Македонија
Османи во Париз на разговори за европската перспектива, потпишани и три договори
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во рамките на работната посета на Франција оствари средба со својот домаќин, министерот за Европа и надворешни работи, Жан-Ив Ле Дриан. На средбата беа отворени бројни теми од заеднички интерес, билатералната соработка, сојузништвото во НАТО, реформската агенда на земјата, регионалните предизвици, а централна тема на разговорот беше европската перспектива на Северна Македонија.
„Франција е еден од главните мотори на Европската Унија и силна европска земја и ние сме навистина благодарни што денес ја реафирмиравме поддршката за нашите европски интеграции. Овие пријателски пораки ни се потребни затоа што без разлика на предизвиците не сакаме да оставиме простор за разочараност. Ние остануваме посветени на реформите, на развој на добрососедските односи, но и на унапредување на довербата со нашиот сосед Бугарија. Ние се гледаме себе како дел од ЕУ и тоа ќе го оствариме пред сè за да обезбедиме успешна иднина на нашите граѓани, но и како наш влог за успех на иднината на Европа”, истакна Османи.
На средбата беше разгледано европско досие на Република Северна Македонија, во контекст на потребата од спроведување на одлуката на Советот на ЕУ во март минатата година. Оваа одлука беше донесена со консензус од страна на земјите членки на ЕУ, кои дадоа согласност за почеток на преговорите со нашата држава, за што Османи потенцираше:
„Секако дека претставува заедничка обврска да го зачуваме европскиот кредибилитет меѓу земјите од Западниот Балкан, затоа што не само нам, туку и на целиот континент му е потребен стабилен, просперитетен и европски регион. И тука најмногу сметаме на принципиелната поддршка на земјите членки, сметаме на фер однос, сметаме на системот на заслуги, и сметам дека денес ги реафирмиравме овие принципиелни позиции и со Франција”.
Во насока на збогатување и продлабочување на билатералната и економска соработка, Османи и Ле Дријан потпишаа три Договори.
„Денешното потпишување на Договорот за основање на француската Агенција за развој отвора нови перспективи во билатералните односи меѓу Северна Македонија и Франција. Оваа соработка е од исклучително значење за економскиот и социјалниот развој на Северна Македонија преку создавање можности за техничка и финансиска поддршка при имплементација на реформи во областа на животната средина, енергетиката, иновациите, дигиталната економија итн. На овој начин почнува да се имплементира и Стратегијата за Западен Балкан на претседателот Макрон, во нашата држава, што претставува дополнителен придонес во исполнување на заедничките цели. Дополнителен придонес за збогатување на односите меѓу нашите две земји е потпишувањето и на Договорот за филмска копродукција и Договорот за прием на донација на пренослив систем за балистичка идентификација“, нагласи Османи.
Во текот на денот во Париз Османи ќе се сретне и со советниците на претседателот Макрон, Изабел Думон и Александар Адам, со сенаторката Марта де Сидрак и со заменик-генералниот директор на француската Агенција за развој, Филип Бодуен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши од Вашингтон: Северна Македонија останува лојален сојузник на НАТО и посветен партнер на САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој престојува во работна посета на Вашингтон, САД, денеска се обрати на Форумот за безбедност на тема „Инвестирање од 5% во одбраната и посветеноста кон партнерството со САД“. На настанот учествуваа светски лидери и претставници на Американскиот конгрес, при што се дискутираше за безбедноста и зајакнувањето на трансатлантската соработка.
Гаши кажа дека посветеноста на нашата земја кон НАТО е силна, водена од убедувањето дека ниту една нација не може сама да ја гарантира својата безбедност.

„Северна Македонија придонесува со дисциплина, стои покрај своите сојузници, ги исполнува преземените обврски и го докажува партнерството преку дела. Во време на глобална неизвесност, соработката во рамките на НАТО е поважна од кога било, особено за земји како нашата, во срцето на Балканот. Зајакнувањето на институциите, инвестициите во одбраната и заедничката интероперабилност се од суштинско значење за нашата колективна отпорност“, рече Гаши.
Тој додаде дека Македонија е лојален сојузник на НАТО и стабилен партнер на САД.
„Ние стоиме како лојален сојузник на НАТО и стабилен партнер на Соединетите Американски Држави. Како што има истакнато претседателот Џон Ф. Кенеди: „Им ветуваме лојалност на лојалните пријатели. Бидејќи обединети, има малку нешта што не можеме да ги направиме; поделени, има малку нешта што можеме да ги направиме.“ А децении подоцна, претседателот Џорџ В. Буш го потврди овој двопартиски принцип, потсетувајќи нè дека „за да го обновиме нашето единство, доволно е да се потсетиме на нашите вредности““, рече Гаши.
Во истиот дух, додаде тој, Северна Македонија ја избира одговорноста наместо двоумењето и единството наместо поделбите. „Ова е нашето ветување кон заедничките вредности, заедничката безбедност и силната Трансатлантска алијанса“, рече Гаши.
Македонија
Утре облачно време со температура до 14 степени, од недела заладување
Времето утре ќе биде облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Во југоисточните делови ќе има врнежи од дожд (над 20 l/m²), а на повисоките планини во северозападните делови врнежи од снег, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 7, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Следува период на променливо облачно до сабота и релативно топло време со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Во текот на ноќва во југоисточните делови ќе наврне над 20 l/m² , а во петок поинтензивни врнежи ќе има во крајните западни делови. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.
Од недела ќе настапи заладување и врнежи од снег се очекуваат на планините и во некои од повисоките места.
Македонија
Град Скопје најавува системско проширување на „Лајка“: 30 милиони денари за хумано решавање на проблемот со бездомните кучиња
Град Скопје почнува, како што соопштува, сериозен, хуман и системски пристап за решавање на проблемот со бездомните кучиња преку значително проширување на капацитетите на ЈП Лајка.
Од Град Скопје информираат дека по преземањето на функцијата градоначалник, ставен е крај на досегашната практика ЈП „Лајка“ да се користи за партиски вработувања, при што фокусот е насочен кон вистинско и одговорно справување со проблемот кој, како што се наведува, со години бил игнориран.
Во програмата на градоначалникот, се посочува во соопштението, предвиден е значаен фокус на ова прашање, а обезбедени се 30 милиони денари за сериозно проширување на капацитетите на ЈП „Лајка“ и за создавање современи и хумани услови за згрижување на бездомните кучиња. Станува збор за, како што се наведува, суштинска промена со цел постигнување конкретни и видливи резултати.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски изјави дека нема да се дозволи Скопје да биде депонија за бездомни кучиња од други градови. Прашањето за нивното несовесно носење во главниот град веќе е отворено со надлежните институции, а со воведувањето на системот „Сејф Сити“ ќе се овозможи идентификација и санкционирање на сите прекршители.
Воедно, градоначалникот упатил апел до граѓаните да бидат активен партнер во овој процес и секоја појава да ја пријавуваат, посочувајќи дека само со заедничка акција може да се воспостави функционален и одржлив систем за справување со проблемот.

