Свет
(Видео) Бил Гејтс сликовито ја претстави својата идеја за пожарникари против пандемија
Коосновачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, објави видео во кое повикува на воспоставување нов систем кој во иднина ќе помогне во спречување пандемии.
Според него, системот би вклучувал глобален систем за предупредување и т.н. пожарникари против пандемија, кои би биле целосно обучени професионалци подготвени веднаш да одговорат на потенцијална кризна состојба.
When it comes to preventing pandemics, scientific tools alone aren’t enough. We also need new capabilities, including a global alert system and infectious disease first responders (or what I like to call a pandemic fire squad): https://t.co/53Rf5uvjub pic.twitter.com/rTmM7STl6U
— Bill Gates (@BillGates) February 1, 2021
Гејтс исто така ја објасни својата идеја во годишното писмо што го објави на 27 јануари.
„Очекувам дека во текот на следните пет години ќе направиме огромен напредок во технологијата за развој на нови вакцини, во најголем дел поради успехот на mRNK-вакцините против Ковид-19. Исто така, верувам дека во иднина ќе видиме огромни подобрувања во дијагностицирањето и развојот на моноклонални антитела и предвидувам дека mRNK-вакцините во иднина ќе се развиваат побргу, во поголеми количини, и ќе бидат постабилни за складирање.
Тоа би бил голем чекор напред во справувањето со идните пандемии и за другите глобални здравствени предизвици. Овие вакцини нудат ветувачки резултати и за болести како што се ХИВ, туберкулоза и маларија. Напредокот во истражувањето и развојот, постигнат во борбата против Ковид-19, еден ден може да ни обезбеди алатки за конечно да ги запреме овие смртоносни болести“, вели во обраќањето познатиот милијардер и филантроп.
Сепак, како што нагласува тој, кога станува збор за спречување пандемија, само научниот напредок не е доволен.
Гејтс смета дека потребни ни се објекти на терен кои постојано ќе ги следат потенцијално опасните патогени микроорганизми. Додава и дека треба да се направат уште многу работи за да се дизајнираат нивниот изглед и функција, но исто така претставува и неколку негови идеи:
„Прво, треба да ги поставиме главните фокуси што е можно побргу. Ова ќе бара глобален систем за предупредување. ‘Рбетот на овој систем ќе бидат дијагностичките истражувања. Да речеме дека сте медицинска сестра во некоја локална амбуланта на село и забележувате дека пристигнуваат повеќе пациенти со кашлање отколку што очекувате во тој период од годината или можеби дури и повеќе луѓе умираат од нормалното – во тој случај би ги тестирале пациентите за вообичаените патогени микроорганизми. Доколку ниту еден тест не е позитивен, вашите примероци ќе бидат испратени на друго место за понатамошна анализа.
Ако вашиот примерок се покаже како супер инфективен или целосно нов патоген, тогаш на сцена стапува тимот што прв реагира на појавата на заразна болест. Замислете ги како пожарникари против пандемија. Исто како и пожарникарите, тие се целосно обучени професионалци, кои се подготвени веднаш да одговорат на потенцијална кризна состојба. Моја процена е дека ни требаат околу 3.000 такви вработени во светот“, вели Гејтс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Напад за време на божиќен пазар во Германија: малолетник избоден со нож
Сериозен инцидент се случи во германскиот град Херфорд, каде што 16-годишно момче e во животна опасност по напад со нож.
Нападот се случил во споредна улица на работ на божиќен пазар, потврди портпаролот на локалната полиција, според германскиот магазин „Шпигел“.
Според првичните полициски извештаи, напаѓачот и жртвата се познавале.
Сторителот успеал да избега по нападот и сè уште се бара. Од тактички причини, полицијата сè уште не е подготвена да открие повеќе информации за осомничениот.
Шеснаесетгодишно момче е избодено во грб и е однесено во болница на лекување.
Одделот за убиства го презеде случајот, а полицијата апелираше до сите можни сведоци да дојдат со информации што би можеле да помогнат во истрагата.
