Македонија
Шахпаска: Родова еднаквост е еднакво вреднување за вложениот труд и еднакво учество на жените во сите сфери
На тема „Последиците од кризите никогаш не се родово неутрални – како женското лидерство влијае за остварување родова еднаквост за време на Ковид-19?“, денеска зборуваше министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, како дел од учесниците на 12. издание на „Вечери на женските права“, во организација на Институт за човекови права.
„Кругот на жени се проширува, бројот на жени што се подготвени да го кренат својот глас и да испорачаат правда во општеството и во родовата еднаквост секој ден станува сè поголем и поголем“, истакна министерката Шахпаска. Притоа се осврна на веќе донесените закони, како Законот за прекин на бременоста, Законот за спречување и заштита од дискриминацијата, Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, последните донесени со силна поддршка и од опозицијата и власта.
Министерката Шахпаска информира дека Министерството за труд и социјална политика има подготвено нацрт-верзија на закон за родова еднаквост, која ќе биде испратена до Советот на Европа, Венециската комисија, ОБСЕ и делегацијата на Европската комисија во нашата земја за првични коментари, а конечната верзија ќе биде испратена до јавноста за широка дебата.
„Родовата еднаквост претставува еднаква видливост, еднакво вреднување за вложениот труд на жените кога имаат исти професионални квалификации и капацитет со мажите за истите работни места. Законот за родова еднаквост треба да испорача еднакво учество на жените во сите сфери на општествениот живот и рамноправно учество во семејството, креираањето политики и особено родово одговорно буџетирање“, потенцира Шахпаска.
Таа додаде дека останува и закон за мобинг, на кој работната група работи. Со тоа, додаде таа, се заокружува законската регулатива на прашањата што се однесуваат, пред сè, на жените.
Шахпаска ги посочи храброста и свесноста на жените и нивната подготвеност да одговорат на предизвиците што ги донесе пандемијата.
„74 отсто здравствени работници, жени, беа на фронтот со Ковид-19, но и исто така и текстилните работнички и жените што работат во трговијата. Сите тие свесни и одговорни за ризикот од пандемијата на кој се изложуваат, но храбри да се соочат и да се справат со неа“, истакна Шахпаска.
Таа порача дека борбата за родова еднаквост, за еднаква плата за еднакво вложен труд, за рамноправно учество на жените во општеството е високо на агендата на Министерството за труд и социјална политика и е нешто на кое интезивно ќе се работи во периодот што доаѓа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проштална средба на Гаши со американската амбасадорка Агелер
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Посебно беше нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот Гаши упати благодарност и до Амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Северна Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Во тој контекст, беше нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Претседателот Гаши нагласи дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој, исто така, изрази уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.

