Свет
Се врти ли Европа кон руските и кинеските вакцини – денеска се одржува важен состанок
Европа е во блокада, има проблеми со вакцините и процесот на вакцинација. Во меѓувреме, Кина добива влијание, дури и во рамките на ЕУ. Исходот од денешната видео-конференција на групата 17 + 1 со кинеските челници се очекува со голем интерес.
„Светот ќе биде поинаков по короната“. Врз основа на ова верување, германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Емануел Макрон и некои други водечки политичари, формулираа апел во кој се повикува на меѓународна солидарност, а овој апел го објавија и од некои големи германски дневни весници.
Кога Меркел и Макрон велат дека „светот по короната ќе биде поинаков“, тогаш тоа има врска со геополитиката. Германската канцеларка, наводно, на владина седница изразила загриженост дека земјите од источна Азија би можеле да преземат многу подисциплиниран пристап во борбата против пандемијата и да ги укинат економските ограничувања многу порано од Европејците – што значи дека Европа би можела да се најде во дефанзива.
Министерот за здравство Јенс Шпан е убеден дека Русија и Кина ја спроведуваат својата геополитика со помош на вакцините. Двете земји доставија вакцини во Србија – земја која сака да стане членка на ЕУ. Унгарската влада, која е критикувана од остатокот на ЕУ за дефицит во владеењето на правото, исто така негува блиски контакти со Москва, а Будимпешта, прави обиди да набави вакцини од Кина и Русија.
Шпан во интервју за „Дојче веле“ предупреди: „Мора да бидеме претпазливи да не ги правиме истите грешки како за време на финансиската криза“. Наместо да се најде европски инвеститор во тоа време, пристаништето Пиреја во Грција беше продадено на Кинезите, се присетува Шпан, додавајќи:
„Истото важи и за вакцините сега. Кина и Русија ја водат надворешната политика со помош на вакцини, обидувајќи се да го прошират своето влијание. ЕУ мора да мисли на своите соседни региони, од хуманитарни, но и од сопствени геостратешки интереси“, кажа тој.
Но, во ситуација кога ЕУ е под притисок поради доцнење на вакцинациите, погледите повторно се насочуваат кон исток.
Шефицата на Комисијата на ЕУ, Урсула фон дер Лајан, кој беше сериозно критикувана во последните неколку дена поради бавната набавка на вакцини, сугерира дека е отворена за идејата за издавање дозволи за употреба на руски и кинески вакцини во Унијата, но само откако овие вакцини ќе бидат темелно тестирани.
Руските и кинеските вакцини можат да ги пополнат постојните празнини во снабдувањето, но исто така тоа може да се сфати како признавање на слабост од страна на ЕУ.
За вакцината ќе се разговара и на денешниот виртуелен состанок на 17 шефови на држави и влади од источна и југоисточна Европа со шефот на кинеската држава, Си Џинпинг. Конференцијата требаше да се одржи во април минатата година во Пекинг, но беше откажана поради пандемијата. Фактот дека во меѓувреме не беше можно да се организира видео-состанок, некои го толкуваа како знак на неуспех на иницијативата основана во 2012 година во Варшава под името „16 + 1“. Грција се приклучи подоцна. Аналитичарите шпекулираат дека иницијативата сега може да се спаси токму преку кинеската вакцина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Фараж: Путин е „екстремно опасен човек“
Лидерот на Британската реформска партија, Најџел Фараж, денес изјави дека рускиот претседател Владимир Путин е „екстремно опасен човек“ откако јавната истрага откри дека тој наводно е „морално одговорен“ за смртта на британската државјанка Дон Стерџис, која почина откако случајно дојде во контакт со нервниот агент Новичок, употребен во обидот за атентат врз поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал.
Во врска со претходните тврдења од 2018 година, кога тврдеше, додека Сергеј и неговата ќерка Јулија Скрипал сè уште беа во болница, дека британската влада пребрзо ја обвини Русија, Фараж рече дека „не знаел што се случило“.
„Не знаев што се случило. Беше труење. Дали мислам дека Путин е чудовиште? Мислам дека тој го докажува тоа секоја недела што поминува“, рече лидерот на британските реформисти.
Фараж додаде дека неговиот „пријател“, американскиот претседател Доналд Трамп, верувал дека може да постигне „разумен компромис“ меѓу Русија и Украина, со цел да се спречи војна што потсетува на обемот на страдањето од Првата светска војна, објавува „GB News“.
Сепак, Фараж истакнува дека Путин секој ден докажува дека е „ирационален“ и дека не сака праведно решение. Фараж го критикуваше британскиот премиер Кир Стармер, кој го обвини реформистичкиот лидер дека е „руски агент“ затоа што имал средба со Путин.
„Па, една година потоа, кралицата се сретна со Путин. Дали таа беше руски агент? Не сум баш сигурен“, додаде Фараж саркастично.
Британска јавна истрага предводена од поранешниот судија лорд Ентони Хјуз откри дека Путин го одобрил атентатот врз поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал во Солсбери во 2018 година. Дон Стерџис (44), која случајно стапила во контакт со Новичок, починала во операцијата, додека Скрипал и неговата ќерка Јулија го преживеале нападот, објави „GB News“.
Фото: ЕПА
Свет
Порака од Хелсинки: „Ако не се ослободиме од Фон дер Лајен, ништо нема да остане од Европа“
Доколку претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, не биде наскоро заменета, Европа ќе се најде на патот кон самоуништување, предупреди финскиот економист и професор на Универзитетот во Хелсинки, Туомас Малинен, во ообјава на мрежата X.
„Доколку наскоро не се ослободиме од Фон дер Лајен, ништо нема да остане од нашиот голем континент (освен можеби Унгарија)“, рече Малинен, оценувајќи дека сегашното раководство на ЕК ја води ЕУ во длабока политичка и економска криза.
Причината за овој бран критики е неодамнешната изјава на Урсула фон дер Лајен дека Европската Унија би можела да донесе одлука за запленување на замрзнат руски имот со цел да обезбеди таканаречен репаративен заем за Украина – дури и без согласност на Белгија, која остро се спротивставува на оваа иницијатива.
Ваквата најава од Брисел предизвика бурни реакции низ целата Унија. Според тврдењата на неколку европски правни експерти, претставници на ЕУ и дипломати од земјите-членки, Европската комисија се однесува „лудо“ и ги надминува границите на институционалната одговорност.
Еден висок европски функционер отиде чекор понатаму, споредувајќи ја сегашната стратегија на Брисел со „удирање во ѕид“ – метафора што се чини дека сè повеќе го одразува расположението во европските политички кругови.
И додека критиките кон Фон дер Лајен стануваат сè погласни, според анализите на медиумите, Европската Унија се соочува со низа чувствителни политички одлуки што би можеле да ги постават темелите за нејзината иднина – или да ги продлабочат постојните поделби.
Фото: ЕПА
Свет
Германскиот претседател ја повика Велика Британија да го надмине „Брегзит“ и да ги обнови врските со ЕУ
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер денес ја повика Велика Британија да го надмине „Брегзит“, односно нејзиното излегување од Европската Унија, и да се фокусира на обновување на врските со ЕУ.
„Не гледајте назад со лутина. Останете смирени и продолжете понатаму. Гледајте прагматично напред и продолжете понатаму“, рече Штајнмаер за време на своето обраќање пред членовите на британскиот парламент, за време на кое ги употреби стиховите на британската рок група „Oasis”, пренесува Ројтерс.
Тој повика на прагматизам и „нова основа“ во односите меѓу Велика Британија и ЕУ, откако Велика Британија ја напушти ЕУ во 2020 година.
Фото: ЕПА

