Македонија
Годишно во сообраќајни несреќи во Македонија гинат по 35 пешаци во просек
Статистиката покажува дека пешаците, особено повозрасните пешаци, и понатаму остануваат една од најранливите и најзагрозени групи учесници во сообраќајот, соопшти Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата. Во просек има по 30 до 35 загинати пешаци во сообраќајни незгоди годишно, при што повеќе од 50 % од загинатите пешаци се возрасни лица над 60 години.
„Од 25 до 30 % од вкупниот број на загинати лица во сообраќајни незгоди се пешаци. За жал, и покрај тоа што спаѓаат во групата на ризични и ранливи групи на учесници во сообраќајот, пешаците се истовремено и најнедисциплинирани учесници во сообраќајот“, велат од РСБСП и додаваат дека главниот проблем е тоа што кај пешаците недостасува чувство дека и тие се активни учесници во сообраќајот и дека и за нив важат сообраќајни правила и прописи кои мораат да ги почитуваат.
РСБСП наведува дека пешаците се најмасовна и најранлива група учесници во сообраќајот, а истовремено и најмалку контролирана и најмалку санкционирана.
Исто така, велат од таму, може да се каже дека и возачите не ги почитуваат пешаците како рамноправни и ранливи учесници во сообраќајот и, за жал, последицата од таквиот пристап е од 30 до 35 загинати пешаци во сообраќајни незгоди просечно годишно, при што повеќе од 50 % од загинатите пешаци се возрасни лица над 60 години.
РСБСП потсетува дека обврска на возачите е да се движат со особено внимание секогаш кога се приближуваат кон пешачки премин, да ја намалат брзината и да ги прoпуштат пешаците на пешачкиот премин, но тоа никако не значи дека пешаците имаат апсолутно право на првенство на минување. Напротив, пешакот е должен да ја помине улицата на пешачки премин откако ќе се увери дека тоа може да го направи без да го загрози безбедното одвивање на сообраќајот, односно откако ќе се увери дека возилата што се движат на коловозот се во можност безбедно и навреме да застанат. Непочитување на ова правило од страна на возачите и на пешаците е најголема причина за сообраќајни незгоди во кои страдаат пешаците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по влажни коловози. Слаб снег провејува на планинскиот премин Стража кој во мометот не се здржува на коловозот. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има на Плетвар и Пресека, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Бутел, Ѓорче Петров и Аеродром денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од ул. бр. 2 во с. Љубанци. (Општина Бутел)
· од 08:30 до 15:00 часот, корисниците од ул. бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00 до 12:00 часот, корисниците од улиците со бр. 1 и бр. 9 во с. Долно Лисиче. (Општина Аеродром)
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот локални врнежи од дожд
Променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, а на планините и на повисоките места претежно во западните и северните делови од снег. Ќе дува слаб до умерен северозападен, а наместа во западните делови повремено засилен западен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 5, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините и на повисоките места ќе бидат од снег. На планините ќе се зголеми висината на снежната покривка, а нова се очекува да се формира и во некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а во петок повторно ќе има врнежи од дожд и снег.

