Македонија
(Видео) Жугиќ: Скопските улици ќе добијат имиња на комунисти на сметка на македонските дејци и херои
Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје ги отфрла новите имиња на улиците, не може улици да добиваат имиња по странски претседатели, а Трајковски да се брише, изјави Јелена Жугиќ, советник во Советот на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ.
„Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Советот на Град Скопје не се согласуваат и едногласно ги отфрлаат предлозите за нови имиња на улици на градот Скопје. Ниту во еден момент во постапката не гласаше и нема да гласа да го поддржи менувањето на имињата на скопските улици. Шилегов, кој себеси се нарекува градоначалник на Скопје, буквално и брутално почна да го одродува градот. Со иницијативата за промена на имињата на улиците во град Скопје, Шилегов го фрла во заборав Борис Трајковски, ја миноризира неговата улога во македонската држава, а наместо тоа, става имиња на улици како УРС-ови синдикати (уједињени раднички синдикати во времето на Кралството Југославија) или Суец или Украина“, рече таа.
Со должна почит кон наведените, но, додаде Жугиќ, кога станува збор за главен град на држава, предимство во обележје и почест се дава на луѓето, на датумите и местата што се значајни и поврзани за градот, односно државата, а потоа на настани, градови и држави што се пријателски поврзани со Скопје и Македонија.
„Петре Шилегов во Скопје ќе именува улица по познатиот комунист Лав Троцки, а ќе го преименува булеварот Киро Глигоров во булевар Војводина. Петре Шилегов покажува целосно непочитување кон ликот и делото на двајцата македонски претседатели, чии лични заложби за мирот и безбедноста се втемелени во македонската држава и историја. Улиците што ги носат имињата на почитуваните Трајковски и Глигоров ќе ги преименува, а притоа ќе именува улица по Алија Изетбеговиќ, поранешен претседател на БиХ, современик на Глигоров и Трајковски. Дали некому овој апсурд му звучи логично и издржано?“, прашува советничката.
Според неа, кога ќе се прочитаат повеќето од новите имиња за скопските улици по планот на Шилегов, скопјани добиваат чувство како да се во Москва, и тоа некаде во периодот од 50-тите, 60-тите години од минатиот век.
„Скопските улици ќе добијат имиња Ленин, Комаров, Троцки и имиња на други видни комунисти и автократи на сметка на македонските дејци, херои, уметници, писатели и научници“, изјави Жугиќ.
На крајот, додаде таа, се наметнува едно логично прашање – дали и со бришењето на имињата на скопските улици оваа локална власт се обидува да ги замачка македонската историја и сеќавањата на ликот и делата на личностите што дале личен придонес во градењето на македонската држава?
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Претпладне појава на слаба магла, во текот на денот сончево и тивко
Во утринските часови ќе има појава на магла по котлините. Во текот на денот ќе биде претежно сончево и тивко, освен во југоисточните делови каде ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 9 до 15 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на слаба магла. Во текот на денот сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на неделата нашата држава ќе биде под влијание на висок воздушен притисок кој ќе услови стабилно и релативно топло време. По одделни котлини во претпладневните и ноќните часови ќе има појава на магла.
Македонија
Сообраќајот на ГП „Богородица“ е нормализиран
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ (ГП Евзони) од 21 часот е нормализиран, информира АМСМ.
Поради блокада на границата за влез и за излез во текот на целиот ден, колони возила чекаа на граничниот премин „Дојран“ за влез во земјава. Претходно од АМСМ информираа дека од 11:00 часот сообраќајот на ГП „Евзони“ (Богородица) е блокиран за влез и излез поради штрајк на земјоделците.

На ГП „Дојран“ сообраќајот се одвива непречено, но поради зголемен интензитет има задржувања за влез во државата.
Македонија
Алијанса за Албанците на 27 декември ќе одржи собрание за реогранизација на партијата
На последниот состанок на Претседателството на Алијансата за Албанците, каде што се дискутираше за политичките случувања во земјата и понатамошните чекори кон структурирање на органите, членовите на Претседателството едногласно гласаа за одлуката за свикување на партиското Собрание, соопштија од партијата.
Според најавата, Собранието ќе се одржи на 27 декември и ќе се дискутира за реорганизација на структурите и органите на партијата, партиските политики и важните стратешки документи.
„Алијансата за Албанците продолжува да останува во одбрана на националната кауза, гласот на артикулирање на уставните и законските права на Албанците и зачувување на евроатлантската ориентација на земјата како единствен пат за перспективата на граѓаните“, пишува во соопштението.

