Свет
Најопасните мутации на коронавирусот и нивните симптоми
Мутациите се нормална низа во животниот циклус на вирусот и сите негови нови соеви не мора да бидат нужно опасни за луѓето. Некои се поблаги, некои се поопасни, а некои се неутрални во споредба со оригиналот.
Некои мутации не претставуваат значителни промени, други ја намалуваат ефикасноста на вирусот, но одредени мутации го прават еволутивно и биолошки поефикасен бидејќи тој подобро се врзува за рецепторите на клетките што ги инфицира.
Таквиот вид е поуспешен во наоѓање место за негово размножување, така што значително ги зголемува шансите за негово продирање во човечката популација и се заканува да стане доминантна верзија на болеста.
Во моментот има повеќе од четири илјади видови на коронавирусот, а епидемиолозите се најзасегнати од четири од нив.
1. Британскиот вирус стана доминантен во поголемиот дел од Велика Британија и се прошири во повеќе од 50 други земји вклучувајќи ја и Македонија. Се карактеризира со зголемена преносливост, поголема од 40 проценти, што доведува до зголемена инциденца, хоспитализација и севкупен притисок врз здравствениот систем. Симптомите на британскиот вид се нешто пооинакви од оние на оригиналниот од Вухан и неговите други субваријанти: губењето на мирисот и вкусот е поретко, а кашлицата, заморот, болките во мускулите и грлото се доминантни симптоми во оваа верзија.
2. Јужноафриканскиот сој досега е потврден во најмалку 30 земји. Оваа варијанта има 17 мутациски промени во однос на вирусот од Вухан. Според истражувањето на научниците, јужноафриканската верзија на Ковид-19 има способност да ги избегне антителата во крвната плазма на веќе оздравените пациенти од оваа болест, а исто така ја намалува и ефикасноста на моментно достапните вакцини. Покрај тоа, тој е позаразен, најмалку 1,5 пат, од оригиналната варијанта.
3. Бразилскиот сој е причина за можеби најголемите стравови на епидемиолозите: тој претставува злобна комбинација на карактеристиките на англиските и јужноафриканските мутации. Кристијан Рамадан, професор по молекуларна медицина на Универзитетот во Оксфорд, неодамна го нарече суперсој. Тој создаде сосема неочекуван хаос пред извесно време во бразилскиот град Манаус, каде што зарази голем број луѓе што веќе го прележале коронавирусот.
4. Њујоршкиот вид во моментот е најнеистражен од сите погоренаведени, но во однос на зголемената инфективност тој многу потсетува на јужноафриканскиот брат. Стана доминантен во Њујорк и во другите урбани делови на САД и полека ги потиснува другите видови коронавирус, а исто така има значителен потенцијал за реинфекција, т.е. повторна инфекција на човек што веќе закрепнал од оној од Вухан. Бидејќи предизвикува нешто потешки симптоми на болеста и хоспитализации, а најмногу се открива кај постари лица, тој е потенцијално голема закана за секое општество.
Иако сегашните вакцини се дизајнирани според претходните верзии на болеста, неодамнешните истражувања покажуваат дека сите достапни вакцини штитат барем до одреден степен од новите видови.
Вакцината на „Оксфорд/Астра зенека“ добро штити од британскиот вид, но во многу помала мера од јужноафриканскиот сој. Како резултат на тоа, Јужна Африка престана да ја користи оваа вакцина и има намера да ги продаде купените количини.
Првите резултати од „Фајзер“ и „Модерна“ сугерираат дека нивните вакцини се доволно ефикасни против јужноафриканската верзија иако имунолошкиот одговор можеби не е премногу силен или долготраен.
Научниците велат дека сите вакцини ќе бидат редизајнирани според новите соеви, но и на оние што допрва доаѓаат. Како и кај вирусот на грипот, кој постојано мутира, сите промени на коронавирусот мора да бидат придружени со постојан лабораториски мониторинг и адаптација на вакцините.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Зеленски: Преговарачките тимови денес постигнаа значителен напредок
Украинскиот претседател Володимир Зеленски разговараше по телефон со својот фински колега Александар Стаб, а фокусот на разговорот беше на преговорите за прекин на војната што Русија ја води против Украина. Зеленски истакна значителен напредок во подготовките за клучните состаноци во Соединетите Американски Држави, објави Украинска правда.
