Македонија
Маричиќ: И Евростат потврди дека Законот за пописот е во согласност со највисоките стандарди

Министерот за правда, Бојан Маричиќ, одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието, рече дека од Евростат потврдиле дека Законот за пописот и методологијата по која ќе биде спроведен е по највисоките пропишани стандарди што се воспоставени во сите развиени земји.
„По одговорот што стигна од Евростат, се поклопуваат сите сомнежи на опозицијата и за методологијата и за Законот за пописот, како и за начинот на кој ќе се спроведе пописот. Ајде да се обединиме, да ја оставиме дневната политиката настрана и заедно да го спроведеме пописот. Ги повикувам сите политички партии и ги охрабрувам да го направат тоа. Пописот ѝ е потребен, пред сè, на државата, нам, на сите граѓани, а не на партиите. Вчера беше донесен и здравствениот протокол за изведување на пописот од страна на Комисијата за заразни болести, па оттука ќе бидат исполнети и сите здравствени протоколи за цел безбедно спроведување на пописот“, потенцира Маричиќ.
Министерот пред пратениците рече дека веќе следната недела почнува попишувањето на неколку групи граѓани, меѓу кои и на дијаспората. Ќе се попишуваат од понеделник и припадниците на Армијата, лицата во воспитно-поправните установи, затворите, дипломатите и нивните семејства во странство, како и бездомните лица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Улица во Кисела Вода денес без струја

Корисниците на улицата Кумановска во општина Кисела Вода денес ќе останат без електрична енергија во периодот од 12:00 до 15:00 часот, информираат од ЕВН Македонија АД.
Прекинот е најавен поради технички зафати на дистрибутивната мрежа.
Македонија
Денес сончево и топло, од четврток промена на времето

Утрото ќе биде ведро и посвежо, а преку денот се очекува претежно сончево и топло време, со слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималните температури ќе се движат од 6 до 14 степени, додека максималните ќе достигнат од 27 до 33.
Во Скопје ќе преовладува сончево време, со утринска температура до 12 и дневна до 33 степени, информира УХМР.
До среда ќе се задржи стабилно и топло време. Од четврток попладне следува период на променливо облачно време со локални врнежи. Во петок се очекуваат и гремежи, како и умерен до засилен југоисточен ветер.
Температурите ќе бидат во постепено опаѓање, особено за време на викендот.
Македонија
Сиљановска-Давкова во Њујорк: Време е кормилото на ОН да му го довериме на жена

Во рамки на учеството на 80. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на состанок на високо ниво по повод 30-годишнината од Четвртата светска конференција за жените.
Во своето обраќање, Сиљановска-Давкова истакна дека иако Пекиншката декларација останува темел на борбата за родова еднаквост, напредокот е нееднаков, кревок и често реверзибилен.
„Насилството врз жените останува неказнето, фемицидот ја осквернува светоста на животот, а жените сè уште се соочуваат со бариери во пристапот до ресурси, лидерство и одлучување,“ рече таа.
Претседателката посочи и на кризата во Обединетите нации, институција основана за заштита на мирот, а денес исправена пред бројни конфликти низ светот. Таа апелираше на храбро лидерство од жени, велејќи:„Ако сме сериозни во врска со мирот, време е да го довериме кормилото на ОН на жена.“
Во нејзиниот говор таа подвлече дека родовата еднаквост не е феминистичка привилегија, туку хуманистички императив, потенцирајќи дека жените се носители на исцелување, сочувство и надеж.
Учесниците на состанокот ја потврдија потребата од посветеност, конкретни политики и ресурси за реализација на визијата од Пекинг и за создавање праведни и просперитетни општества.
Пекиншката декларација, како што потсети Сиљановска-Давкова, повикува на еднакви права и пристап за сите – жени и мажи, девојчиња и момчиња – и тој повик, рече таа, останува ургентен и денес.