Македонија
Заљуби се во безбедното возење
Заљуби се во безбедното возење, уживај во убавините на животот! – е пораката со која Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата го честита празникот на љубовта и виното, Св. Валентин и Св.Трифун.
Живееме во непредвидливо време. Време на пандемија на Ковид 19 но и време на пандемија на сообраќајни незгоди во кои повеќе од 1.3 милиони луѓе во светот годишно го губат животот, а околу 50 милиони се потешко или полесно повредени.
„Св. Валентин или Св.Трифун е денот кога треба да размислите дали вреди да ги жртвувате сите убавини и радости кои ги носи животот само затоа што сакате да возите под дејство на алкохол, затоа што сакате да „беснеете“ по улиците, затоа што се срамите да ставите појас, затоа што сакате да се „сликате“ додека возите, затоа што сакате да се „покажете“ пред другите, затоа што возите без возачка дозвола. Лажат или не знаат тие кои што велат дека возат и се тркаат по улиците за да го подигнат адреналинот затоа што животот се живее само еднаш. Не, за жал само еднаш се умира, а животот, со сите негови убавини, се живее секој ден“, велат од РСБСП.
По повод празниците, Републичкиот совет уште еднаш потсетува: Не дозволувајте поради една лоша одлука или лоша навика да предизвикате сообраќајна незгода со која ќе го загрозите сопствениот живот или животот на некој друг. Последиците од сообраќајните незгоди се трајни и болат засекогаш. Младоста оправдува многу нешта, но не и загубите и болката предизвикана од сообраќајните незгоди.
РСБСП им го честита Св. Валентин и Св.Трифун на сите млади, на сите заљубени, на сите кои сакаат да прослават, кои веруваат во овие празници и кои ги почитуваат позитивните и убавите нешта во животот и ги повикува сите заеднички да го прославиме празникот на љубовта и виното со тоа што ќе испратиме емотивни и едукативни пораки и совети до своите најмили: Заљуби се во безбедното возење, уживај во убавините на животот!; За нас и нашата љубов, раскини му на алкохолот и брзото возење!; Срце си што никогаш не возиш пијан. Среќен празник!; Во име на нашата љубов, биди внимателен секогаш кога седиш зад воланот!; За тие што ги сакаш, и тие што те сакаат, гушни го појасот и почитувај ги сообраќајните правила и прописи!
„Испратете некоја од наведените пораки до вашиот сакан/а. Можеби на тој начин ќе му го спасите неговиот живот или животот на некој друг“, порачува Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Мицевски: Поднесовме Резолуција за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, заедно со пратеници од коалицијата ВРЕДИ и ЗНАМ, ја поднесовме „Резолуцијата за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција“, истакна денеска Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
„По ширењето на лажни вести, невистини и манипулации од страна на СДС, ВМРО-ДПМНЕ како државотворна партија подготви Резолуција со која еднаш засекогаш ставаме точка на измислената тема на мигранти од страна на СДС.
Дозволете ми, да ви ги претставам 9-те точки од кои се состои резолуцијата.
1.Се осудува лажната кампања и манипулативното дејствување на опозициските политички партии, со кои во јавноста се пласираат невистини и инсинуации за наводно постоење договори, политики или активности поврзани со прифаќање мигранти или изградба на мигрантски кампови.
2. Се утврдува дека ниту било побарано, ниту е договорено, ниту ќе биде дозволено воспоставување мигрантски кампови, прифатни центри или трајни форми на сместување мигранти на територијата на општините во државата и дека такви активности не се и нема да бидат дел од владините политики.
3. Се констатира дека ваквите дезинформации се шират свесно и континуирано, и покрај јасните и недвосмислени ставови на надлежните институции, со цел создавање паника, нарушување на јавната стабилност и остварување краткорочни политички интереси на сметка на безбедноста и спокојот на граѓаните, што е спротивно со правилата на поредокот меѓу кои Кривичниот законик, Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, како и Законот за спречување и заштита од дискриминација.
4. Се отфрлаат и се поништуваат сите аранжмани, одлуки и политики на поранешната Влада на Зоран Заев поврзани со создавање кампови за прием и нега на мигранти, кои беа спротивни на националните и државните интереси и ја изложуваа државата на безбедносни и општествени ризици.
5. Се потенцира дека меѓуетничките односи, стабилноста, толеранцијата и меѓусебното почитување се суштинска вредност на општеството и дека секое неодговорно политичко дејствување кое што може да ги наруши овие односи претставува сериозна закана за општествената кохезија.