Зеленски во објава на социјалната мрежа Икс изјави дека тој и Стаб разговарале за „контакт со партнерите“ во контекст на мировните преговори.
„Тука во Украина, во моментов се подготвуваме за состаноци и преговори во Соединетите Американски Држави, а од денес, нашите тимови – украинскиот и американскиот преговарачки тим – постигнаа значителен напредок. Многу е постигнато во развојот на потребните безбедносни гаранции, план за закрепнување и економски развој, како и рамковен документ од 20 точки“, објави Зеленски.
Тој додаде дека украинската страна вредно работи за да постигне „заеднички успех за Украина и цела Европа, за Соединетите Американски Држави и претседателот Трамп, за сите наши партнери низ целиот свет и за глобалниот мир“.
Зеленски особено им се заблагодари на членовите на американскиот преговарачки тим – Стив Виткоф и Џаред Кушнер – како и на „сите што помагаат“.
Европа
(Фото) Бомба експлодираше на прометна улица во Харков: има загинати и повредени
Руските сили извршија напад со наведувани воздушни бомби врз Харков, погодувајќи градски пат. Во нападот загинаа две лица, а неколку други беа повредени, објави градоначалникот Ихор Терехов, според „Украинска правда“.
Градоначалникот на Харков беше првиот што го пријави нападот на социјалните медиуми. „Харков е нападнат со наведувани воздушни бомби. Експлозии се слушнаа во предградијата и во самиот Харков. Според првичните информации, нападот ја погодил населбата Шевченки. Информациите за последиците од нападот се проверуваат“, напиша Терехов.
🇺🇦🔱 Kharkiv.
ruzzia attacked the city and suburbs with KAB'sIn this area, there are only civilian residential buildings, an educational institution, and no military facilities.
▪️One man was killed on the spot, and another died in an emergency medical vehicle. pic.twitter.com/Bvm6doETcS— Tracey SBUFella 🇬🇧🇺🇦 #NAFO (@trajaykay) December 26, 2025
Подоцна, Терехов даде повеќе детали, велејќи дека бомбата погодила „еден од најпрометните патишта во Харков“.
„Неколку автомобили се во пламен, а прозорците во блиските куќи се скршени. Имало луѓе во запалените автомобили“, додаде тој.
Подоцна попладнето, Терехов го потврди бројот на жртви. Според него, едно лице е убиено, а тројца се повредени, од кои едно е во сериозна состојба.
Свет
Поранешниот малезиски премиер доби уште 15 години затвор и казна од 2,8 милијарди долари
Поранешниот малезиски премиер Наџиб Разак беше осуден на дополнителни 15 години затвор и парична казна од 2,8 милијарди долари за злоупотреба на службена должност и перење пари во најголемото судење во скандалот 1MDB.
Малезиските и американските истражители велат дека најмалку 4,5 милијарди долари биле украдени од државниот фонд 1Malaysia Development Berhad (1MDB), кој Наџиб го ко-основаше во 2009 година за време на првата од неговите девет години на власт во земјата од Југоисточна Азија.
Се тврди дека повеќе од 1 милијарда долари завршиле на сметки поврзани со 72-годишниот Наџиб, кој првпат беше затворен во 2022 година во втор случај поврзан со 1MDB. Тој долго време тврдеше дека бил жртвено јагне во најголемиот финансиски скандал во историјата на Малезија.
Судот го прогласи Наџиб за виновен по сите четири точки од обвинението за злоупотреба на службена должност и по сите 21 точки од обвинението за перење пари. Казните ќе течат истовремено и ќе започнат по истекот на неговата тековна казна во 2028 година.
Наџиб се извини минатата година за лошото справување со скандалот, тврдејќи дека службениците на 1MDB и бегалецот финансиер Џо Лоу го довеле во заблуда за потеклото на парите на неговите сметки. Лоу, кој е обвинет во Соединетите Држави за неговата клучна улога во случајот, ги негира обвиненијата и неговото место на живеење е непознато.

