Соопштенија
ВМРО-ДПМНЕ: Македонија е хибриден режим затоа што нема ниту еден случај против врвот на власта

Македонија е хибриден режим затоа што нема ниту еден случај против врвот на власта, а индиции и докази насекаде, обвини ВМРО-ДПМНЕ.
„Угледниот магазин ‘Економист’ повторно ја вброи Македонија во групата хибридни режими исто како и лани, со фактот што годинава имаме и полоша оценка од минатата година. Светските агенции, медиуми и организации гледаат дека во Македонија нема правда и нема демократија. Македонија е хибриден режим затоа што кога Бојан Јовановски во судница рече дека парите од ‘Рекет’ завршиле кај Зоран и Вице Заеви, Обвинителството не отвори постапка против нив. Македонија е хибриден режим затоа што нема истрага за Дончев кого целата јавност го виде како става пари во чанта“, велат од партијата.
Од таму додаваат дека Македонија е хибриден режим затоа што нема истрага против Рашковски, кој го слушнавме како бара аванта за набавка на систем за летање во М НАВ, затоа што нема истрага за Заев за случајот со „ШИК Јелак“, за што го слушнавме контроверзниот бизнисмен Дака како вели дека му дал на Заев 300.000 евра мито, затоа што локалните функционери се шерифи и тепаат народ, затоа што нема правда, не се почитуваат законите ниту, пак, се работи чесно.
„Македонија ќе биде хибриден режим сè додека е Заев на власт“, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
Европски младински олимписки фестивал (EYOF) 2025 во Скопје и Куманово: ќе учествуваат 50 делегации од повеќе европски земји

Најголемиот младински спортски настан во Европа, кој ги поврзува учесниците во духот на олимпизмот, пријателството, меѓусебната почит и поддршка, ќе се одржи во Скопје, Куманово и Осиек (Хрватска), од 20 до 26 јули 2025 година.
На традиционалниот престижен олимписки фестивал ќе учествуваат 50 делегации од повеќе европски земји, над 4000 спортисти на возраст од 14 – 18 години, нивни тренери и тимови за поддршка и околу 700 волонтери, кои ќе се натпреваруваат во 15 спортски индивидуални и групни дисциплини: атлетика, пливање, гимнастика, џудо, велосипедизам, маунтајн бајк, ракомет, одбојка, баскет 3х3, бадмингтон, стрелаштво, кајак слалом, теквондо и пинг – понг.
Претстојната манифестација беше повод за денешната прес – конференција во Општина Куманово, еден од градовите домаќини на спорсткиот собир, на која присуствуваа раководителот на Секторот за култура, спорт, социјална заштита, заштита на децата и здравствена заштита, Александар Крстевски, директорот на ЈП Куманово паркинг – Куманово, Андреја Маџовски и претставници од EYOF.
Соопштенија
Родителите од Кочани: Мицкоски ни рече да си одредиме цена за нашите деца

Родителите на загинетите деца во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани велат дека нивното барање со државниот врв, завршило со средба со премиерот, Христијан Мицкоски, на која како што тврдат, се соочиле со навреда и газње по нивната болка.
На 1 јули, тие испратиле барање до премиерот Христијан Мицкоски, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и претседателот на Собранието Африм Гаши. По две недели, единствен одговор добиле од кабинетот на премиерот, кој закажал состанок на 7 јули во Скопје.
И покрај нивната желба средбата да се одржи во Кочани, им било соопштено дека безбедносните услови не дозволуваат патување на премиерот, па состанокот се одржал во Владата.
На средбата, премиерот рекол дека барањето го гледа за првпат, а во врска со барањето за еднократна парична помош, изјавил: „Ова барање е исто како предлогот на СДСМ, само што вие немате ставено цена. Одредете си цена за вашите деца.“, тврдат родителите.
Велат дека тоа е навреда што никогаш нема да ја заборават и порачаа: „Доста е! Доста со манипулации. Доста со потценување на нашата болка. Доста со лаги и игри врз сметка на животите на нашите деца!“
Потенцираат дека немаат политички агенди и дека нивната единствена цел е правда за 62-те млади животи кои загинале.
„Нашите деца се херои. Ако вие не знаете да ја водите државата, ако не знаете да обезбедите правда… отстапете го вашето место на некој што знае, што умее, што има совест и храброст.“
Родителите го повикуваат премиерот и институциите да престанат со одолговлекување, додавајќи дека судскиот процес уште не започнал, а осомничените шетаат слободно.
Меѓу нивните барања се еднократна парична помош за секое погодено семејство, преку Фонд за итна поддршка, како и право на предвремено пензионирање или инвалидска пензија за родителите на починатите поради траумата низ која поминуваат и неспособноста да работат.
Соопштенија
Tefal store powered by Neptun ја отвора својата прва монобренд-продавница во Скопје