6. Се потврдува определбата за принципиелна, одговорна и предвидлива надворешна политика, заснована на заштита на националните интереси и почитување на меѓународното право, при што ниту еден надворешен процес не смее да биде на штета на безбедноста и стабилноста на државата.
7. Се повикуваат сите политички субјекти и јавните чинители на одговорност во јавниот говор, почитување на фактите и воздржување од ширење лаги и манипулации кои можат да предизвикаат општествени тензии и да го нарушат јавниот ред и мир.
8. Се утврдува дека со оваа резолуција се става крај на сите шпекулации, дезинформации и лажни сценарија поврзани со наводно прифаќање мигранти или изградба на кампови и се воспоставува јасна, недвосмислена и непроменлива државна политика против нелегалната миграција.
9. Оваа резолуција стапува во сила со денот на нејзиното донесување и ќе биде објавена во Службен весник“.
Со оваа Резолуција, нагласува Мицевски, се потврдува дека Владата и Собранието никогаш нема да дозволат да се преговара за мигранти.
Уверува дека граѓаните треба да бидат спокојни.
Македонија
(Видео) Да се испитаат потеклото на парите на Томовски и донациите во ДПМНЕ: антикорупцискиот тим на СДСМ со пријава до ДКСК
Антикорупцискиот тим на СДСМ денеска поднесува официјална пријава до Државната комисија за спречување корупција, околу случајот на „Сити Аутсорсинг“.
„Фирма која добила 161 тендер, вредни 9 милиони евра а само годинава заработила речиси половина милион евра. Фирма со семејни врски на Ивица Томовски, актуелниот директор на СОЗР со оваа фирма. ДКСК минатата недела отвори предмет за овој случај, но нема да дозволиме тоа да биде само уште еден случај во кој се „перат“ функционерите на ДПМНЕ“.
Оваа пријава, додаваат од СДСМ, ја поднесуваат со цел ДКСК темелно да ги испита донациите на Томовски кон ДПМНЕ, кои како што велат, во неколку наврати надминуваат сума од 800.000 денари.
„Какво е потеклото на парите кој Томовски ги донира на ДПМНЕ? Дали донираните пари се поврзни со оваа фирма? И веќе кога Томовски се огрдува и негира поврзаност со било каква фирма и приватен бизнис, од каде тогаш е потеклото на парите кои ги донира Томовски? Од каде има некој 800.000 денари да ги донира, од плата? ДКСК треба да истражи и да даде одговор на овие прашања.
Граѓаните се заситени од празни реторика на институциите и предмети кои користат за да се исперат функционерите на ДПМНЕ од одговорност“
Одговорност како што нагласуваат ќе има за секој инволвиран во криминал и корупција.
Македонија
Советниците од Левицата во скопските општини со иницијативи за меѓуопштинска соработка со Град Скопје за рушење дивоградби
Советниците од Левица во скопските општини поднесоа иницијатива за воспоставување меѓуопштинска соработка со Градот Скопје, со цел поефикасно и економично спроведување на надлежностите на општините во делот на градежната инспекција и отстранувањето на бесправно изградените објекти.
Со овие иницијативи, како што велат од таму, би се воспоставил системски пристап кон проблемот со бесправните градби на ниво на целиот град.
„Ваквиот пристап е неопходен за заштита на јавната безбедност, јавниот простор, како и за спречување на понатамошна узурпација на заедничките површини и создавање небезбедна и нерегулирана урбана средина.
Со ваквата иницијатива, всушност, наместо склучување на тендери и испумпување на енормни суми од општинските буџети на приватни фирми за рушење на дивоградбите – оваа должност би ја презела ЈП „Улици и патишта” – Скопје.
Амандман за меѓуопштинска соработка на Градот Скопје со сите скопски општини беше поднесен на последната седница на Советот на Град Скопје од страна на советничката група на Левица, но, за жал, истиот беше одбиен од мнозинството поради неиздржани процедурални причини (наводна нужност општините да поднесат ваква иницијатива до Градот, што не секогаш е случај). Од таа причина, уште истиот ден од одбивањето на амандманот – советниците од Левица во скопските општини ја иницираа оваа соработка“.
Додаваат дека ваква меѓуопштинска соработка на последната седница на Советот на Градот се воспостави со Општина Центар, по иницијатива на советниците од Левица во претходниот мандат во Општина Центар.
Апелираат до градоначалниците и мнозинствата низ Советите на скопските општини, без одложување, оваа иницијатива да ја стават на Дневен ред и да се усвои.
„Безбедноста на луѓето нема простор за каприц и ароганција“, истакнуваат од Левица.

