Македонија
Осуда за нападите врз новинарите на протестот за „Монструм“

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) најостро го осудува нападот и попречувањето на работата на новинарите за време на вчерашниот протест против пресудата за случајот „Монструм“, откако физички беше нападната екипата на МИА и новинар на дневниот весник Слободен печат.
Група демонстранти се обиделе да им ја одземат опремата на медиумските работници од МИА. Снимателот бил турнат а неговата опрема оштетена.
Во вториот случај, новинар на дневниот весник Слободен печат бил спречен да ги извршува своите задачи од страна на полициски службеници во цивилна облека кои го извлекле на страна, му ја свиткале раката, безобразно и дрско се однесувале кон него и не го пуштиле додека не го избрише снимениот материјал со изговор дека ги снимал полицајците во лице.
„Секој вид на напад на медиумските работници, без разлика дали е вербален или физички, како и секое попречување на нивната работа, претставува загрозување на слободата и правото на информирање и се апсолутно неприфатливи“, велат од АВМУ.
Агенцијата апелира на медиумските работници да им се овозможи слободен, непречен и безбеден пристап до сите настани, особено до оние од јавен интерес.
Осуда за нападот стигна вчера и од здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).
Порачаа дека ваквиот однос кон новинарите потребно е да биде строго казнет од страна на Министерството за внатрешни работи затоа што насилството кон новинарите не е дозволиво во демократски земји.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Првиот ден од септември ќе биде сончев со мала облачност

Првиот ден од септември, како и неделата, ќе биде сончев со мала до умерена облачност и слаб до умерен ветер од северозападен правец, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи (УХРМ).
Минималните утрински температури ќе се движат од 8°C во Маврово до 18°C во Гевгелија, додека максималните дневни ќе достигнат од 24°C до дури 34°C во Скопје.
Во главниот град утре се очекува сончево време со мала до умерена облачност. Температурата ќе се движи од 18°C во утринските часови до максимални 34°C во текот на денот.
Од вторник, метеоролозите најавуваат уште потопло време – сончево со мала до умерена локална облачност и температури кои ќе се движат од 30°C до 37°C.
Во среда пак ќе настапи промена – времето ќе биде променливо облачно, со слаб до умерен западен ветер. Попладне на повеќе места ќе има појава на пороен дожд и грмежи. Температурите ќе се движат меѓу 29°C и 36°C.
Македонија
Се врати во функција бројот 192 на МВР

Отстранети се техничките проблеми и повторно е во функција телефонскиот број 192, кој граѓаните на Скопје можат да го користат за било каква пријава или информација, информира Секторот за внатрешни работи Скопје.
За истата намена, како што велат, редовно функционира и телефонскиот број 112, како и телефонските броеви на полициските станици во населбите каде граѓаните живеат.
Македонија
Пожарот во Вардариште е под контрола, дел по дел Скопје добива струја

Пожарот во депонијата Вардариште е ставен под целосна контрола, информираат од Дирекцијата за заштита и спасување.
Поради големиот пожар повеќе населби во Скопје беа без електрична енергија, а од ДЗС информираат дека набргу дел по дел, ќе биде пуштена електричната енергија.