Францускиот бренд Tefal, кој речиси 70 години произведува садови за готвење и мали апарати за домаќинство, со гордост информира за големото отворање на својата прва моно-бренд продавница Tefal powered by Neptun, сместена во East Gate Mall, најголемиот шопинг центар во регионот.
Големото отворање на Tefal Store powered by Нептун во East Gate Mall (кат -1) ќе биде на 09.07.2025 (среда) во 12:00 часот. Првите 50 купувачи на денот на отворањето со сметка над 2.999 денари добиваат подарок.
Потенцијалните купувачи ги очекуваат многу изненадувања, награди и попусти до 50%. Погледнете леток на Tefal store powered by Neptun со промотивни цени од 09.07-13.07.2025.
Tefal е дел од групацијата SEB, што вклучува иновативни производи под бројни брендови како Rowenta, Krups, WMF итн.
Секоја година, повеќе од 200 милиони производи од групацијата SEB се продаваат во повеќе од 150 земји глобално, а до денес, Tefal, со своите 150 патенти, има продадено над 1,5 милијарди садови за готвење низ целиот свет.
Новата моно-бренд продавница, прва од ваков вид за брендот во нашата земја, претставува важен чекор во експанзијата на Tefal низ Југоисточна Европа, носејќи ја својата светски позната технологија, дизајн на производи и иновации директно до македонските потрошувачи.
„Отворањето на нашата прва официјална моно-бренд продавница Tefal Store powered by Neptun во Македонија претставува стратешка пресвртница за Tefal во регионот. Балканскиот пазар има огромен потенцијал, а нашата земја е во срцето на тој раст. Целосно сме посветени на градење долгорочна видливост на Tefal преку силни локални партнерства и директно малопродажно присуство. Нашата цел е да обезбедиме секој потрошувач да има пристап до безбедни и иновативни производи што го подобруваат нивното секојдневно искуство“, изјави Гоце Боцески – Генерален директор на Neptun, стратегиски партнер на Tefal за Македонија.
Категориите на Tefal вклучуваат мали кујнски апарати, апарати за одржување на домот, лична нега и садови за готвење – практични и ефикасни производи, усогласени со клучните општествени и еколошки предизвици.
Зад уредите, Tefal изгради репутација за квалитет, издржливост и доверба – вредности што овозможија лојалност на упатените потрошувачи што трагаат по попријатен, похармоничен и поисполнет живот.
Со силен фокус на иновации, безбедност и одржливост, Tefal е глобално признат во редефинирање на начинот на кој луѓето ги користат иновациите и го извлекуваат максимумот од нив секој ден.
„Горди сме што ја отвораме првата официјална моно-бренд продавница на Tefal во регионот, на 120 м² – токму тука во Скопје, во трговскиот центар East Gate. Ги покануваме сите да ја посетат и да ги истражат Tefal, Rowenta, Krups, WMF и да ја испробаат возбудливата технологија што ја носиме во ова инспиративно ново поглавје.
Во текот на изминатите неколку години, македонските потрошувачи покажаа неверојатен ентузијазам за високо квалитетни и безбедни производи, па така отворањето моно-бренд продавница беше природен чекор, што ни дава можност да го подобриме искуството во живо и да го претставиме целиот спектар на нашите најнови решенија – под еден покрив“, дополнува Гоце Боцески – Генерален директор на Neptun.
Купувачите што ќе ја посетат продавницата ќе можат да пробаат, тестираат и купуваат производи лично, со помош на високо обучен продажен персонал, кој ќе им обезбеди помош, демонстрации и најдобри совети.
(ПР)