Македонија
Петрушевски: Дали Маричиќ е вториот министер на Заев кој нема НАТО-сертификат?
Дали Бојан Маричиќ е вториот министер во владата на Заев кој нема НАТО-сертификат, праша денеска на прес-конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, кој нагласи дека по еден ден и натаму не се јавува министерот во владата на Заев, кој покрај Спасовски нема НАТО-сертификат.
„Дали првиот човек на правда е недоверлив според стандардите на НАТО? Покрај Оливер Спасовски, кој сам призна дека нема НАТО-сертификат, Маричиќ би бил вториот министер во владата на Заев без сертификат, и тој како и Спасовски, води ресор од исклучителна важност за безбедноста на државата“, посочи Петрушевски, кој јавно праша и дали, доколку Маричиќ не е безбеден за НАТО, е безбеден за Македонија.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ спомена и неколку случаи од ресорот на Маричиќ.
„Му се случија ШИК Јелак и Еуростандард банка, криминали од 400 милиони евра, разрешница нема. Бојан Маричиќ е министер за правда, а разрешница за аферата ‘Рекет’ нема. Mу се случуваат наместени пресуди како таа за случајот кај ‘Млечен’, па потоа мораше сензационално да соопштува пресуди на апелација, во сред емисија, уште пред да бидат јавно соопштени, само за да се извади пред јавноста и да создаде слика дека и тој влијаел на таквата казна“, кажа Петрушевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Левица: Членовите на изборните одбори сѐ уште без пари – ДИК и општините молчат
Политичката партија Левица најостро го осудува недозволивото доцнење со исплатата на надоместоците за лицата ангажирани во спроведувањето на двата круга од локалните избори во октомври, односно ноември 2025 година.
„Иако од изборниот процес поминаа речиси три месеци, голем број ангажирани лица сè уште не ги добиле заработените средства, а процесот на исплата кој се врши преку единиците на локалната самоуправа во повеќе општини не е ни блиску до завршен. Левица укажува дека и Државната изборна комисија и локалните администрации покажуваат крајна нетранспарентност во однос на реализацијата на исплатите во многу општини каде постојат задоцнувања, како и во врска со причините за ваквата состојба“, велат од Левица.
Според партијата, со ова однесување, ДИК демонстрира не само административна неодговорност, туку и дрско непочитување на трудот на илјадници лица кои професионално и одговорно го спроведоа изборниот процес.
„Да потсетиме дека висината на надоместоците за изборни ангажмани остана иста како при претседателските и парламентарните избори во мај 2024 година, без никакво усогласување со инфлаторниот раст на животните трошоци во меѓувреме. Тоа значи дека ангажираните лица реално работеа за помал износ, што ја покажува системската негрижа кон оние што го обезбедуваат изборниот процес“, велат од партијата.
Левица бара итна и целосна исплата на сите средства што ДИК им ги должи на лицата ангажирани во спроведувањето на локалните избори, јавно објавување на податоците за реализираните и нереализираните исплати во секоја општина, како и ревидирање на сегашната пракса на исплата преку локалната самоуправа, која се покажува како исклучително неефикасна и нетранспарентна.
Македонија
Сиљановска-Давкова на отворањето на Зимската школа: Македонскиот јазик е темел на идентитетот и културната самосвест
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова преку видео-порака се обрати на свеченото отворање на Шестата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, која се одржува под нејзино покровителство.
Сиљановска-Давкова ја оцени Зимската школа како значаен настан што ја продолжува долгата научна и културна традиција на македонистиката и нагласи дека таа претставува жива академска дебата за македонскиот јазик како темел на идентитетот, меморијата и културната самосвест.
Таа посочи дека во услови на забрзани промени, дигитализација и глобални влијанија, македонскиот јазик мора да биде функционален и видлив во дигиталниот свет и да остане жив за идните генерации, како во земјата, така и во дијаспората.
Според неа, Зимската школа е влог и инвестиција во иднината на македонскиот јазик и македонистиката како светска научна мрежа, а како успешен пример на образовна и научна дипломатија придонесува за меѓунационалниот дијалог и меѓусебното идентитетско разбирање и признавање.
Во обраќањето, претседателката ја истакна и улогата на лекторатите по македонски јазик како културни пунктови и жаришта на македонистиката и изрази надеж за нивно зголемување. Таа ја прогласи Шестата зимска школа за отворена и им посака плодна и инспиративна работа на учесниците.
Македонија
Судењето за „Пулс“ почна со предупредување за родителите на загинатите дека ќе бидат исклучени, по тензиите со бранителката на Јованови
Денешното судење за пожарот во кочанскиот клуб „Пулс“ со 63 жртви и над 200 повредени почна со предупредување за родителите на загинатите кои го следат судењето. Пред да почне сослушувањето на сведоците, судијката Диана Груевска-Илиевска ги предупреди родителите на загинатите да го почитуваат редот во судницата и им објасни дека сите обвинети имаат право на адвокат, по тензијата од минатото рочиште. Ги предупреди дека ќе бидат исклучени од судењето доколку го нарушат редот во судницата, а исклучување на јавноста на следното нарушување на редот побара и адвокатката на сопственикот на „Пулс“ и неговиот син, Ивана Коцевска.
Адвокатката Коцевска во саботата побара сите надлежни органи да преземат мерки поради тоа што, како што кажа, нејзиниот лик бил „злоупотребен и фотошопиран во небулозна форма“ на транспарент за време на „Маршот на ангелите“ во Кочани.
Родителите на загинатите, пак, тврдат дека е неточно тврдењето дека на транспарентот била адвокатката Коцевска, дека тие воопшто не ја споменале, но таа се препознала.
„На постерот не се препознавате само вие, се препознаваат и други лица кои имаат физичка сличност со ликот, но никој од нив не реагираше ниту ја толкуваше пораката како напад. Единствено, вие адвокатке Коцевска излеговте со тврдења дека сте биле лично засегнати. А зошто? Ние семејствата не ве ни споменавме, ниту ве нападнавме. Ние семејствата се бориме за вистината за изгубените животи на нашите најмили“, рече Александар Наунов, татко на загинатата Надица Наунова.
На денешното рочиште ќе сведочат петмина сведоци на Обвинителството кои го преживеале пожарот во „Пулс“.

