Македонија
Јанушев: Власта одбива електронски отпечаток на прст зашто спрема кражба на изборите

Власта одбива електронски отпечаток на прст зашто спрема кражба на изборите, обвини Игор Јанушев, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој кажа дека во изминатиот период се воделе интензивни преговори меѓу работни групи на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со цел да се надминат проблемите кои, како што вели Јанушев, ги наметнала владината коалиција во врска со законската обврска за користење на фингерпринт-уреди за претстојните избори.
„И покрај сите напори, отстапки и пред сè волја од страна на ВМРО-ДПМНЕ да овозможиме да се користат фингерпринт-уредите за локалните избори и да нема повеќе ‘брзи прсти’, владината коалиција на СДСМ и ДУИ на секој можен начин ги опструира преговорите и не сака да овозможи имплементација на овие, повторувам, законски обврски, кои се на сила повеќе од една година“, рече Јанушев.
Тој упати апел до меѓународната заедница да реагира, да не седи со скрстени раце и да изврши притисок до власта за да го почитува она што е напишано во закон.
„Не бараме ниту повеќе, ниту помалку. Само да се испочитува она што е напишано во закон и да се обезбеди електронски отпечаток на прст за да нема дупли гласања, бугарски возови и кражба на изборите. Има 7 месеци до изборите и доволно време за да реагира и меѓународната заедница. Одговорноста е и на меѓународниот фактор. Нема да дозволиме најкорумпираната влада во Европа да организира уште едни талибански избори“, вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.
Целосната одговорност, додава тој, е на Владата и институциите предводени од коалицијата СДСМ и ДУИ и ваквиот тенденциозен обид за изигрување на законот, освен низ призмата на подготовка на брутален грабеж на локалните избори не може да биде толкувана на ниту еден друг начин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„По Апасиев и Мециновиќ и Мојсоска си инкасирала пари од партијата додека критикувала за патни трошоци“, вели ВМРО-ДПМНЕ

„Јована Мојсоска по примерот на нејзините сопартијци, Димитар Апасиев и Амар Мециновиќ, инкасирала големи суми на пари од партијата. Додека од граѓаните бараат и собираат донации, врвот на Левица тие пари ги ставал во нивни џебови“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Мојсоска која не престана да ги напаѓа пратениците за патни трошоци, за четири години од Левица си инкасирала над 600 илјади денари.
Додека во Собрание Мојсоска ги напаѓа и обвинува колегите пратеници зошто законски добиваат патни трошоци, таа од 2021 година до денес, од својата партија зела стотици илјади денари.
Ова лицемерие на Мојсоска и Левица, кога едно зборуваат, а друго прават, е целосно разоткриено и демаскирано.
Народот виде дека додека во јавност продаваат скромност и неподмитливост, зад нивниот грб, со пари на граѓаните, ги полнат сопствените џебови.
Тука се јавуваат и други дилеми, како на пример врз кој основ Мојсоска ги добила овие пари и дали тоа се партиски патни трошоци?
Мојсоска и Левица до толку ли може да бидат лицемерни, од една страна да ги напаѓаат колегите пратеници, а од другата страна, од сопствената партија да зема над 600 илјади денари?
Левица, Мојсоска и останатите од партискиот врв се прочитани и демаскирани. Народот виде дека се обични профитери загрижени, единствено, за сопствените џебови“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Два активни пожари во Гази Баба и Гевгелија, под контрола пожарот во „Дрисла“

Во изминатото деноноќие биле регистрирани вкупно 31 пожар на отворен простор. Според податоците на Центарот за управување со кризи, до утрово во 07:00 часот, два од нив сè уште се активни, два се ставени под контрола, а останатите 27 се изгаснати.
Активни пожари и натаму има во атарот на селото Виниче, во општина Гази Баба, каде е зафатена нискостеблеста шума, како и на Кожуф планина кај селото Петрово во општина Гевгелија, каде што гори букова шума.
Под контрола се пожарот на депонијата „Дрисла“ во општина Студеничани и пожарот на депонијата „Острец“ во Делчево, каде што горел отпад.
Останатите пожари, кои беа зафатиле различни типови нискостеблеста вегетација, грмушки, трски, стрништа и депонии во повеќе региони од државата – меѓу кои Скопје, Битола, Крушево, Струмица, Струга, Дебар, Кичево, Куманово и други општини – биле изгаснати.
Македонија
„Влен“: Зделките на ДУИ со Левица нема да ги спречат промените во Струга

„ДУИ ја стави Струга на продажба, здружувајќи се со Левица на Апасиев за да ја спречи победата на Менди Ќира“, велат од „Влен“.
„Кандидатурата на Мојсовска е срамна зделка, наместена за да се одржи во живот една скапана власт што стружани ја отфрлаат.
Ова не е прв пат ДУИ да се ценка со Левица: од Скопје и Велес, до споменикот на Андон Лазов Ќосето во средината на главниот град, секој пат кога граѓаните ја платиле цената за овие валкани зделки.
Но, овој пат, Струга нема да стане жртва. На 19 октомври, стружани ќе го имаат последниот збор: Струга не е на продажба, Струга е ослободена. Со нивниот глас, ќе се затвори едно поглавје и ќе се отвори нова, чиста и чесна ера, со Менди Ќира“, се наведува во соопштението на „Влен“.