Македонија
Владата донесе одлука – се враќа полицискиот час
Владата донесе одлука за повторно воведување на полициски час од 22 часот навечер до 5 часот наутро, почнувајќи од утре вечер, 10 март, до 22 март во 5 часот наутро, соопшти премиерот Зоран Заев.
„Тоа се неполни две недели, некои 12 дена. Ќе го следиме целиот овој процес, секако имаме предвид дека во април следат рамазански пости и други празници. Ние стоиме целосно подготвени. Ќе има засилени контроли од МВР и од инспекциите, бидејќи очигледно граѓаните се опуштија, а самиот број на заразени граѓани ни алармира дека итно мора нешто да се преземе“, изјави Заев.
Одлуката за забрана за движење не важи за патниците што доаѓаат или заминуваат од меѓународните аеродроми, кои за време на полицискиот час како дозвола за движење ќе им се признаваат авионските карти. Оваа отстапка е иста и за патниците во меѓународниот превоз на патници.
За транспортерите на лица и на стока кои транспортот го спроведуваат за време на забраната за движење, како дозвола ќе се прифаќа патниот налог, додека транспортерите што транзитираат ќе имаат обврска најмногу за 3 часа да ја напуштат земјата од еден на друг граничен премин.
Надлежните служби на граничните премини ќе ги пропуштат патниците кои со лични возила ја напуштиле земјата пред воведувањето полициски час, при што ќе се спроведуваат и до сега активните мерки за задолжителен ПЦР-тест за оние што доаѓаат од оние земји за кои оваа постапка е задолжителна.
Со заклучок на оваа седница на Владата, Министерството за информатичко општество и администрација е задолжено да објави соопштение со кое ги известува граѓаните и економските оператори дека се обновува важноста на веќе издадените дозволи издадени за време на претходните одлуки за забрана за движење.
Министерството за информатичко општество и администрација ќе им ги преиздаде решенијата за слободно движење на оние кои во меѓувреме ги загубиле дозволите, како и за оние кои имаат дополнителни барања за дозволи за движење врз основа на доказ за неопходноста на тоа барање.
Отстапки од забраната ќе има и за сите граѓани кои за време на забраната за движење имаат потреба од итна медицинска грижа и за слободно движење оваа потреба ќе треба да ја најават на службата 192 на телефонот на Министерството за внатрешни работи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пакуван помфрит со поминат рок требало да се продава на македонскиот пазар, АХВ го спречи увозот и го уништи
Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), спречија увоз на 20.500 килограми замрзнат компир – помфрит, со поминат рок на употреба, 23.05.2025 година. Компирот, увоз од Холандија, бил наменет за продажба на македонскиот пазар.
-Забранетите количини замрзнат компир, во присуство на инсепктори за храна од Агенцијата, нештетно се уништени во петокот на депонијата Дрисла, врз основа на изречената мерка забрана за увоз и издаденото решение со наредба за нештетно уништување, стои во соопштението на АХВ.
Оттаму додаваат и дека во рамки на вонреден инспекциски надзор кај оператор со храна од животинско потекло, АХВ заплени и нештетно уништи и 2.000 килограми небезбеден пилешки стек.
-Поради непочитување на процедурите на Добра хигиенска и Добра производствена пракса, на операторот со храна изречена му е мерка времена забрана за работа и парична казна од 4.400 евра во денарска противвредност, наведуваат од Агенцијата.
Додаваат дека во раки на редовните и вонредните инспекциски контроли на официјалните ветеринари и инспекторите за храна, АХВ продолжува со спроведување на мерки за заштита на граѓаните од консумирање на небезбедна храна со тоа и за заштита на нивното здравје, и за заштита на здравјето и благосостојбата на животните.
Македонија
Поради одрон во прекин патот Крива Паланка – Деве Баир
Од 05:05ч. сообраќајот на магистралниот пат А2 Крива Паланка – Деве Баир е во прекин поради одрон.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони.
Македонија
Побегна еден од осудените за автобуската несреќа со 16 жртви кај Ласкарци
Судот и полицијата уште трагаат по Ремзи Мифтари, осуден на 10 години затвор за автобуската несреќа кај Ласкарци во која загинаа 16 луѓе, а 30-ина беа повредени. Мифтари требало да оди во затвор уште во мај, а гостиварскиот суд пред четири дена испратил барање до МВР и СВР Тетово за присилно приведување на издржување на затворска казна.
Од СВР Тетово велат дека пред четири дена ја добиле наредбата, но гостиварската полиција не успеала да го најде дома, ниту на други локации и во тек се активности за негово откривање. Претходно, за Мифтари била изготвена покана да се јави на издржување на казната во затворот во Идризово, но откако не се јавил во наведениот рок, затворот го известил надлежниот гостиварски суд, по што е покрената постапка за присилно приведување.
Откако Апелација му ја зголеми казната од шест на десет години затвор, Мифтари бараше нејзино одлагање со лекарско уверение за операција на кила на тестиси, но одлагањето на казната одамна му е истечено.
Ремзи Мифтари, одговорниот за превоз во „Дурмо турс“, и сопственикот на фирмата, Дурмиш Белули, се осудени на по 10 години затвор за трагедијата кај Ласкарци кога неисправен автобус полн со патници излета од патот. Загинаа 16 патници, а повеќе од 30 беа повредени.
Возачот Маноил Трифуновски беше осуден на 14 години затвор, а тројца вработени во техничкиот сервис на „Дурмо турс“ добија една петгодишна и две седумгодишни затворски казни.

