Македонија
(Видео) Петрушевски: Николовски и Рашковски се луксузираат во Дубаи и Мексико додека во државата владее општа мизерија
Насекаде владее општа мизерија поради власта, која е неспособна, а Љупчо Николовски и Драги Рашковски баш во овој момент решија да се почестат со одмори во Дубаи и Мексико, кои чинат десетици илјади евра, рече на прес-конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.
„Ова се луѓе одлепени од реалноста и забегани од криминалот. Од тоа што може да се види на интернет-страниците, одмор во Дубаи чини околу 10.000 евра, односно 600.000 денари, тоа е колку годишните примања на една цела фамилија, од тие пари тие плаќаат сметки, живеат, школуваат деца, па можеби и одат на одмор, ама не во Дубаи како Љупчо-путерот“, нагласи Петрушевски.
Според него, Рашковски во поглед на раскош и гламур го надминал Николовски, а како што рече, тоа се гледа од интернет-страниците на туристичките агенции, каде што одмор во Мексико во овој период од годината, со хотелско сместување и авионски билети, чини некаде околу 20.000 евра.
„Само одморот на Рашковски чини колку 200 ваучери за туризам или 200 одмори на просечниот Македонец. Двајцата врвни луѓе на Заев за одмор трошат буквално колку еден стан“, нагласи претставникот на ВМРО-ДПМНЕ, кој побара итни оставки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: Излезноста до 15 часот изнесува 18,18 отсто
Државната изборна комисија соопшти дека до 15:00 часот, на повторените избори за градоначалник во општините Врапчиште, Гостивар, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, гласале вкупно 23.298 гласачи, што претставува 18,18 отсто од вкупно запишаните 128.286 гласачи.
По општини:
– Врапчиште – 21,01%
– Гостивар – 17,85%
– Центар Жупа – 10,99%
– Маврово и Ростуше – 18,60%
Гласањето се спроведува на 215 избирачки места.
Македонија
(Видео) МВР: Гласањето се одвива мирно, без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржуваат во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера, информира Министерството за внатрешни работи.
„МВР презема мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. До сега не се регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир. МВР апелира до сите граѓани и до политичките партии, да придонесат за мирна и демократска атмосфера. Доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните да пријават во најблиската полициска станица или на телефонските броеви 192 или 112“, се наведува во објавата на ФБ.
Македонија
(Видео) ДИК: До 13 часот излезноста е 8,90 отсто, едно избирачко место воопшто не е отворено
До 13:00 часот на повторените локални избори гласале 11.217 лица или 8,90 отсто, соопшти Државната изборна комисија.
По општини:
– Врапчиште – 9,58 %
– Гостивар – 8,74 %
– Маврово – Ростуше – 10,03 %
– Центар Жупа – 6,61 %
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, кажа дека гласањето на сите избирачки места се одвива непречено, освен на избирачкото место 0782 во Ќафа кое се уште не е отворено.

