Македонија
Отфрлена кривичната пријава на судијката Лидија Неделкова против тројца членови на Судскиот совет
Скопското обвинителство ја отфрли кривичната пријава поднесена од поранешната претседателка и актуелна судијка во Врховнот суд Лидија Неделкова против претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев, и двајца членови на Советот. Неделкова смета дека членовите на Советот ја злоупотребиле службената положба при одлучувањето за нејзиното разрешување.
„Пријавителката во кривичната пријава наведе дека пријавените, во својство на службени лица, во периодот од септември 2020 до јануари 2021 година ја злоупотребиле службената положба при одлучувањето и гласањето на седница на Сускиот совет на која се разгледувал извештај за утврдување одговорност на судијката на Врховниот суд. Тие наводно ги пречекориле границите на своето службено овластување со намера потешко да ги повредат правата на оштетената, а притоа од лични и политички причини вршеле влијание и врз другите членови на Судскиот совет при одлучувањето. Така, предлогот на Комисијата која го разгледувала извештајот и предложила запирање на постапката против судијката на Врховен суд го вратиле на доработка, потоа избрале нов член во Комисијата и одлучувале без да ја известат оштетената за резултатите од гласањето и за дополнително спроведените дејствија. На 19.1.2021 година Комисијата, без никакви дополнително утврдени околности, донела предлог-одлука за разрешување на судијката во Врховен суд“, соопшти Обвинителството.
Од анализа на хронологијата на целокупното постапување произлегло дека Судскиот совет на седницата одржана на 29.9.2020 година расправал по извештајот на Комисијата со кој се предлага запирање на постапката против оштетената.
Но, при гласањето не било постигнато потребното двотретинско мнозинство за одлуката да помине, па согласно член 60-д од Законот за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет било оценето дека е потребна доработка на предметот и списите биле вратени на Комисијата. Изборот на нов член на предметната комисија бил извршен со ждрепка, согласно член 56 став 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет.
„Од записниците се констатира дека една од пријавените членови на Судскиот совет воопшто не се јавила за збор при расправата за извештајот, додека другата пријавена се јавила за збор и дала образложено мислење за кое не може да биде повикана на одговорност, имајќи ги предвид правата и обврските на членовите на Судскиот совет пропишани со закон. Комисијата за утврдување одговорност на судија одржала ново советување и гласање на 18.01.2021 година, но до Советот сè уште не доставила извештај со предлог-одлука“, се наведува во соопштението.
Од тие причини надлежниот јавен обвинител одлучил дека во дејствата на пријавените не се содржани елементи на кривично дело кое се гони по службена должност.
Неделкова против ова решение има право на жалба во рок од осум дена до Вишото јавно обвинителство Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Нема одговор како 5 тони дрога поминале преку граница
Нема одговор како 5 тони дрога поминала преку граница – има вистина дека ВМРО го овозможи бизнисот со канабис, велат од СДСМ.
„Помина една недела од објавата на големиот картелски скандал со 5 тони дрога, запленета во соседна Србија која дошла од Македонија. Сè уште нема одговор како 5 тони дрога поминале преку македонската граница? Кој ќе одговара за овој картелски скандал и кој од власта е вмешан? Бидејќи на сите им е јасно, без поддршка на структури во власта, МВР, Царина, невозможно е 5 тони дрога да се шверцуваат преку граница. СДСМ со денови алармира за поврзаноста на криминални структури во Македонија и во Србија. Власта молчи, исто како што молчи за сликите на Мицкоски со криминалецот Симе. Сега граѓаните гледаат медиумска кампања со заплени на канабис и обиди на власта да дефокусира од главното прашање: кој дозволи 5 тони дрогата да помине преку граница?“, велат од СДСМ.
Од таму велат дека законскиот основ за производство на медицински канабис во Македонија го направиле ВМРО и Никола Груевски со измени на Законот на 9 ти февруари 2016 година.
„Првата лиценца за одгледување медицински канабис во Македонија била издадена во февруари 2017 во време на ВМРО. Производството на канабис почнало во мај 2017. Доколку само поради нивната медиумска кампања и сензационализам, се запленуваат и легални количини државата може да се случи на кај државата да плаќа и отштета. Затоа ова бркање вештерки по компании е фарса а истото се случува и во Србија. Целата кампања повторно ја прават по рецептот на Вучиќ – сè е copy-paste“, велат од СДСМ.
Македонија
„Да се забрани производство на марихуана за наводни медицински цели“, бара Демократскиот сојуз
Демократскиот сојуз бара Парламентот на Македонија по скратена постапка да донесе измена на законите со кои ќе се забрани производство на марихуана (Cannabis sativa) за наводни медициски цели.
„Досега, од 2017 година надлежното Министерство за здравство, во соработка со други институции (Мин.за земјоделство, Меѓуресорската комисија и други) издало 61 лиценца на фирми кои можеле да произведуваат марихуана за медицински цели.
Повеќе од јасно е дека контролата затаила поради што се случија фингирани кражби, пресметки помеѓу нарко-мафијата, заплени на канабис од полицијата итн., но криминалниот бизнис продолжи, бидејќи нарко-мафијата во која беа вклучени и носители на највисоки државни функции од претходната власт се стекнаа со огромна финансиска моќ и политичко влијание“, велат од ДС.
„Демократски сојуз силно ја поддржува акцијата на МВР за заплена на канабисот и инсистира да постапува неселективно и јавно да бидат објавени сопствениците (формални и неформални) на фирмите кои произведуваат канабис, кој и кога ги издал лиценците за производство на канабис итн.
Министерството за здравство во соработка со другите надлежни институции да објави колку количини на канабис се произведени, каде се тие количини (продадени, на залиха, украдени итн.) и колку профит е остварен.
Запленетите 32 тона канабис (5 во Србија и 27 тони во Македонија), тоа е засега гребење по површината на овој нарко-бизнис кој има тешки последици по здравјето на младите генерации, политичката стабилност, владеење на правото и меѓународниот углед на државата.
Бараме да се прошири одговорноста и кон носителите на функции од надлежните министерства кои издавале лиценци и кои затаиле со контролата на спроведување на законите за да се спречат злоупотребите.
Одземените количини се премногу за Балканот, а не за медицинските потреби на Македонија. Очигледно е дека првобитната хумана цел е злоупотребена и затоа се потребни итни законски промени“, соопштуваат од Демократскиот сојуз.
Македонија
Утре без вода делови од Кисела Вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека поради промена на воздушен вентил на улицата Јустинијан Први (кај мостот), утре прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од село Драчево, општина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.

