Забава
„Пучи“ на сцена го враќа познатиот стил со ефективни мотиви и бои

Брендот што го носи името на поранешната sвезда меѓу дизајнерите, Емилио Пучи, во новата колекција му оддава почит на славниот креатор и неговите мотиви со јаки тонови.
Дизајнерскиот тим на брендот „Пучи“ стилски се реферира на наследството на италијанската модна куќа, а тоа се мотиви и дезени препознатливи во целиот свет.
Во текот на шеесеттите и седумдесеттите светлите нијанси беа хит, а Емилио Пучи го нудеше идеалното – тесно, кусо и привлечно.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Забава
Денис Ричардс упаднала кај поранешниот по кучето, има забрана за приближување

Актерката Денис Ричардс е видена како разговара со полицијата откога неочекувано влегла во куќата на поранешниот сопруг Арон Фајперс и покрај тоа што има изречена забрана за приближување.
Според медиумски извештаи, Ричардс во неделата попладне упаднала во куќата во Калабасас, Калифорнија, каде што моментно живее Фајперс со неговите родители и со братот наводно за да го земе својот милениче – кучето. Извор близок до настанот за ТМЗ изјавил дека таа тропала на задната врата по што родителите на Фајперс ѝ отвориле. Потоа, според истиот извор, таа почнала да им вика да ја напуштат куќата.
Се тврди и дека 54-годишната актерка им покажувала со прст на родителите на поранешниот сопруг, се обидела да го удри брат му, а наводно фрлала и пошта кон зетот.
По интервенцијата, полицијата заклучила дека нема основано сомнение за кривично дело и не презела дополнителни мерки.
Адвокатот на Ричардс, Брет Берман, негира каква било вина на својата клиентка. За магазинот „Пипл“ изјави дека Ричардс не ја прекршила забраната за приближување бидејќи претходно се уверила дека Фајперс „не бил присутен во нејзината куќа“.
„Госпоѓа Ричардс влезе во куќата за да си го земе кучето откога дозна дека господинот Фајперс, без нејзино знаење и дозвола, успеал да однесе едно од нејзините миленичиња“, рече Берман.
Од друга страна, извор близок до Фајперс ги нарече овие тврдења 100 отсто лажни.
Ова е само последниот развој во контроверзната врска меѓу Ричардс и Фајперс. Минатиот месец актерката доби привремена забрана за приближување до Фајперс откога тој поднесе барање за развод по шест години брак.
Ричардс го обвини Фајперс за психичко и физичко насилство тврдејќи дека ја удирал, ја давел и ѝ се заканувал со убиство.
Претставниците на Денис Ричардс сè уште не дале официјална изјава за медиумите.
Забава
Мел Би се омажи вторпат за истиот маж во Мароко

Поранешната членка на поранешната група „Спајс грлс“, пејачката Мел Би, го кажа судбоносното „да“ вторпат на Рори Мекфи.
Мел Би и нејзиниот партнер Рори Мекфи се венчаа првпат на почетокот на јули во Лондон, а двојката не можеше да одолее на желбата да се венчаат втоерпат во Мароко во луксузниот хотел „Селман Маракеш“.
Поранешната „спајсица“ објави фотографии од уште една гламурозна прослава на „Инстаграм“ со опис:
„Се венчавме! Повторно! Свадбата беше толку добра што моравме да ја продолжиме прославата со нашите најблиски на нашето омилено место“, напиша Мел.
Ова можеби е трета среќа за Мел Би. Таа беше во брак со Џими Гулзар (1998 – 2000) и со Стивен Белафонте (2007 – 2018).
Таа е во врска со Рори од 2017 година, а се свршија во 2022 година. Тој е фризер по професија, а пред тоа ѝ беше долгогодишен пријател на пејачката.
Забава
Тајната на долгиот живот? Три оброци, рутина и без драма – вели 114-годишна Јапонка

Шигеко Кагава, 114-годишна пензионирана докторка од префектурата Нара, стана најстарата личност во Јапонија откога почина 114-годишната Мијоко Хиројасу, покажуваат податоците на јапонското Министерство за здравство, труд и социјална грижа, пишува „Асошиетед прес“.
Кагава, симбол на извонредна долговечност во Јапонија, дипломирала медицина пред Втората светска војна, работела во болница во Осака за време на војната, а подоцна ја водела семејната ординација како специјалист по гинекологија и акушерство. Во пензија заминала на 86-годишна возраст. Со 109 години, во пресрет на Олимписките игри во Токио во 2021 година, Кагава стана една од највозрасните носителки на олимпискиот оган во историјата.
Како што пренесе локалната телевизија „Ем-би-си њуз“, повикувајќи се на нејзиното семејство, таа не прави ништо посебно за да го одржи своето здравје. Се придржува до редовна рутина – легнува и станува во исто време, јаде мали порции, но секогаш има три оброка на ден.
Претходната најстара личност во Јапонија, Мијоко Хиројасу, исто така водела активен живот. Родена во 1911 година, таа студирала уметност во Токио, предавала во префектурата Хирошима и одгледала три деца. Починала во дом за стари лица во префектурата Оита, каде што деновите ги поминувала читајќи весници, цртајќи и играјќи карти.
И покрај општиот пад на бројот на жители, бројот на постари лица во Јапонија постојано расте. Заклучно со 1 септември 2024 година, рекордни 36 милиони луѓе, што е 29 отсто од населението, биле постари од 65 години, што е највисок процент на стари лица во светот. Лицата над 80 години сега сочинуваат 10 проценти од вкупното население, според податоците на Министерството за внатрешни работи и комуникации. Во цела Јапонија има 95.119 стогодишници.