Македонија
Изет Меџити се повлече од позицијата координатор на пратеничката група на ДУИ
Пратеникот Изет Меџити се повлече од позицијата координатор на пратеничката група на ДУИ. Тој вели дека продолжува да биде гардијан на политиките и идеалите на претседателот на ДУИ, Али Ахмети, како и на волјата на гласачите на ДУИ.
Во продолжение интегрално го пренесуваме писмото на Меџити до претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Почитуван претседател на Собранието на Република Северна Македонија, г. Талат Џафери,
Ве известувам дека се повлекувам од позицијата координатор на пратеничката група на ДУИ.
Дозволете ми, како координатор на пратеничката група на Демократската унија за интеграција, да изразам искрени честитки за вашата повеќе од конструктивна улога и вашата неприкосновена посветеност, што секогаш резултира со ефикасност во работата на највисокото законодавно тело на РСМ и придонесе за дополнителни демократски вредности во домот на демократијата.
Инаку, таа, демократијата, секогаш не само што дозволува туку и ја промовира и иницира дебатата, а со тоа и различното мислење не само во општеството и во храмот на демократијата, републичкиот парламент, туку дури и во рамките на еден политички субјект.
Јас во текот на овие 20 години активен политички живот секогаш докажував дека сум приврзаник и бранител, без никакво двоумење во себе, на двата главни принципа на демократијата: гласот на слободната мисла и силата на гласот на мнозинството на гласачкото тело.
Различното мислење е повеќе од здраво за едно демократско општество, а силата на гласот на мнозинство гласачи е главната одредница за концептуалноста на демократијата на сите нивоа.
Од оваа причина, стоејќи достоинствено зад овие принципи, останувајќи силно зад личните ставови, досега често изразени во јавноста, дека во политичкиот субјект на кој припаѓам од првите денови на нејзиното основање, се развиваат случувања што на никаков начин не може да одат во прилог на најголемата политичка сила на Албанците на РСМ и што е уште поважно, ни во прилог на неприкосновениот лидер на Албанците, претседавачот г. Али Ахмети, но и поради несоздавање забуна ниту кај еден мој колега во Собранието, а од друга страна, со намера да дадам поширок простор на мојата интенција за подостоинствена елаборација на позицијата зад која силно стојам, Ве известувам дека се повлекувам од позицијата координатор на пратеничката група на ДУИ.
Продолжувам да бидам гардијан на политиките и идеалите на претседателот Али Ахмети, како и на волјата на гласачите на ДУИ, кои во сите изборни циклуси ни го дадоа најсилното оружје во наши раце, за да го оствариме она што го ветивме и за што сме се заложиле пред нив. Ова беше и ќе остане мој идеал, а не личните позиции и привилегии.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бугарски државјанин протеран од земјава, кај него се пронајдени боксирач и транспарент со навредлива содржина
Полицијата уапси бугарски државјанин на Граничен премин Деве Баир, кај него се пронајдени боксирач и транспарент со навредлива содржина.
Според информациите на МВР, вчера во 13:30 часот на Граничен премин Деве Баир, на влез во државата, полициски службеници го приведоа Н.И.Л.(47) од Република Бугарија затоа што при гранични проверки и извршен преглед во содејство со царински службеници на патничко возило „хонда џез“ со бугарски национални ознаки, со кое допатувал, биле пронајдени и одземени метален боксирач и транспарент со навредлива содржина.
Од Основен суд Крива Паланка му била изречена парична глоба и санкција „протерување на странец од земјата“ во траење од една година.
На 13.01.2026 во 02:10 часот Н.И.Л. е спроведен во Граничниот премин Деве Баир и е предаден на бугарските погранични полициски служби.
Македонија
МНР апелира македонските државјани да го напуштат Иран во прва можна прилика
Министерството за надворешни работи апелира сите македонски државјани што се наоѓаат во Иран да ја напуштат земјата поради влошената состојба.
„Поради влошената безбедносна состојба во Исламска Република Иран, Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија апелира до македонските граѓани кои се наоѓаат на територијата на оваа држава, истата да ја напуштат во прва можна и безбедна прилика. Истовремено, се апелира да се одложат сите патувања кон Иран кои не се неопходни“, велат од МНР.
Министерството за надворешни работи ги има ставено на располагање сите свои капацитети за асистенција на државјаните на Република Северна Македонија, преку 24-часовниот СОС дежурен телефон +389 75 268 736, електронската адреса [email protected], како и преку дежурниот телефонски број на Дипломатско-конзуларното претставништво на Република Северна Македонија во Анкара: +90 539 456 97 10.
фото/епа
Македонија
Обвинителството бара притвор за лицето што ја искрши влезната врата на бугарската Амбасада
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 55-годишник осомничен за кривично дело – Оштетување туѓи предмети од член 243 став 2 од Кривичен законик.
Јавниот обвинител предложи судијата на претходна постапка да определи мерка притвор спрема осомничениот бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство и околности го оправдуваат стравувањето дека осомничениот ќе го повтори кривичното дело.

