Македонија
Сопствениците на ресторани за свадби со тричасовна блокада на булеварот во Автокоманда
Сопствениците на ресторани за свадби во знак на протест од 14 до 17 часот ќе го блокираат булеварот Александар Македонски во Автокоманда.
Сопствениците на рестораните за свадби, крштевки и други веселби бараат Владата да ја укине забраната за нивна работа и да донесе протокол за вршење на нивната дејност пред сезоната за венчавки. Тие апелираат до Владата да не ги држи во неизвесност илјадниците младоженци и оваа сезона како и претходната.
ЈСП информира дека поради најавениот протест и блокада на крстосницата на булеварот Александар Македонски со улицата Интернационални бригади, возилата од линиите што сообраќаат во посочениот реон ќе бидат пренасочени.
По изменета траса од вообичаената ќе возат:
Линија 2 во правец од Сарај кон Автокоманда ќе биде скратена до кружниот тек кај „Континентал“, а по истиот режим возилата ќе сообраќаат и во обратна насока.
Линиите 2А и 16 во правец од Сарај и Пржино, од Бит-пазар ќе продолжуваат кон Чаир и по улицата Ферид Бајрам кон Железара до кружниот тек кај стадионот на Металург.
Во правец кон Сарај и Пржино возилата ќе возат по истата траса, од постојката кај стадионот на Металург.
Линиите 13 и 42 во правец од Кисела Вода и Драчево од подвозникот кај кланица, ќе вртат лево кон „Пивара“, па од ЈСП до постојката кај „Алкалоид“.
Во правец кон Кисела Вода и Драчево возилата ќе тргнуваат од „Алкалоид“.
Линиите 43 и 50 од Дом на печатот и Клиничкиот центар, после Работничкиот дом, ќе возат по улицата Кеј 13 Ноември кон населбата Јане Сандански, па по булеварите Србија и Киро Глигоров преку надвозникот во Автокоманда до крајните станици.
Во обратна насока, од улицата Јужноморавски бригади и Хиподром, преку надвозникот во Автокоманда, булеварите Србија, Киро Глигоров и Јане Сандански кон НБРСМ, па кон МАНУ, односно МНТ, ќе продолжуваат по редовните траси.
Линиите 45, 52, 53, 54, 55, 55А, 55В, 62, 63, 65, 65Б, 66, 66А и 68 од Автокоманда кај „Макпетрол“ ќе продолжуваат по надвозникот преку булеварите Киро Глигоров, Србија и Јане Сандански до крајните постојки на Транспортен центар.
Посожениот режим ќе важи и во обратна насока на сообраќање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos

