Македонија
Пандемијата покажа дека е потребен комплетен ресет на општествениот систем, рече професорот Даниловски
Пандемијата ја истакна важноста на глобалната соработка, ни покажа дека целото човештво се наоѓа на ист брод, дека сите сме делови од еден затворени систем на врзани садови, а вирусот може да се победи некаде, само ако е поразен насекаде. Но пандемијата покажа и дека е потребен комплетен ресет на општествениот систем, истакна епидемиологот проф. д-р Драган Даниловски, кој беше предавач во онлајн дискусија што секоја недела ја организира Лекарската комора на РСМ, со цел размена на најновите сознанија и искуства во лекувањето на Ковид-19 меѓу здравствените професионалци.
„Стана јасно дека никој не може да се преправа дека може да постигне безбедност само во своите граници. Се поставува и прашање зошто одговорните политичари ширум светот не се собраа во меѓународните институции и не се договорија државните и мултилатералните цели меѓусебно да ги усогласат и надополнат“, рече проф. д-р Даниловски.
Пандемијата направи да ја цениме улогата на некои луѓе чија улога во општеството обично е потценета, како што се медицинските сестри, болничарите, касиерите, куририте за брза пошта, без кои системот не може да функционира.
„Пандемијата, исто така, на најдиректен начин покажа дека докторите и другите здравствени работници во ковид центрите се херои кои што покажуваат огромна храброст и посветеност наспроти сите потешкотии низ кои поминуваат. Важна улога играат и лекарите од примарната здравствена заштита кои на сопствените плеќи ја држат пирамидата на здравствениот систем и се грижат да го сочуваат здравјето на граѓаните“, рече проф. д-р Даниловски.
Во вториот дел од своето обраќање истакнатиот епидемиолог осврнувајќи се кон негативните ефекти од вирусот Ковид-19, истакна дека иако има уште многу неизвесности, се побројни се доказите дека причините за појава на болеста, но и мулти општествените засегања зависат од повеќе системи: системот на животна околина, здравствениот систем, политичкиот систем, економскиот систем, социјалниот систем и системот за снабдување со храна.
„Се мислеше дека потеклото на вирусот е преку трансмисија од лилјаци на луѓе, сепак последната мисија на СЗО не е убедлива дека е тоа така. Значи останува нејасно од кои природни жаришта потекнува вирусот. Но јасно е дека неговото потекло и потеклото на некои слични РНК вируси лежи во човечките интервенции врз системот на животна средина секогаш водејќи се од економски мотиви. Активностите како што се уништување на шуми, населувањето на подрачја кои не се погодни за живот на луѓето, рударство, градење на транспортна инфраструктура, сето тоа доведува до интеракција на човечката популација со одредени патогени организми кои имаат природни жаришта во тие предели. Податоците покажуваат дека 71 отсто од сите заразни болести се пренесени на луѓето од дивиот свет, а се смета и дека таа стапка интензивно ќе се зголеми. Некои активности на човекот кои во некои култури се помодарство, а во некои традиција, како трговијата со диви животни, ги доведуваат луѓето во поблизок контакт со дивиот свет и на тој начин го олеснува преносот на одредени вируси“, објаснува проф. д-р Даниловски.
Во предавањето се истакна и тоа дека здравствениот систем се соочи со големи предизвици во однос на тестирањето, следењето на контактите на заболените, се јавија проблеми со обезбедување на болничка интензивна нега, пристап до медицински човечки ресурси. Здравствените системи се распаѓаат под притисок на голем број заболени. И покрај доказите дека личната зaштитна опрема е ефикасна за заштита, сепак многу здравствени работници настрадаа и починаа. Лок даунoт на здравствениот систем и сторнирањето на сите елективни здравствени услуги го искомпромитира неговото функционирањето за целата друга патологија, освен за ковид-19.
„Последиците на тоа ќе ги видиме во некое друго време, а веројатно не очекува втора епидемија на хронични заболувања и ментални проблеми“, потенцираше проф. д-р Даниловски.
Тој го апострофираше и нездравиот начин на исхрана кај луѓето кој и пред пандемијата беше втора глобална водечка причина за лошо глобално здравје и за смртност во светот.
„За време на пандемијата се покажа дека оваа лоша подлога на здравјето директно влијае врз тежината на болеста и исходот од лекувањето на Ковид-19. Дебелината, кардиоваскуларните болести, дијабетесот, хипертензијата, значително го зголемуваат ризикот од компликации од вирусот. Тоа ни укажува дека имаме популација со многу здравствени проблеми и треба сериозно да се замислиме како ќе се справиме со тој начин на живот. Загрижува и фактот што живееме во пандемија на физичка неактивност, секој трет граѓанин се соочува со прекумерна телесна тежина, секое второ машко дете во основно образование е прекумерно тешко, а дури 20 отсто од овие деца се дебели. Имаме 400.000 дијабетичари, 100.000 пациенти со бронхијална астма и сите овие бројки се на население од околу 1,6 милиони жители. Многу нешта треба да нè поттикнат да размислиме по кој пат треба општеството и сите ние да тргнеме“, порача проф. д-р Даниловски.
Според него од витално значење е да се овозможат промени кои ќе донесат на функции лидери обучени да носат одлуки познавајќи ја комплексната интеракцијата на сите општествени системи. Неопходно е да се вработат експерти кои ќе умеат да ја одржат комуникацијата меѓу системите и ќе нудат експертски елементи на политичарите кои носат одлуки за да можат да донесат информирана одлука во врска со различни политики.
„Од ситуацијата во која се најдовме поради ковид-19 треба да научиме и дека во новата ера време е да ги мобилизираме добрината и љубовта и да ги ставиме на централно место во нашите животи, а да се редефинираат целите на бизнисот, на економијата и на владеачките институции. Треба да се постават нови цели кои ќе бидат во функција на исполнување на човечките потреби“, вели проф. д-р Даниловски.
Претседателот на Лекарската комора проф. д-р Калина Гривчева Старделова која ја модерираше онлајн дискусијата рече дека никој не беше спремен за пандемија во 21 век.
„Мислевме дека се можеме без да ни се врати, не беше подготвена ниту Светската здравствена организација, ниту земјите кои беа синоним за организираност и послушност. После оваа година и откако пандемијата ќе заврши ќе треба да кажеме дека ваквото однесување не е одржливо за општествениот живот и дека мора да ставиме крај и да почнеме одново“, заклучи проф.д-р Старделова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Охрид најкритично во Далјан, се излеа и Кочанска река – извештај за состојбата по обилните дождови
Обилните врнежи на дожд предизвикаа зголемен водостој на реките и локални излевања во повеќе делови од државата, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК), според состојбата до 18:00 часот.
Во Штипско–Кочанскиот регион е регистрирано локално излевање на Кочанска река кај селото Горни Подлог, каде што интервенира КЈП „Водовод“ Кочани со механизација. Оризарска река има излевање кај селото Грдовци, а на терен интервенира Водостопанство „Брегалница“, додека полицијата од Кочани го обезбедува подрачјето и го регулира сообраќајот. Зрновска река се излева пред вливот во Брегалница, а состојбата ја следи Регионалниот центар за управување со кризи. Злетовска река и Брегалница имаат зголемен водостој, но без излевање. На патниот правец Македонска Каменица – рудник Саса се интервенира поради одрон.
Во Охрид, најкритична е состојбата во населбата Далјан по излевање на реката Далја. ЈП „Водовод“, „Нискоградба“ и „Комуналец“ интервенираат со механизација, додека Територијалната противпожарна единица и Дирекцијата за заштита и спасување со пумпи вршат испумпување на водата од поплавените објекти. Регионалниот центар за управување со кризи Охрид ги координира пријавите преку бројот 112. Кај Коселска река, во правец на селата Ливоишта и Вапила, се преземаат мерки за заштита на патниот правец.