Свет
(Видео) Убиецот на Чарли Кирк за прв пат се појави пред суд
Мажот обвинет за убиство на десничарскиот активист Чарли Кирк, 22-годишниот Тајлер Робинсон, се појави за прв пат лично на суд во четвртокот.
Неговото појавување доаѓа во време кога судијата одлучува за клучно прашање – дали на медиумите ќе им биде дозволено да снимаат во судницата за време на овој високопрофилиран случај, пишува Би-Би-Си.
Адвокатите на Тајлер Робинсон и Канцеларијата на шерифот на округот Јута побараа од судијата да ги забрани камерите, изразувајќи загриженост дека интензивното медиумско внимание може да го загрози правото на фер судење. Од друга страна, вдовицата на Кирк и коалицијата на национални и локални медиумски куќи инсистираат на транспарентност на постапката.
Ерика Кирк, која се бори против теориите на заговор за смртта на нејзиниот сопруг, исто така повика на транспарентност. Минатиот месец, таа изјави за Фокс њуз, „заслужуваме камерите да бидат таму“.
Робинсон е обвинет за тешко убиство и други кривични дела, а обвинителите објавија дека ќе бараат смртна казна. Обвинетиот сè уште не се изјаснил за виновен.
Робинсон им се предаде на властите по обемната потрага започната откако Кирк беше застрелан и убиен на настан на отворено на Универзитетот Јута Вали во септември. Тој му го признал злосторството на својот татко, кој го препознал на фотографиите објавени од властите и кој на крајот го убедил да се предаде.
Појавување пред судија
Робинсон бил изведен на суд во четвртокот со лисици на рацете и нозете. Според извештајот на CBS, тој носел кошула, вратоврска и панталони и им се смешкал на членовите на семејството што седеле во првиот ред. Неговата мајка, татко и брат биле присутни во судницата.
Дел од рочиштето било затворено за јавноста за да може судијата Тони Граф да го прегледа аудио-снимката и транскриптот од претходните рочишта одржани во октомври. „Треба да слушнам што треба или не треба да биде запечатено или заштитено и не би било корисно за сите да слушнат што треба да биде запечатено“, рече судијата Граф, објавувајќи ја одлуката подоцна во текот на денот.
Уште во октомври, судијата му дозволи на Робинсон да носи цивилна облека за време на предсудските рочишта за да се избегнат предрасуди меѓу потенцијалните поротници, но наредил тој да мора да носи лисици. Фотографирањето или снимањето на Робинсон со лисици е забрането.
Свет
САД воведуваат нови санкции врз Венецуела, насочени кон внуците на Мадуро и нафтениот сектор
САД го зголемуваат притисокот врз Венецуела со нови санкции насочени кон тројца внуци на претседателот Николас Мадуро, меѓу другите. Двајца од нив претходно беа осудени во САД за трговија со дрога, а подоцна ослободени во размена на затвореници, објави CNN.
Покрај членовите на семејството на Мадуро, Вашингтон го таргетираше и виталниот нафтен сектор на Венецуела. Санкции се воведени врз еден панамски бизнисмен и шест бродски компании за кои се тврди дека транспортирале венецуелска нафта. Министерството за финансии на САД, исто така, идентификуваше шест брода за кои вели дека се вклучиле во „измамнички и небезбедни практики на превоз“ за да обезбедат финансирање за владата на Мадуро.
Новите мерки доаѓаат само еден ден откако САД запленија танкер за нафта покрај брегот на Венецуела, дополнително затегнувајќи ги односите. Генералниот обвинител Пам Бонди рече дека танкерот бил под санкции на САД со години „поради неговата вмешаност во нелегална мрежа за транспорт на нафта што поддржува странски терористички организации“, вклучувајќи ги Венецуела и Иран.
Претседателот Мадуро реагираше остро во четврток, велејќи дека заплената означи „нова ера на криминално поморско пиратство во Карибите“. Истиот ден, неговата влада поднесе официјална жалба до Меѓународната поморска организација, осудувајќи го потегот на САД.
фото: Depositphotos

