Свет
Рига ќе ги казнува граѓаните за гледање нелегални прекугранични канали
Десетици илјади Летонци, кои зборуваат руски јазик, ќе мора да ја намалат јачината на звукот на телевизорот и да се чуваат од маалските кодоши откога стапи во сила новиот закон според кој гледачите на нелиценцирани сателитски телевизии ќе бидат казнети, дури и само за избирање на каналот, пренесува РТ.
Претходно овој месец, локалните медиуми објавија дека Сеимас, парламентот на оваа балтичка држава, го усвои нацрт-законот со кој ќе се криминализира гледањето неодобрени преноси.
Мрежите што ќе бидат засегнати со новиот закон вклучуваат десетици руски телевизиски канали, чиј сигнал може да се фати и преку границата. Повеќе од еден од тројца Летонци зборуваат руски дома, но на десетици радиодифузери кои прикажуваат програми на овој јазик им беа одземени лиценците и им беше забрането да емитуваат програма во земјата од почетокот на овој месец.
Иварс Аболинс, претседател на летонскиот Национален совет за електронски медиуми (НЕПЛП), издаде соопштение за забраната.
„Ние го заштитивме, го штитиме и ќе го штитиме нашиот информативен простор“, рече тој.
Регулаторите тврдат дека гостите во контактните емисии на каналите на руски јазик предизвикувале омраза и повикувале на војна во Европа.
Руската амбасада во Рига жестоко протестира на оваа одлука. Во објавата на својата фејсбук-страница таа рече дека овој закон е како од најдобрите традиции на диктатурата.
Потегот на Рига, наверојатно, е инспириран од фактот дека најголемата опозициска партија во земјата, Хармонија, е предводена од руски говорители и има блиски врски со левичарската руска групација „Фер Русија“. Хармонија освои 23 од 100 места во Сеимас на изборите во 2018 година.
„Повреда на слободата на говорот? Ова е само почеток на тоа“, додаде тој. „Очигледно среде слободен пазар летонските телевизиски канали не може да се натпреваруваат, дури и во информативниот простор на сопствената земја“.
Сега гледачите, најверојатно, ќе се соочат со финансиски казни ако бидат фатени како гледаат недозволени програми. Пратениците посочуваат дека 62.000 домаќинства се приклучени на нелегални сателитски преноси во 2018 година, последната година за која има податоци.
„Репортери без граници“ минатото лето објавија предупредување откако голем број балтички земји забранија неколку одделни канали на РТ. Оттаму рекоа дека иако е легитимно да се брани и да се промовира независно и сигурно информирање, овие забрани се злоупотреба на политиката на санкции на ЕУ.
„Наместо да се забрануваат медиуми на несигурна правна основа, земјите може да побараат од сите медиуми да ја гарантираат уредничката независност, а потоа може да воведат легитимни санкции ако се утврди дека медиумите не постапуваат во согласност со нивните обврски“, велат од „Репортери без граници“.
Украина исто така неодамна се најде на удар на руските и европските политичари за својата одлука да блокира и забрани серија канали на руски јазик, управувани и продуцирани од Украинци што зборуваат руски. Секој трет Украинец дома зборува на руски јазик како прв јазик, но Киев тврди дека каналите се пропаганда на Кремљ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Украина го осуди притисокот од Унгарија и Словачка
Министерството за надворешни работи на Украина го осуди и отфрли, како што наведува, притисокот и ултиматумите од владите на Унгарија и Словачка поврзани со снабдувањето со енергија. Од Киев велат дека ваквите потези се провокативни и неодговорни, особено во момент кога Русија извршува масовни напади врз украинската енергетска инфраструктура.
Во соопштението се наведува дека заканите од Будимпешта и Братислава ја загрозуваат енергетската безбедност на целиот регион.
„Во услови кога Москва се обидува да им ги скрати струјата, греењето и гасот на Украинците оваа реторика му помага на агресорот и истовремено им штети на енергетските компании од Унгарија и Словачка“, се вели во соопштението.
