Регион
СЗО особено загрижена за состојбата на Балканот и во Централна Европа

Ситуацијата на Балканот и во Централна Европа е особено загрижувачка во време кога бројот на нови зарази во Европа расте трета недела по ред, објави денеска европскиот разгранок на Светската здравствена организација (СЗО).
„Особено сме загрижени за епидемиолошката состојба на Балканот, како и во многу други централноевропски земји“, рече Кетрин Смолвуд, задолжена за вонредни состојби во СЗО за Европа, истакнувајќи дека бројот на смртни случаи и хоспитализации во регионот во моментот е меѓу највисоките во светот.
Директорот на СЗО за Европа, Ханс Клуж, вели дека инциденцијата на случаи го продолжува трендот на пораст и се движи кон исток. „Ние сме во третата последователна недела на раст на бројот на случаи во регион од 53 земји“, додаде тој.
„Бројот на луѓе што умираат од Ковид-19 во Европа денес е поголем отколку што беше во истиот период минатата година, што е одраз на широкораспространетото ширење на вирусот“, рече Клуге.
Повеќе од 21.000 луѓе починаа од Ковид-19 во последните седум дена во европските земји, според податоците на СЗО.
Клуге додава дека придобивките од вакцинацијата ќе дојдат, но дека Европејците засега мора да продолжат да ги користат постојните средства.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Шеќеринска: НАТО нема да дозволи безбедносен вакуум во БиХ

Заменичката на генералниот секретар на НАТО, Радмила Шеќеринска, денес изјави дека алијансата нема да дозволи безбедносен вакуум во Босна и Херцеговина, откако српскиот лидер Милорад Додик објави дека ќе побара од Москва да ја прекине воената мисија ЕУФОР во таа земја.
Шеќеринска изјави дека НАТО е „трајно посветен на суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина“.
Таа додаде дека НАТО нема да дозволи дестабилизација во Босна и Херцеговина, соопшти канцеларијата на бошњачкиот член на колективното претседателство на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ, кој се сретна со претставничката на НАТО.
„Без оглед на исходот од претстојната седница на Советот за безбедност на ООН, НАТО нема да дозволи безбедносен вакуум во Босна и Херцеговина“, рече Шеќеринска.
Регион
Албанска министерка го разреши својот заменик поради непочитување на забраната за пушење

Министерката за внатрешни работи на Албанија, Албана Кочиу, го разреши својот заменик поради непочитување на забраната за пушење во ресторан во САД, објавува „Спутник“.
Таа потврди на социјалните мрежи дека го сторила тоа врз основа на пријавата на албански државјанин кој живее во Њујорк, каде што бил во посета нејзиниот заменик Анди Махила. Како што изјави, тој пушел цигара во ресторанот „што предизвикало немир кај присутните“.
Албана Кочиу е првата жена на чело на полицијата во историјата на Албанија, а во претходната влада беше министерка за здравство.
Фото: принтскрин
Регион
Улиците во Белград оштетени за време на воената парада

Јавното комунално претпријатие Белград (ЈКП) доби наредба денес да излезе на терен и да започне со поправка на патиштата оштетени за време на воената парада „Силата на единството“ во саботата во српскиот главен град.
Членови на кабинетот на српскиот министер за одбрана и Секторот за инфраструктура и стандардни услуги вчера ја посетија рутата на парадата со претставници на Град Белград, Јавното комунално претпријатие Путеви Београда и ЈКП Белград за да ја утврдат штетата предизвикана за време на подготовките и одржувањето на парадата.
На жителите на Белград претходно им беше ветено дека сè ќе биде вратено во првобитната состојба, објавува Нова.рс.
Во саботата во Белград се одржа воена парада насловена како „Силата на единството“, на која учествуваа околу 10.000 војници. На парадата присуствуваа претставници на српскиот државен врв, предводени од претседателот Александар Вучиќ.
фото: принтскрин