Македонија
(Видео) Пандов: Великани од историјата се избришани со промената на имињата на улиците, ова е идентитетски геноцид
Според претседателот на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Пандов, со менувањето на имињата на улиците во Скопје градските власти, на чело со градоначалникот Петре Шилегов, вршат идентитетски геноцид.
„Ветувањето дека ќе ја реши Универзална сала, дека ќе направи нови булевари, дека ќе направи нови мостови, ќе имаме тунел под Калето, дека ќе имаме луна-парк за децата, ништо од тоа не е направено и целиот негов мандат се сведува на клучната работа, а тоа е да ги смени имињата на улиците и притоа, како и за сè друго што прави СДСМ, се прави идентитетски геноцид“.
Како што вели Пандов, со новите предлози се менуваат имиња на народни херои, на револуционери, а на нивно место се ставаат разноразни ликови.
„Се брише името на еден од најголемите имиња во македонската историја – Павел Шатев, гемиџија и прв министер за правда, се брише името на Христо Батанџиев, на Борис Трајковски, на Теодосија Гологанов или, ако сакате, на нобеловката Мајка Тереза, а на нивно место се ставаат имиња на ликови што немаат никаква допирна точка со градот Скопје и со македонската историја, а како капак на сето тоа, сигурно по наредба на Зоран Заев, шефот на Шилегов, ќе имаме улица што ќе го носи она срамно обележје и потпишувањето на договорот од Нивици, со кое, да потсетам, ни се смени уставното име“, вели претставникот на ВМРО-ДПМНЕ, кој додава дека има и цела листа со имиња на луѓе што ја сочинувале призренската лига, која, како што вели, како главна идеја го имала создавањето голема Албанија.
„Оттука, со индигнација ние како Патриотски институт на ВМРО-ДПМНЕ и ВМРО-ДПМНЕ ги отфрламе овие имиња и остро се спротивставуваме на тоа“, нагласува Пандов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали – Џанел: Холандската поддршка значајна за реформите и евроинтеграцијата
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со амбасадорката на Кралството Холандија, Озлем Џанел.
На средбата се разговарало за европската интеграција, спроведувањето на Реформската агенда и билатералната соработка. Министерот Сали нагласил дека членството во ЕУ останува стратешки приоритет, како и целосната усогласеност со Владеење на правото.
Било дискутирано и за уставните измени како предуслов за отворање на кластерите, како и за напредокот во рамки на Кластерот „Темелни вредности“. Воедно било истакнато дека третото барање за исплата на средства е доставено навремено, со значителен напредок во реформските чекори.
„Двете страни ја потврдија подготвеноста за понатамошно продлабочување на соработката во областа на реформите и владеењето на правото“, соопштија од Министерството.
Македонија
ССМ: Ако газдите не се одважат да дадат дел од колачот на работниците, ќе бидеме приморани секојдневно да бидеме на улица
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денес напладне ги блокираше стопанските комори во Скопје кои одбиваат да се согласат минималната плата да се големи на 600 евра, а сите останати да се зголемат за 100 евра. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, од улица им кажа на газдите во коморите, за кои смета дека избркале цели семејства надвор од државата, дека се оставени да бидат единствени виновници што не се покачува минималната плата.
„Владата веќе кажа дека се договарала со своите вработени, па ги остави газдите да бидат виновни за идниот генерален штрајк и во јавниот и во приватниот сектор“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов.
Им порача на газдите дека понудата за зголемување на минималната плата е се уште на маса, но нема да остане уште долго оти следниот пат ќе се појават со генерален штрајк. Кажа дека во неработен ден ќе организираат голем работнички протест со организиран превоз за работниците, за да се даде шанса на секој работник да им се придружи.
Претседателот на ССМ Трендафилов објасни дека пред коморите, исто како и пред Собранието, се појавиле со само 21 работник оти толку бара законот, но да немало такво ограничување тој кажа дека бил подготвен за застане сам за да ги заштити работниците да бидат сликани и снимани.
Потпретседателот на ССМ, Иван Пешевски, кажа дека се подготвени секојдневно да им бидат пред очи и на пратениците и на газдите.
„Доколку газдите не се одважат дел од колачот да го дадат на работниците кои во минатото им го овозможиле тој профит, ќе бидеме приморани секојдневно да бидеме на улица со нив, со блокади со шатори и секој еден ден да ги потсетуваме дека повеќе за тие плати нема да работиме“, рече потпретседателот на ССМ, Пешевски.
За вторник следната недела ССМ најави блокада на Владата, пред повторно да преминат на нов голем работнички протест и генерален штрајк.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, денес кажа дека блокадите и протестите на ССМ имаат политичка заднина и во деновите што доаѓаат на македонската јавност ќе и покаже како лицата кои блокираат се поврзани со опозицијата.
Македонија
Кривична пријава против поранешен директор на „Водовод“ – Кочани за местење тендер од 1,4 милиони денари
Полицијата поднесе кривична пријава против A.К.(44), поранешен директор на Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ – Кочани, З.Г.(53), вработен во претпријатието, Б.А.(64), исто така, вработен во претпријатието и против З.Ј.(55) поранешен вработен во јавното претпријатие, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Второпријавениот, како претседател на Комисија за спроведување на јавна набавка, и трето и четвртопријавените, како членови на Комисија за спроведување на јавна набавка, во текот на 2021 година постапиле спротивно на одредбите на Законот за јавни набавки и спровеле постапка за јавна набавка на стоки – средство за превентивна санација од пожари на Градската депонија, при што составиле и усвоиле тендерска документација која содржела спецификација за продукти кои не постоеле на пазарот со цел да ја ограничат конкуренцијата меѓу економските оператори и фаворизирање на правно лице од село во општина Могила.
Првопријавениот, иако бил должен да увиди дека постапката не е спроведена согласно Законот за јавни набавки, донел Одлука за избор на најповолен понудувач и во име на КЈП „Водовод“ Кочани склучил договор со што му овозможиле на операторот да се стекне со противправна имотна корист од 1.406.306 денари.

