Свет
(Видео) Какво е обезбедувањето на папата Франциско во Ирак?
Ирак распореди илјадници дополнителни безбедносни сили за време на историската посета на папата Франциско.
Безбедноста е засилена по низата ракетни и самоубиствени бомбашки напади, кои предизвикаа страв кај ирачките власти.
Висок безбедносен службеник, кој бил запознаен со планот за посетата на папата, изјавил дека силите што ќе го чуваат поглаварот на Римокатоличката црква биле обучени да се соочат со најлошите можни сценарија, од улични пресметки до бомбардирања и ракетни напади, објави „Ројтерс“.
Претпоставени напади биле дел од обемните вежби по повод доаѓањето на папата во Ирак, кој ќе престојува таму од денеска до 8 март, што ќе биде прва посета на еден папа на таа земја.
Безбедносните ризици се големи по пристигнувањето на папата и се очекува тој првпат да патува со блиндиран автомобил, мерка за која Ватикан се надева дека ќе има двоен ефект, обезбедувајќи го поглаварот на католичката црква и намалувајќи го метежот во кој полесно се шири заразата, објави АП.
На аеродромот папата Франциско беше пречекан од премиерот на Ирак, Мустафа ал-Кадими, по што следуваше официјална церемонија на пречек во претседателската палата и средба со претседателот Бахрам Салих.
На вториот ден од престојот папата во Наџаф ќе се сретне со големиот ајатолах Али ал-Систани во неговата куќа, а АП наведува дека секој детаљ од состанокот, од соблекувањето на чевлите до распоредот за седење, е специјално договорен и испланиран.
За време на своето историско патување во Ирак, папата ќе ја посети и црквата во Каракош, центарот на христијанството во Ирак. Оштетена и запалена за време на владеењето на Исламската држава, судбината на црквата ја отсликува трагедијата на нејзината христијанска заедница, која беше уништена од страна на екстремистите.
Франциско ќе се моли за жртвите од војната во Мосул, а потоа ќе одржи миса во градот Ербил.
За време на ова историско патување, папата ќе се сретне и со човек што го преживеал масакрот во багдадската црква, каде што милитантите убија 58 верници во 2010 година, а ќе одржи и миса во Халдејската катедрала во Багдад и молитва во античкиот град Ур, каде што се верува дека живеел Аврам во вториот милениум пр. н.е.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Иранскиот шеф за безбедност: Подготвени сме за долготрајна војна
Секретарот на Врховниот совет за национална безбедност на Иран, Али Ларијани, изјави дека Иран е подготвен за долготрајна војна и дека иранските вооружени сили не учествувале во напади освен во самоодбрана.
Во објава на платформата „Икс“, Ларијани порача дека Иран не го започнал овој конфликт и дека ќе се брани без оглед на цената.
Тој претходно порача дека Иран нема да преговара со САД. Изјавата доаѓа откако американскиот претседател Доналд Трамп рече дека новото иранско раководство сака разговори и дека тој е подготвен за тоа.
Фото: Depositphotos
Свет
Кина го поддржа Иран во одбрана од нападите, повика на итен прекин на воените операции
Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји во телефонски разговор со иранскиот колега Абас Арагчи изјави дека Пекинг го поддржува Техеран во одбрана на неговиот суверенитет и територијален интегритет во услови на американско-израелски напади, пренесе АФП.
Според кинеската државна телевизија ЦЦТВ, Ванг порача дека Кина го поддржува Иран во заштита на неговите „легитимни права и интереси“.
Во разговори со министрите за надворешни работи на Оман и Франција, Ванг ги повика САД и Израел веднаш да ги запрат воените операции и да се избегне понатамошна ескалација. Тој ги обвини Вашингтон и Тел Авив за „намерно поттикнување војна“ и оцени дека со тоа се прекршуваат принципите на Повелбата на ОН.
Кина, како што наведе, е подготвена да одигра конструктивна улога преку Советот за безбедност на ОН, а иранското нуклеарно прашање, според него, треба да се врати на патот на политичко и дипломатско решение.
Фото: Depositphotos
Свет
Руте: НАТО нема да учествува во воените операции против Иран
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека Алијансата нема да учествува во воени операции против Иран и дека станува збор за кампања што ја предводат САД и Израел.
„Не, ова е јасно кампања што ја предводат Американците и Израелците“, изјави Руте за Би-Би-Си, одговарајќи на прашање дали силите на НАТО ќе бидат вклучени.
Тој додаде дека сојузниците на НАТО и пријателите во регионот се соочуваат со, како што рече, неселективни напади од Иран и дека Европа апсолутно ги поддржува американските потези, оценувајќи дека Иран претставува закана за Европа, Израел и поширокиот регион.
Руте посочи дека имал повеќе разговори со американски претставници и дека Вашингтон и НАТО тесно координираат, но одби да открие дали однапред знаел за нападите.
Изјавата доаѓа во услови на ескалација на конфликтот меѓу Иран од една страна и Израел и САД од друга, со меѓусебни ракетни и дрон-напади и вклучување на Хезболах во борбите од јужен Либан.

