Свет
„Хјуман рајтс воч“: Турција присилно преселила и уапсила 60 Сиријци

Повеќе од 60 сириски државјани се уапсени и нелегално преместени од североисточна Сирија во Турција за да им се суди од страна на Турција и Сириската национална армија за сериозни обвиненија за кои може да добијат доживотен затвор, соопшти денеска „Хјуман рајтс воч“ (ХРВ).
Меѓународната група за човекови права соопшти дека документите што ги добиле покажуваат дека уапсените биле фатени во Сирија и пренесени во Турција со кршење на обврските на Турција како окупаторска сила во североисточна Сирија според Четвртата жен0евска конвенција.
Заменик-директорот на ХРВ за Блискиот Исток, Мајкл Пејџ, вели дека Турција мора да ги почитува правата на луѓето во североисточна Сирија според законот за окупација.
„ХРВ успеа да дојде до 4.700 страници официјални документи на турската влада, во кои детаљно се наведени имињата, обвиненијата, медицинските извештаи и наводните докази против 63 сириски државјани што беа приведени во Сирија и пренесени во Турција од 11 октомври до 6 декември 2019 година“, вели организацијата на својата веб-страница.
Турските власти и Сириската национална армија, поддржана од Турција, ги уапсиле сириските државјани, како и Арапи и Курди, во периодот од октомври до декември 2019 година во Рас Ал-Аин (Сереканије) во североисточна Сирија откако Турција ја презеде ефективната контрола над областа по нејзиниот упад во северна Сирија.
Документите, се додава, покажуваат дека турските обвинителни органи донеле де факто одлука за проширување на овластувањата на турскиот гувернер на Шанлиурфа врз назначените области во Сирија.
Според документите, сите, освен 10 од приведените мажи, биле членови или биле поврзани со Партијата на демократскиот сојуз (ПДС), политичката партија предводена од Курдите, која е дел од курдската самоуправа.
Во октомври 2020 година пет од 63 Сиријци, вклучително и еден чии роднини биле интервјуирани од „Хјуман рајтс воч“, беа осудени на доживотен затвор, без право на условна слобода за нарушување на единството и територијалниот интегритет на државата, рекоа нивните адвокати.
Турција се бори со курдските групи и на своја територија и во Сирија и ги повикува меѓународните сили да не ги поддржуваат во борбата против сирискиот претседател Башар ал-Асад.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
За Зеленски велигденското примирје на Путин е нова манипулација

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изрази скептицизам во врска со едностраниот велигденски прекин на огнот, објавен денеска од рускиот претседател Владимир Путин. Во објава на социјалните мрежи оцени дека станува збор за нова манипулација на Путин, но не открива дали примирјето е прифатливо за Киев.
– Што се однесува до новиот обид на Путин да манипулира со човечките животи – сирените за воздушен напад моментално се огласуваат во многу делови на Украина. Во 17 часот и 15 минути на нашето небо беа откриени руски беспилотни летала. Украинската воздушна одбрана и воздушните сили веќе почнаа да дејствуваат за да не заштитат. Присуството на дронови Шахед во нашиот воздушен простор јасно го открива вистинскиот став на Путин кон Велигден и кон човечките животи, напиша Зеленски на платформата Х.
Зеленски во објавата не дава никави назнаки дали и Украина ќе го прекине огнот за Велигден.
Рускиот претседател Владимир Путин попладнево објави велигденско примирје и запирање на сите воени операции.
– Руската страна, водејќи се од хуманитарни причини, денеска од 18:00 часот [по московско време] до 00:00 часот меѓу недела и понеделник, прогласува велигденско примирје. Наредувам да се прекинат сите воени дејствија за овој период, објави Путин на денешната средба со началникот на Генералштабот Валери Герасимов.
Свет
Путин објави велигденско примирје

Рускиот претседател Владимир Путин објави велигденско примирје и запирање на сите воени операции, соопшти Кремљ.
– Руската страна, водејќи се од хуманитарни причини, денеска од 18:00 часот [по московско време] до 00:00 часот меѓу недела и понеделник, прогласува велигденско примирје. Наредувам да се прекинат сите воени дејствија за овој период, објавил Путин на денешната средба со началникот на Генералштабот Валери Герасимов.
Путин истакнал дека руските војници, сепак, мора да бидат подготвени за можни прекршувања на примирјето од страна на Киев. Мора да бидат подготвени да одбијат секаква провокација на непријателот, секоја негова агресивна акција, нагласил рускиот претседател.
Москва очекува украинската страна да го следи нивниот пример. Киев сè уште официјално не го коментираше прогласеното примирје.
Свет
Се урна станбен блок во Индија

Четири лица загинаа, а уште 10 се водат за исчезнати откако денеска се урна повеќекатен станбен блок во близина на Њу Делхи, јавија индиските медиуми повикувајќи се на полицијата.
Според извештаите, спасени се 14 лица. Блокот се урнал во Мустафабад во североисточниот дел на државата Делхи. Ограничените услови ја попречуваат спасувачката работа, изјави портпаролот на Националните сили за одговор при катастрофи.
Причината за уривањето се уште не е позната. Локалните медиуми јавуваат дека неодамна биле извршени градежни работи во приземјето на зградата.
Главниот министер на Делхи, Река Гупта нареди истрага за инцидентот.