Македонија
Недобивањето средства од ЕУ за борба против Ковид-19 е срам за Владата, оцени опозицијата
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски. при денешната посета во општина Гази Баба зборуваше за веста дека Европската Унија одлучила да не додели средства на Македонија за борба против Ковид-19 и потенцираше дека ова што се случува е срамно за државата.
„Ова е срамна влада, видовте што слушнавме од вицепремиерот за европски прашања, дека многу добро работеле поради тоа не добиле средства, добро се покажале во текот на пандемијата. Потоа слушнавме едно поигрување со интелигенцијата на народот, но на крај резултатот што е? Нема странски инвестиции во Македонија, не сме дел од тие 530 милиони евра од Европската Унија, нема нови фабрики, нема нови реформи, нема нови училишта, сè нема во Македонија. Но најважното од сè е што нема ниту Европска Унија во Македонија. Знаете колку се фалеа дека ќе имаме бесплатно здравство, колку се фалеа дека ќе биде достапно за сите граѓани, но на крај гледаме дека заборавиле и да аплицираат. Сега зборувам за мерката што ја дава ЕУ за помош на земјите што се членки, но и оние кои се кандидати за прием во ЕУ. Сега ќе пробуваат на некој начин да надоместат, слушам и претседателот Пендаровски се обидува некако да се извади од ова прашање или слично, но што е најважното? Вакцини нема во Македонија, освен тоа што некои земји пријатели ни дадоа“, рече Мисајловски.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ порача дека оваа Влада е неспособна и на државата ѝ требаат што поскоро предвремени парламентарни избори.
Ова е неспособна власт и оваа власт мора да си замине. Затоа место многу да се фалат на телевизии, треба да работат, но не може да работат, оваа власт е криминална и мафијашка и затоа ни требаат предвремени парламентарни избори што поскоро, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Беким Сали на лидерски состанок во Давос
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, ќе учествува на Лидерскиот состанок (Davos Leadership Gathering), кој ќе се одржи во Давос, во периодот од 19 до 22 јануари.
Лидерскиот состанок во Давос ќе собере светски лидери, економисти, банкари и експерти од различни области, со цел дискусија за глобалните предизвици и меѓународните економски развои.
Првиот заменик-претседател ќе се обрати на форумот во рамки на панел-дискусија, на која ќе се разговара за климатските промени, конфликтите и социјалната грижа.
Македонија
СДСМ: Десет години по заминувањето на Груевски, повторно сме во истата ситуација со ВМРО-ДПМНЕ
Овој јануари се навршуваат точно 10 години откако Никола Груевски ја напушти премиерската функција, но според СДСМ, државата повторно се соочува со истите проблеми под актуелната власт на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски.
Во соопштението на партијата се наведува дека по заминувањето на Груевски започнал крајот на режимот што 11 години ја влечел Македонија назад, со масовен криминал, корупција, партизација, медиумски притисоци и изолација. Но, според СДСМ, денес, по две години владеење на ВМРО-ДПМНЕ, земјата повторно се наоѓа на исто место.
„Повторно сме на пат кон изолација, далеку од ЕУ и САД, граѓаните тешко живеат, стандардот опаѓа, институциите се под партиска контрола, а криминалот и корупцијата цветаат“, стои во соопштението.
Партијата нагласува дека пари нема за поголеми плати, но има за криминални тендери, а се повторуваат и притисоци врз медиуми, јавен линч и политички прогони, како и злоупотреба на полицијата за партиски цели.
„На исто сме со ВМРО, само што денес на местото на Груевски е Христијан Мицкоски“, се вели во соопштението на СДСМ, со повик дека е време власта повторно да се врати во рацете на народот.
Македонија
Втор смртен случај од грип: Почина 69-годишен пациент на Инфективна
Шеесет и деветгодишен пациент починал од компликации предизвикани од сезонски грип на Клиниката за инфективни болести во Скопје, соопшти директорот на Клиниката, Фадил Цана.
Пациентот бил донесен со развиена масивна пневмонија и акутен респираторен дистрес синдром.
Не бил вакциниран за сезонски грип, иако бил во групата на пациенти што требало да примат сезонска вакцина. Имал претходни белодробни заболувања.
Ова е втор смртен случај поврзан со грип оваа сезона, откако претходно почина 75-годишна жена.
Во моментов на Инфективната клиника се хоспитализирани 30-ина лица со грип, од кои еден е во потешка состојба и е приклучен на механичка поддршка.

