Свет
Израел: Најбрза вакцинација во светот по глава на жител

Од декември повеќе од една третина од населението во Израел е вакцинирано, што се смета за најбрза кампања за вакцинација по глава на жител во светот. Од девет милиони граѓани, повеќе од 3,4 милиони примиле вакцина.
Сепак, и покрај забрзаната имунизација, дневно се регистрираат околу 6.500 нови случаи на зараза со Ковид-19. Бројот на позитиви, сепак, се намалува во споредба со средината на јануари, кога имаше околу 8.000.
Од вчера, на Израелците веќе не им е забрането да одат само еден километар од нивниот дом. Почнаа да работат фризерските и козметичките салони, во кои може да има една личност која ќе му дава услуги на еден клиент.Природните резервати и националните паркови се повторно отворени.
Хотелите сè уште се затворени, а рестораните ќе имаат дозвола само да подготвуваат храна за носење, а во пансиони можат да престојуваат само членови на исто семејство. Прекинот на меѓународните летови останува на сила до 20 февруари, заедно со затворањето на копнените граници на Израел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Иран и Израел наскоро ќе постигнат мировен договор, објави американскиот претседател Доналд Трамп

Иран и Израел наскоро ќе постигнат мировен договор, објави американскиот претседател Доналд Трамп на својата социјална мрежа Truth Social.
– Иран и Израел треба да постигнат договор – и ќе постигнат. Исто како што успеав Индија и Пакистан да постигнат договор, напиша Трамп.
Тој додава дека во моментов се одржуваат многу разговори и состаноци.
– Наскоро ќе имаме МИР меѓу Израел и Иран! Работам напорно и никогаш не ги добивам заслугите, но тоа е во ред, луѓето разбираат. Да го направиме блискиот Исток повторно голем“, нагласува Трамп.
Свет
Ердоган повика на итно запирање на конфликтот меѓу Израел и Иран

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска телефонски разговарал со американскиот претседател Доналд Трамп, и повикал на „итна акција“ за да се спречи конфликтот меѓу Израел и Иран да го запали целиот регион.
– Претседателот Ердоган ја поздрави денешната изјава на претседателот Трамп за решавање на конфликтот меѓу Израел и Иран и ја нагласи потребата од итно дејствување за да се спречи катастрофа што би можела да го запали целиот регион, се вели во соопштението од кабинетот на турскиот претседател.
За време на телефонскиот разговор меѓу двајцата лидери, втор во последните 24 часа, „претседателот Ердоган потврди дека спиралата на насилство предизвикана од израелските напади врз Иран предизвика непоправлива економска и цивилна штета на двете страни и дека оваа опасна ескалација треба да се запре“, се додава во соопштението.
Ердоган, исто така, му соопштил на Трамп дека може да ја преземе улогата на медијатор за решавање на конфликтот, откако претходно и рускиот претседател Владимир Путин изрази потготвеност за посредување меѓу Израел и Иран.
Свет
Иран попладнево започна нов бран ракетни напади врз цели во Израел

Иран попладнево започна нов бран ракетни напади врз цели во Израел, објави иранската новинска агенција Фарс. Во Тел Авив и други локации во централен Израел се објавени тревоги, а сирените се огласија и на северот од земјата.
Израелското Министерство за национална безбедност ги повика граѓаните да останат блиску до засолништата и бункерите.
Секое движење на јавни места треба да се сведе на минимум и да се избегнуваат јавни собири. Овие наредби ќе останат во сила додека не се објави ново известување, соопштија израелските власти.
Ова е прв пат од почетокот на конфликтот Иран да изврши дневен напад врз Израел. Досега сите напади беа изведувани во текот на ноќта