Во Кичево, поради претходните врнежи, дел од површините се заезерени, а состојбата со поплавените објекти на улицата „Прилепска“ е непроменета. ТППЕ, ДЗС и ЈП „Комуналец“ вршат испумпување и обезбедување на теренот, додека Општина Кичево и Црвениот крст се грижат за евакуираните лица.
Во Битолскиот регион, во Општина Битола се вршат теренски контроли од страна на РЦУК и општинските служби. ЈКП „Комуналец“ интервенира во населбата Стрчин, „Македонија пат“ расчистува на регионалниот пат Р-2333, а Водостопанство ја следи состојбата на реките Шемница и Црна. Во Ресен и Демир Хисар се врши испумпување и заштита на загрозените површини.
Во Куманово, Липково и Крива Паланка состојбата се следи од РЦУК, општините и Водостопанство, а „Македонија пат“ и комуналните претпријатија вршат превентивно расчистување и посолување на ризични патни делници.
Во Тетово се интервенира со механизација на патиштата кон селото Ѓермо и месноста Бањиче. Во Мала Речица полицијата и инспекциските служби постапуваат по уривање на потпорен ѕид, а во Желино се интервенира по излевање кај реките Стримница и Палатица. На Попова Шапка, по координација со РЦУК Тетово, патот се расчистува со механизација. Во Гостивар, ЈП „Комуналец“ и Водостопанство преземаат мерки по пријавени излевања.
Македонија
ЗНАМ: Одбивањето лидерска средба е признание за политичка слабост
Движење ЗНАМ за Наша Македонија ја поздрави иницијативата на претседателот на Владата за одржување лидерска средба, оценувајќи ја како одговорен и државнички чекор насочен кон стабилност, дијалог и политичка зрелост во, како што наведуваат, клучен момент за државата.
Од ЗНАМ реагираат дека денешната прес-конференција на претседателот на СДСМ, Филипче, покажала отсуство на капацитет и волја за конструктивен политички дијалог, при што, според нив, наместо аргументи се нудат поделби, навреди и неосновани обвинувања.
„Кога се нема аргументи и резултати, се посегнува по стари сценарија – плашење на јавноста, теории на заговор и етикетирање на политичките противници“, се наведува во реакцијата, додавајќи дека, наместо соочување со сопственото минато, СДСМ повторно бега од разговор и се крие зад техничката влада.
Од Движење ЗНАМ за Наша Македонија нагласуваат дека се залагаат за целосно и непречено функционирање на институциите, одговорно носење одлуки и изнаоѓање конкретни решенија во интерес на граѓаните и државата. Според нив, на Македонија ѝ е потребна политичка храброст и зрелост, а не блокади, уцени и калкулации.
Во соопштението се посочува дека иницијативата за лидерска средба претставува можност релевантните политички чинители да покажат одговорност кон државата и граѓаните, при што одбивањето на дијалог, како што наведуваат, е признание за слабост.
ЗНАМ порачува дека останува определено за транспарентност, почитување на демократските процеси и враќање на довербата во институциите, како предуслови за стабилна држава и јасен, одговорен пат на Македонија кон полноправно членство во Европската Унија.
Македонија
Променливо облачно утре, дожд и снег најавени за северозападните делови
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта, во северозападните делови од земјата ќе има повремени врнежи од дожд, додека на планините се очекува снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималните температури ќе се движат од -9 до -2 степени, а максималните од 3 до 9 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со сончеви периоди и слаб променлив ветер. Утринската температура ќе се спушти до -6 степени, а дневната ќе достигне околу 4 степени.
Во наредните денови следува нестабилен период. Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и повисоките места од снег, а во пониските предели од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, каде што се очекува и дополнително зголемување на снежната покривка.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер со брзина над 60 километри на час, а ќе има и повремени локални врнежи од снег. Температурите ќе бидат во опаѓање, при што на одредени места дневните температури ќе останат под нула степени.
Од вторник се најавува период на стабилно и суво време.

