Македонија
Владата преку едукативна кампања ќе ги мотивира граѓаните да се вакцинираат

Владата денеска донесе одлука да се спроведе едукативна и информативна кампања од исклучителен јавен интерес за заштита и за имунизација на населението од Ковид-19 и го задолжи Генералниот секретаријат во рок од 15 дена во координација со Министерството за здравство и со Секторот за односи со јавност на Владата да спроведе јавна набавка за избор на идејно и креативно решение и за реализација на кампањата.
Во планирањето и спроведувањето на информативната кампања, како што соопшти владината прес-служба, Владата ќе работи транспарентно и отчетно за да се обезбеди високо ниво на информираност, сензибилизираност, мотивираност и учество на граѓаните во справувањето со Ковид-19 и за прифаќање на процесот на имунизација.
Владата ќе спроведе и едукативна и информативна кампања од исклучителен јавен интерес за справување со корупцијата тргнувајќи од оценката дека од особена важност е и граѓаните и државната администрација да се мобилизираат во обезбедувањето заштитни механизми и отпор кон корупцијата, која го разорува општеството по сите основи.
Во информацијата усвоена на седницата нагласено е дека комуникацијата во едукативните кампањи ќе биде релевантна и поврзана со прашања од највисок интерес на граѓаните, објективна, информативна и непристрасна и ослободена од политичко-идеолошки бои или заднини.
Карактеристика на едукативните кампањи ќе бидат пропорционалноста и рационалноста во соодветното искористување ресурси, кое ќе гарантира дека вложените средства и ресурси ќе бидат насочени на ефективен начин за да се предизвика соодветна општествена промена за која нема дилеми дека е неопходна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
АМСМ: Зголемена фреквенција на возила, но на граничните премини без гужви

Сообраќајот на државните патишта утрово се одвива непречено, по суви коловози, информира АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. Поради летните одмори се бележи зголемена фреквенција на возила, но на граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сончево време, попладне локален дожд

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Попладне и во вечерните часови ќе има услови за изолирана појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен, попладне во западните делови повремено засилен ветер од западен, а долж Повардарието од северен правец, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 13 до 22, а максималната ќе достигне од 30 до 37 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Попладне во делови од котлината ќе има услови за умерен развој на нестабилна облачност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен, попладне повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне до 36 степени.
До четврток ќе преовладува променливо облачно и посвежо време со услови за локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи. Ќе дува умерен до повремено засилен северен ветер, а дневната температура ќе биде во опаѓање.
Од петок се очекува постепен пораст на температурата.
Македонија
Без струја делови од Аеродром, Петровец, Илинден и Карпош

Без струја денеска ќе останат делови од општините Аеродром, Петровец, Илинден и Карпош.
Од ЕВН Македонија АД известија дека на ден 28.07.2025 година ( понеделник ) без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 12.30 часот, корисниците од ул. Тодор Чангов – крак 49 ( општина Аеродром ) како и корисниците од селата Кожле, Летевци, Бадар, Горно Блаце, Катланово и Градманци. ( општина Петровец )
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, дел од корисниците во село Мршевци, објектите на фирмите Фреш Фарм, Солар Ентра, Мијак, Си Мао и Солант, како и корисниците од селата Бунарџик и Ајватовци. ( општина Илинден )
– во периодот од 10.00 до 14.00 часот, дел од корисниците од ул. Нерешка. ( општина Карпош )