Алтернативни начини на снабдување
Украина соопшти дека е во постојан контакт со Европската комисија за последиците од руските напади и дека им доставила информации на Унгарија и Словачка за оштетувањата на нафтоводот Дружба. Работите за стабилизирање на инфраструктурата продолжуваат и покрај постојаната закана од нови ракетни удари.
Киев, исто така, понудил алтернативни начини за снабдување со неруска нафта за Унгарија и Словачка.
„Украина секогаш била, е и ќе остане доверлив енергетски партнер на Европската унија и транзитна земја за енергенси“, се вели во соопштението.
Украина најави дека може да активира Механизам за рано предупредување предвиден со Договорот за асоцијација со ЕУ, поради како што велат, неоснованите закани.
Киев ги повика владите на Унгарија и Словачка на конструктивна соработка, истакнувајќи дека ултиматумите треба да се испраќаат до Кремљ, а не до Украина.
Закани од Словачка и Унгарија
Словачкиот премиер, Роберт Фицо, порача дека ќе ја прекине итната испорака на електрична енергија за Украина ако Киев во рок од два дена не продолжи со испорака на руска нафта кон Словачка. Словачка, заедно со Унгарија, е една од ретките земји на ЕУ што сè уште зависи од руска нафта преку нафтоводот Дружба.
И унгарскиот премиер, Виктор Орбан, се закани дека Унгарија може да ја запре испораката на електрична енергија за Украина ако не се обнови транзитот на нафтата. „Ако тоа го запреме, може да се случат сериозни последици“, рече Орбан.
Прекин на испораката на нафта
Испораката на руска нафта преку нафтоводот Дружба е прекината од 27 јануари, откако според Украина, руски дрон нападнал опрема во западна Украина. Словачка и Унгарија во последните денови ја заострија својата реторика за продолжување на снабдувањето.
Од октомври минатата година, Русија го засилила нападите врз украинскиот енергетски систем, уништувајќи снабдување со струја и топлина. И покрај војната, Украина продолжува да дозволува користење на својот територија за извоз на руска енергија во Европа, иако таа е значително намалена.
Свет
Американски професор по право: Трамп ризикува нови тужби за најновите царини
Американскиот професор по право, Алан Б. Морисон, изјави дека би бил „шокиран“ ако не следуваат нови тужби против Доналд Трамп поради најновите глобални царини што американскиот претседател ги воведе за увоз во САД.
Морисон, професор на Правниот факултет на Универзитетот „Џорџ Вашингтон“, за Sky News изјави дека Трамп „се обидува да направи многу работи што според законот не може“.
„Вчера рече дека ќе воведе давачка од 10 отсто, денес е 15 отсто, утре може да биде 25 отсто“, истакна професорот.
Претходно Трамп порача дека новата глобална царина од 15 отсто за увоз стапува на сила веднаш и дека станува збор за максималната стапка што може да ја наметне според постојното законодавство.
Морисон предупреди дека претседателот има „страшна буџетска нерамнотежа“ и дека би можел да мора да врати околу 150 милијарди долари на увозниците, што би претставувало „голем проблем за него“. Парите се од претходно воведените царини кои Врховниот суд ги прогласил за незаконски, но Трамп инсистира дека нема да бидат вратени.
Професорот објасни дека Трамп можел да воведе нови царини преку други закони кои во одредени околности тоа дозволуваат, со цел да се обиде да надомести дел од загубите од претходните царини.
Свет
Трамп ги зголемува новите царини од 10 на 15%
Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека ќе воведе глобални царини од 15%, продолжувајќи да се спротивставува на одлуката на Врховниот суд со која се укинати неговите претходни царини за увоз.
Трамп во петокот изјави дека ќе ги замени царините што ги укина судот со данок од 10% на сите стоки што влегуваат во САД.
Но, сега на „Truth Social“ тој објави дека ова ќе се зголеми на 15%.
Новите царини ќе стапат на сила во вторник, 24 февруари, и можат да останат на сила само околу пет месеци пред администрацијата да мора да побара одобрение од Конгресот.

