Македонија
Еко-свест: Со нови навики можеме да го подобриме здравјето и квалитетот на воздухот кој го дишеме
Во последните години граѓаните на нашата држава не дишат чист воздух, тоа го покажува и извештајот за квалитет на воздух од 2019 година на Европската агенција за животна средина. Маглата во најзагадените градови, а кашлицата станува нормална, респираторните заболувања се нашата секојдневност, велат од Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест од Скопје кој веќе 18 години активно работи да ги анимира сите засегнати страни во борбата за остварување на чист воздух.
„Преку нашите анализи ние активно бараме краткорочни и долгорочни мерки од државата кои ќе служат како мапа за тоа како треба да функционираме ние граѓаните на начин кој ќе го подобрува квалитетот на воздухот. Мора да тргнеме од себе, тоа е најважно. Државата е должна да го следи однесувањето и барањата на граѓаните и според тоа да поставува приоритети во нашите политики. Доколку ние почнеме да се стремиме да употребуваме претежно велосипед во нашето движење, самото однесување и тренд ќе побара од државата структура која ќе го поддржи тоа. Доколку ние ги исфрлиме од употреба пластичните пакувања, цевки и слично, индустријата ќе престане да ги произведува, затоа што нема да има потреба или профит од нив. Како граѓани ние ја имаме најголемата моќ во тоа како функционира државата, а заедничката цел која ја делиме е онаа на чист воздух за да живееме достоинствен живот, што значи дека ние мора да земеме активен учество и да воведеме нови навики“, изјавуваат од Еко-свест.
Тие истакнуваат дека во земјава со мали нови навики, ние можеме секојдневно да го подобруваме нашето здравје преку квалитетот на воздухот кој го дишеме, но и здравјето на нашата планета, а тоа значи дека потребно зголемување на свесноста на граѓаните за главните индикатори, последици по здравјето на човекот и животната средина, начин за подобрување и влијание на нивните секојдневни практики врз состојбата со амбиенталниот воздух. Преку нивните кампањи граѓаните се запознаваат со мали и поголеми промени кои може многу лесно да ги направат во нивниот секојдневен живот и со тоа да придонесат многу за состојбата на амбиенталниот воздух.
„Промената на нашето однесување не смее да е нагла и огромна, но може да почнеме од малите работи. Неколку денови во месецот може да употребиме велосипед за да се движиме, да не користиме автомобили во толкава мера. Многу градови во државава се мали и структурата не е наменета за автомобил, и затоа може да пешачиме 30 минути наместо да возиме 10 минути. Нашите пијалаци се исто вкусни и без цевка, а локалното е многу повкусно од увезеното. Наместо да купуваме шишиња со вода може да си понесеме едно реупотребливо, а исто важи и за термос – многу кафулиња имаат иницијатива да ви направат кафе во ваш термос наместо чаша за една употреба. Можеме да реупотребиме многу од нашите отпадоци, а со тоа да не користиме пластика. Овие се мали акти но за кратко време доколку се употребат од многу луѓе ќе значат многу за нашата животна средина, а најмногу за квалитетот на воздух кој го дишеме“, додаваат од Еко-свест.
Еко-Свет континуирано работи на подигнување на свесноста на граѓаните за аерозагадување. Во земјава е потребно зголемување на свесноста на граѓаните за главните индикатори, последици по здравјето на човекот и животната средина, начин за подобрување и влијание на нивните секојдневни практики врз состојбата со амбиенталниот воздух, а тоа се реализира преку проектот „Овозможување на пат кон декарбонизација и заштита на животната средина“, финансиран од Делегација на Европската Унија, велат од здружението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно време со дожд за Божик, на планините снег
Времето денес променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта.
На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h). Максималната температура ќе биде во интервал од 10 до 16 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе достигне до 12 степени.
Македонија
Денеска е Божик – денот на христовото раѓање
Православните христијани во светот, во Македонија и црквите кои се раководат по Јулијанскиот календар денеска го слават Рождеството Христово – Божик. Во сите храмови на Македонската православна црква изутрината се одржуваат божикни литургии.
Божик е денот на Христовото раѓање според христијанската традиција. Тоа е втор најголем празник во христијанството, по Велигден. Денеска воедно завршува 40-дневниот пост и овој ден се прославува со богата трпеза со мрсни јадења.
Со Божик е поврзана и поговорката: „Пред Божик зад Божик кај да си, дома да си” што има двојно значење: за време на големиот празник треба да се биде во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот, но не е на одмет да се потсети дека во најстудениот период од годината, сепак најпријатно и најбезбедно е во сопствениот дом.
На Божик се оди во црква и се врши причестување со земање нафора и вино, кои ги симболизираат Исусовото тело и крв. По овој чин луѓето смеат да се омрсат. Се подготвува богата софра, на која скоро задолжително било свинското месо. На денот на Христовото раѓање, по одењето во црква луѓето се веселеле, играле и пееле среде село. Божик, според црковниот календар, се празнува три дена.
Вториот ден е Соборот на Света Богородица, а третиот е Свети Стефан првомаченик.Во некои краеви на овие празници, луѓето што го носат името Божидар, Божо, Бошко и сл. слават именден на Божик, а Стефан, Стојан, Стојче слават на Св.Стефан.
Од Божик почнуваат 12-те таканаречени некрстени или нечисти, погани денови, кои траат сè до пред Водици, денот кога Исус бил крстен. Се верува дека во овие денови се движат зли духови, караконџули, вампири, вештерки и сл. кои ги загрозуваат безбедноста и сигурноста на луѓето. Затоа од Божик до Водици, луѓето со себе носеле најразлични амајлии – апотропејски средства со кои се заштитувале од злите духови, како што се лук, пелин, сол.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.

