Македонија
Приведени креаторот и администраторот на групата „Јавна соба“, која беше активна лани
Модераторот и администраторот на првата „Јавна соба“, која беше активна минатата година, се приведени по истрагата што траеше повеќе од една година. Јавното обвинителство извести дека за нив е побаран и притвор поради опасност од бегство. Тие се сомничат за производство и дистрибуција на детска порнографија.
„Во периодот од 19.12.2019 година до 28.1.2020 година двајцата осомничени, како основач и модератор на групата, биле должни да се грижат за содржината на текстуалните и аудиовизуелните содржини, кои се споделуваат од членовите на групата. Но, тие со умисла дозволиле на групата да се направи достапна содржина – аудиовизуелен материјал на кој се прикажани очигледни полови дејства со дете. Бидејќи постои опасност од бегство, можност да влијаат врз сведоците или да го повторат кривичното дело, јавниот обвинител за двајцата осомничени на возраст од 32 и 21 година до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор“, информираа од Обвинителството.
Од таму додаваат дека поради обемноста на анализираниот материјал споделуван во оваа група, а со цел да се утврди идентитетот на сторителите на кривични дела и да се обезбедат релевантни докази на законит начин, во текот на предистражната постапка досега било неопходно да се издадат 20 наредби и барања до Министерството за внатрешни работи.
„По овие наредби и барања, биле доставени известувања и анализи. Поради сензитивноста на самиот предмет и тајноста на предистражната постапка, во согласност со Законот за кривичната постапка, до овој момент Обвинителството не било во можност да ги сподели овие податоци со јавноста. Во врска со досегашните пријави од оштетени и жртви за определени членови на групата ‘Јавна соба на социјалната мрежа ‘Телеграм’ и натаму се прават проверки во предистражна постапка, па доколку се утврди дека е сторено кривично дело што се гони по службена должност, Јавното обвинителство ќе постапи во согласност со своите надлежности“, додаваат од Обвинителството.
Обвинителството ги охрабрува оштетените и жртвите од овој и слични кривично-правни настани да ги пријавуваат во Министерството за внатрешни работи. МВР располага со база на податоци со имиња и презимиња на сите граѓани и странци, како и нивните лични податоци, што ќе помогне настаните да се документираат и да се обезбедат релевантни докази по службена должност.
Точно една година по обелоденувањето на скандалот „Јавна соба“ – случај во кој на социјалната мрежа „Телеграм“ илјадници членови споделуваа експлицитни фотографии од девојки од Македонија, вклучително и на малолетнички, се отвори нова група со истото име. По период од неколку недели, таа беше блокирана од „Телеграм“ поради споделување порнографски материјали. Засега МВР нема откриено кои се администраторите на новата група.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во тек е исплатата на посебен додаток, туѓа нега и попреченост
Министерството за социјална политика, демографија и млади информира дека во тек е исплатата на следните социјални права: посебен додаток, парична помош за попреченост и туѓа нега за месец декември 2025 година.
Корисниците на парични права коишто поседуваат дебитна картичка можат да подигнат готовина на банкоматите на банките, да ги користат средствата за безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство. Истите, денеска можат да ги подигнат средствата во сите отворени филијали и експозитури на банките.
Македонија
ДПМНЕ да не бега од сопственото ветување за една изборна единица, бара Левица
„Левица е за укинување на т.н. Пржинска влада и непотребните дополнителни заменици-министри со право на вето, сметајќи дека истата нема смисла и се претвори во алатка за меѓупартиско пазарење. Техничката влада функционира како фасада и привид на фер, демократски избори и плурализам, зад кој продолжува суштинската политичка нееднаквост, селективноста и цензура. Затоа, укинувањето на техничката влада за нас е прифатливо само доколку оди рака под рака со вистински, а не декларативни демократски реформи“, велат од партијата Левица.
„За почеток, воведување на една изборна единица, како единствен начин за секој глас да вреди подеднакво. Вториот услов е укинување на политичката цензура и обезбедување еднаков пристап до медиумско претставување за политичките субјекти. Потсетуваме дека на последните избори, токму Левица, како парламентарна партија, беше единствената на која, поради „правна празнина“, ѝ беше оневозможено било какво политичко рекламирање. По завршувањето на изборите, Левица во Собранието предложи законски измени за надминување на оваа дискриминација, но истите не беа прифатени од владејачкото мнозинство.
Прецизираме дека не сметаме дека институциите се созреани, ниту пак дека постојната пракса на „технички влади“ донесе фер, демократски и избори без институционални злоупотреби. Напротив, техничката влада се покажа како механизам за дополнителни злоупотреби и параван зад кој се задоволуваат апетитите на владејачките и коалициските структури на естаблишмент партиите.
Во периоди кога техничката влада формално треба да служи исклучиво за организација и спроведување на изборите, јавноста беше сведок како се носат системски закони по скратена постапка, се шверцаат законски измени и се штитат интереси на моќни бизнис и урбанистички лобија како што беше случајот и со последната Пржинска влада.
Демократијата не се мери со бројот на договори меѓу партиските елити, туку со тоа дали гласот на секој граѓанин вреди еднакво и дали секоја политичка опција има право да биде слушната.
Левица нема да учествува во шминкање на системот без да се испорачаат нужни реформи. За крај, потсетуваме дека ʼедна изборна единицаʼ е и ветување на ДПМНЕ за овој мандат. Оттука, ги повикуваме да не бегаат од сопственото ветување и предизборни заложби“, се наведува во соопштението на партијата Левица.
Македонија
(Фото) Кисела Вода: Компјутери, принтери и телевизори за училиштата „Рајко Жинзифов“ и „Кирил Пејчиновиќ“
Набавени се компјутери, принтери и телевизори за основните училишта „Рајко Жинзифов“ и „Кирил Пејчиновиќ“ во Кисела Вода, како дел од континуираните активности за унапредување и модернизација на наставниот процес, извести Општината.

„Во периодот кога учениците се на зимски распуст, во училиштата се врши опремување со нова информатичка опрема, со цел второто полугодие учениците да го започнат со поквалитетна настава и полесен пристап до дигитални содржини.

Со оваа инвестиција, општина Кисела Вода уште еднаш ја потврдува својата определба за дигитализација на образованието и создавање современи услови за учење, во чекор со новите образовни стандарди и потребите на учениците“, соопштуваат од Општината.

– Нашата цел е децата да учат во современи и опремени училишта, каде што ќе имаат можност да стекнуваат знаења и дигитални вештини неопходни за нивниот понатамошен развој. Компјутерите, принтерите и телевизорите кои ги обезбедивме во училиштата „Рајко Жинзифов“ и „Кирил Пејчиновиќ“ се уште еден конкретен чекор во таа насока, а учениците по зимскиот распуст ќе бидат пречекани со значително подобри услови за настава, изјави градоначалничката на општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска.




