Македонија
Филипче: Постапката за изградбата на клинички е транспарентна
Конечно, треба да сфатите дека криминални зделки како на тоа што сте учени веќе нема во нашиот здравствен систем, рече министерот за здравство, Венко Филипче, одговарајќи му на пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, кој во Собранието постави пратеничко прашање за изградбата на новиот клинички центар.
„Клиничкиот центар што вие требаше да го правите беа само обични интерни клиники и требаше да нè чинат 120 милиони евра. Ние ги реновираме за не повеќе од 1 милион евра. Замислете колкава разлика е тоа? Договор потпишавте со компанија која, по неколку месеци, отиде во стечај, замислете каков договор направила претходната влада за таканаречениот нов клинички центар? Нормално е дека го прекинавме договорот. Зошто? Поради тоа што се направи соодветна ревизија на физибилити-студијата, која беше напарвена токму од претходната влада пред повеќе години, која јасно укажува дека гринфилд-инвестиција е многу подобро од браундфилд-инвестиција за клинички центар. Во тој проект влезе и се приклучи австриската влада лично преку канцеларот Курц и како донација ја ревидираа таа физибилити-студија и стигнавме до еден современ и модерен проект на клинички центар како што заслужуваат нашите граѓани, нешто што ќе служи во следните децении за да овозможи интегриран модел на здравствена услуга“, рече Филипче.
Министерот посочи дека е направена физибилити-студија со предлог-проект, а две најреномирани европски комапнии аплицираа и се квалификуваа во втората фаза на конкурентниот дијалог – германската „Вамед“ и француската „Буиг констракшн“.
Филипче уште еднаш ја повика опозицијата заедно да го сработат овој проект, односно да го поддржат законот.
„Во самиот закон ставивме дека ќе има независен финансиски ревизор заради тоа што сакаме со тој закон да дозволиме девете компании да дадат една понуда да не ги изгубиме врвните европски компании да ни го овозможат своето искуство и можностите, конечно, да направиме клинички центар каков што нашите граѓани заслужуваат. Ве повикувам да бидете дел од тој процес, да бидете дел од процесот што го мониторира и го следи изведувањето на проектот. Еднаш да покажеме дека нема разлика помеѓу власта и опозицијата кога станува збор за еден таков важен проект“, рече Филипче.
Министерот потенцира дека целиот процес е јавен и транспарентен укажувајќи дека поминало времето кога големи иновативни компании си оделе од нашата земја.
„Во ваше време замина ‘Астра зенека’, која сега, замислете, прозиведува вакцина, замина ‘Глаксо’ поради криминалниот увоз на паралелни лекови кога којзнае што носевте и ги труевте граѓаните на Република Северна Македонија“, рече Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

