Македонија
Се полнат болниците во Македонија со заразени со Ковид-19, хоспитализирани над 900 пациенти

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 937 и има околу 260 празни болнички кревети во ковид-центрите низ целата држава.
По извештаите кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во Скопје се хоспитализирани вкупно 355 лица, од кои 28 во последното деноноќие.
Бројот на приеми во изминативе денови е зголемен и утрово до 8 часот во Скопје имало 20 слободни места, информираат од Министерството за здравство. Се очекува во текот на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места. Отворена е и модуларната болница во склоп на Инфективната клиника со дополнителен број кревети.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 53 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 40 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 20 пациенти, во Велес се лекуваат 46 болни, а во Куманово 93 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во ковид-центарот во Охрид има хоспитализирано 64 пациенти, во Прилеп 77, во ковид-центарот во Гостивар 21, а во Струга 17 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 37 пациенти, во Кочани 9 во Кичево 10, Кавадарци 72, во Гевгелија 10 лица, а во Дебар 13 позитивни и суспектни на коронавирусот.
Сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Од Министерството велат дека имаат увид во состојбата со капацитетите и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Костовски: Бутел ќе добие три нови детски градинки во Радишани, Бутел 1 и Визбегово

Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, кој се кандидира за нов мандат од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, вети дека ќе бидат изградени три нови детски градинки.
„Една нова детска градинка ќе изградиме во населеното место Радишани, каде што се наоѓа старото училиште. Една нова детска градинка ќе изградиме во Бутел 1, на постоечки стар објект од детска градинка. И една нова детска градинка ќе изградиме во населеното место Визбегово, исто така каде што се наоѓа старото училиште. Тоа што сакам да го истакнам е дека за време на 4 години успеавме да изградиме две нови детски градинки, една во населеното место Бутел 1, и една во населеното место Бутел 2 која што е во финална фаза и наскоро ќе има свој почеток. Она што сакам да го истакнам е дека навистина во предучилишната возраст вложивме многу, инвестиравме како никогаш досега. За период од 4 години вложивме 150 милиони денари во инфраструктура за градинките и подобрување на условите за нашите најмали“, вели Костовски.
Македонија
ЕСМ: Од 15 октомври официјално започнува грејната сезона 2025/2026

Од 15 октомври официјално започнува грејната сезона 2025/2026 за потрошувачите приклучени на системот за централно греење во градот Скопје, со кој управува АД ЕСМ. Согласно регулативата, грејната сезона може да започне и порано, односно од 1 октомври, доколку прогнозата за средна надворешна температура за наредниот ден изнесува 12˚С или пониско, според податоците на Управата за хидрометеоролошки работи.
На веб-страницата на ЕСМ Снабдување секојдневно ќе се објавува информација дали се исполнети условите за испорака на топлинска енергија сè до 15 октомври. Овие информации ќе бидат објавувани согласно одлуката на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ и врз основа на прогнозите за средна дневна температура на воздухот во Скопје од Управата за хидрометеоролошки работи.
„Навременото снабдување со топлинска енергија е клучно за комфорот на нашите потрошувачи. Затоа апелираме да се следат препораките и да се соработува со службените лица за да се обезбеди сигурно функционирање на системот. Ги повикуваме сите корисници навремено да ги завршат потребните поправки на своите внатрешни грејни инсталации, бидејќи редовното одржување е нивна обврска. Завршените интервенции треба да се пријават во Центарот за грижа на потрошувачи, со што ќе се овозможи непречено снабдување со топлина. Исто така, важно е заедниците на сопственици да обезбедат непречен пристап на службените лица до топлинските потстаници и редовно електрично напојување во топлинската станица, односно платени сметки за електрична енергија и функционална електрична инсталација.
Сите потрошувачи можат да проверат дали нивниот објект е на списокот на затворени објекти без услови за испорака на топлина, кој е достапен на линкот „Затворени објекти – ЕСМ Снабдување“. За информации, пријави на дефекти или известувања за завршени интервенции, потрошувачите можат да се јават во Центарот за грижа на потрошувачи на телефонските броеви 02 3076 200 и 075 400 100“, се вели во соопштението на ЕСМ.
Македонија
Делови од Ѓорче Петров и Сопиште денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09:00 до 13:00 часот, дел од корисниците на улицата Мице Козар, општина Ѓорче Петров;
– во периодот од 10:00 до 12:00 часот, корисниците од ул.4 во Горно Соње, општина Сопиште.