Економија
Народната банка објави одговори на најчесто поставуваните прашања за крипто-средствата
Народната банка постојано ги разгледува релевантните прашања во врска со крипто-средствата, вклучително и нивниот третман во глобални рамки. Имајќи ја предвид и актуелноста на оваа тема на глобално ниво, во изминатиот период тимот на Портата за иновации на Народната банка се осврна и на најчесто поставуваните прашања во јавноста, со цел да им даде соодветни препораки на сите лица од нашата земја што се интересираат за крипто-средствата.
Денес, на својата веб-страница Народната банка објави одговори на најчесто поставуваните прашања во јавноста. Одговорите се достапни на следнава врска: http://nbrm.mk/prashanja-i-odgovori-za-kripto-sredstvata.nspx
Општо земено, Народната банка ѝ укажува на јавноста дека како и во други земји, така и кај нас нема општо прифатена дефиниција за крипто-средствата. Во основа крипто-средствата се сметаат за специфичен вид нематеријално средство, засновано на одредени технологии, кое не е издадено ниту, пак, неговата вредност е гарантирана од централна банка или друг регулаторен орган, не претставуваат пари и понудата на овие средства не зависи од потребите на економијата или монетарниот систем.
Крипто-средствата не претставуваат законско средство за плаќање во нашата земја. Во согласност со постојната регулатива, плаќањата во земјата може да се вршат во домашната валута – денарот. Како и во многу други земји, така и кај нас не постои регулатива со која се регулираат издавањето, вложувањето и тргувањето со крипто-средствата.
Вложувањето во крипто-средства се смета за високоризично. Сите што вложуваат или имаат намера да вложат во крипто-средства треба да бидат исклучително внимателни и добро да се информираат за потенцијалните ризици на кои се изложени и ефектите од таквите вложувања. Високиот ризик што го преземаат лицата што вложуваат во крипто-средства произлегува од исклучително високата променливост на нивната пазарна цена, што значи дека за краток временски период се можни исклучително високи промени во пазарната цена на крипто-средствата (како во нагорна така и во надолна насока). Сите што вложуваат треба да бидат свесни дека вредноста на крипто-средствата може да биде и нула.
При вложувањето во крипто-средства лицата се изложуваат и на многубројни оперативни ризици и други ризици од загуба на нивниот имот, особено во услови на развој на голем број децентрализирани инфраструктури врз кои се заснова поседувањето на крипто-средствата и нивната нерегулираност во глобални рамки. Со оглед на тоа дека издавањето, вложувањето и тргувањето со крипто-средствата зависат од компјутерски системи и софтвери, во оваа сфера многу големо значење имаат ризиците поврзани со дигиталниот простор и можноста за т.н. хакерски напади и губење имот.
Финансиските институции може да одбијат спроведување платежни трансакции што се поврзани со вложување во крипто-средства доколку оценат дека таквите трансакции ги изложуваат нив или нивните клиенти на високо ниво на ризик од перење пари или финансирање тероризам.
Вложувањата во крипто-средства не се гарантирани и не постои механизам преку кој лицата ќе бидат обесштетени. Оттука, ако пропадне платформата преку која се врши тргувањето или субјектот што издал некое крипто-средство, не постои механизам за обесштетување на имателите на крипто-средства. Одговорите на најчесто поставуваните прашања во јавноста во врска со крипто-средствата, објавени од Народната банка, ги претставуваат ставовите засновани на тековно расположливите информации. Со оглед на тоа дека тематиката поврзана со крипто-средствата на глобален план е во постојан развој, постои веројатност од понатамошно менување и дополнување на искажаните ставови во зависност од тоа какви стандарди ќе се развиваат во врска со крипто-средствата на глобално ниво.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

