.
Владејачката партија ги повика граѓаните да не реагираат на акцијата на армијата, чии припадници патролираат по улиците на поголемите градови, а телефонските линии и интернетот се прекинати во Непјидо и Јангон.
Белата куќа соопшти дека претседателот Џо Бајден бил свесен за апсењето на Аунг Су Чи.
„Соединетите Американски Држави се спротивставуваат на секој обид за промена на исходот од неодамнешните избори или ја попречуваат демократската транзиција во Мјанмар и ќе ги преземат сите мерки против одговорните за овие случувања доколку не се промени ситуацијата“, рече портпаролката Џен Псаки.
Австралиската влада соопшти дека е длабоко загрижена од извештаите дека војската повторно се обидува да ја преземе контролата над Мјанмар и повика на итно ослободување на нелегално притворените политички лидери.
Јапонија соопшти дека ја следи ситуацијата, но во моментот не планира да ги повлече јапонските државјани од Мјанмар.
Армијата на Мјанмар рано утрово прогласи вонредна состојба, ја презеде власта во земјата и потврди дека извршила апсења на високи владини претставници како одговор на наводната измама за која тврдат дека била извршена за време на изборите минатата година и му ја предала власта на командант началникот, генерал Мин Аунг Хлаингу.
Политичките тензии во земјата ескалираа минатата недела кога портпаролот на армијата одби да ја исклучи можноста за државен удар, само неколку дена пред свикувањето на новиот парламент и предупреди дека вооружените сили може да преземат мерки доколку не бидат разгледани нивните поплаки за изборна кражба.
Изборната комисија на Мјанмар во четвртокот ги отфрли тврдењата на армијата за изборни измами и ги потврди резултатите од гласањето, на кои НЛД освои 83 проценти од местата во парламентот, што доведе до најдиректни конфронтации меѓу цивилната влада и армијата.
Уставот на Мјанмар предвидува 25 проценти места во парламентот за армијата и контролата на трите клучни министерства во новата администрација на Чи, а командантот на армијата, Мин Аунг Хлаинг, рече дека уставот треба да се укине доколку не се почитува повикувајќи се на претходните случаи во Мјанмар, соопшти агенцијата.
Генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш, остро ги осуди воената акција и денешното притворање на Аунг Сан Су Чи и другите политички лидери во Мјанмар и го повика военото раководство да ја почитува волјата на народот изразена на последните избори.
„Овие настани се сериозен удар врз демократските реформи во Мјанмар, сите релевантни лидери во земјата треба веднаш да почнат дијалог и да се воздржат од какво било насилство и целосно да ги почитуваат човековите права и основните слободи“, рече портпаролот на генералниот секретар на ООН, Стефан Дизарик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Напнатост меѓу Киев и Будимпешта по изјавите за мешање во изборите
Украинското Министерство за надворешни работи соопшти дека го повикало Антал Хајзер, унгарскиот амбасадор во Киев, на разговор поради недамнешните изјави на високи унгарски политичари, меѓу кои и премиерот Виктор Орбан, за наводно украинско мешање во претстојните парламентарни избори во Унгарија.
Министерството упатило протест до унгарскиот амбасадор, негирајќи дека Украина се меша во унгарските избори. Притоа нагласило дека Киев решително се спротивставува на „секој обид на унгарската страна да ја вовлече Украина во унгарската изборна кампања“, оценувајќи дека таквите постапки му штетат на развојот на билатералните односи.
Украинското Министерство за надворешни работи ја повикало Унгарија „да престане со својата агресивна реторика против Украина“ со цел да се избегнат понатамошни негативни последици за билатералните односи. Воедно било наведено дека Украина и понатаму е подготвена за конструктивна соработка со Унгарија.
Во соопштението се повторени и повиците до Будимпешта да престане да ги блокира преговорите за пристапување на Украина во Европска унија, со образложение дека членството на Украина би било во интерес и на двата народа, како и на унгарското малцинство во Украина.
Свет
(Видео) Мелони од хеликоптер го обиколи Нишеми, градот на Сицилија што го голта свлечиште
Италијанската премиерка, Џорџа Мелони, денес го посети сицилијанскиот град Нишеми, каде што по големо свлечиште десетици куќи се наоѓаат на работ од провалија, јави Анадолу.
Поради постепеното уривање на ридот, повеќе од 1.500 луѓе се евакуирани. Свлечиштето започнало во неделата навечер и продолжило да се шири и во понеделникот.
Шефот на цивилната заштита, Фабио Чичилијано, изјави дека куќите на работ од свлечиштето се ненаселиви и дека жителите ќе бидат преселени.
Мелони го прелетала погоденото подрачје со хеликоптер, по што се сретнала со локалните власти за проценка на состојбата.
Италијанската влада прогласи вонредна состојба за Сицилија, Сардинија и Калабрија, региони тешко погодени од силни бури. За итни потреби се издвоени околу 100 милиони евра, додека локалните власти ја проценуваат штетата на повеќе од две милијарди евра.
Регион
Италија ги истражува „викенд-снајперистите“, Сараево се приклучува на постапката
Градскиот совет на Сараево денес даде согласност Градот да се приклучи кон кривичната постапка што во Милано се води против лица осомничени за снајперско дејствување врз цивили за време на војната. Одлуката е донесена откога италијанското обвинителство покрена истрага за таканаречените „викенд-снајперисти“, кои наводно плаќале за да пукаат врз цивили во опколениот град, пренесе Радио Слободна Европа.
Италијанските медиуми на почетокот на ноември минатата година објавија дека обвинителството во Милано покренало истрага врз основа на пријава од писателот и новинар Ецио Гавацени. Според неговата пријава, странци плаќале големи суми пари за со снајпер да убиваат граѓани.
Гавацени, по неколку обиди на Радио Слободна Европа да добие изјава, индиректно порача дека не сака јавно да истапува. Во меѓувреме, во Милано одржал прес-конференција на која најавил дека во февруари ќе објави книга за „снајперското сафари“.
Првите наводи за доаѓање странци на боиштето, како што вели, ги видел уште во 1995 година во текст на весникот Кориере дела Сера, по што почнал да пишува трилер на таа тема. Но, набрзо се откажал бидејќи сфатил дека знае премалку. На идејата повторно се вратил дури во 2022 година, поттикнат од документарниот филм Сараево сафари на словенечкиот режисер Миран Жупанич.
Се очекува обвинителството во Милано јавноста да ја информира за резултатите од истрагата во март оваа година. Доколку биде подигнато обвинение и се докаже вината на осомничените, тоа ќе биде прв случај во Европа некој пред суд да одговара за снајперски убиства на цивили во Сараево.
Додека се чека исходот од истрагата во Италија, и правосудството на Босна и Херцеговина ги проверува наводите, но до денес ниту еден снајперист не е процесиран за убиствата на цивили, а особено на деца, во Сараево.
За време на војната од 1992 до крајот на 1995 година, странски новинари и фоторепортери повремено престојувале на позициите на српските сили околу градот. Радио Слободна Европа контактирала некои од нив, но никој не можел да потврди дека лично видел странец кој платил за да пука врз градот.
За време на речиси четиригодишната опсада на Сараево, според податоците на здруженијата на жртви и пресудите на меѓународните судови, секое десетто дете убиено во градот загинало од снајперски истрел. Ранети се повеќе од 14.000 деца.
И покрај тоа, ниту еден снајперист до денес не одговарал по лична одговорност, ниту пред домашните, ниту пред меѓународните судови. Хашкиот суд во пресудите против највисоките функционери на Република Српска заклучи дека снајперската кампања имала една цел – „тероризирање на цивилите во Сараево“.

