Македонија
Граѓанските организации апелираат: Надлежните повеќе да не го игнорираат здравјето на граѓаните од Шуто Оризари
Граѓанските организации изразија загриженост за недостигот на основна здравствена заштита за 4.000 возрасни и 1.200 деца во општината Шуто Оризари и апелираат надлежните институции повеќе да не го игнорираат здравјето на граѓаните од оваа општина.
Тие повикаа на итно назначување нови матични лекари во општината Шуто Оризари, кои ќе овозможат примарна здравствена заштита на сите граѓани, кои, поради заминувањето во пензија на двајца матични лекари, немаат матичен лекар речиси два месеца.
Исто така, повикуваат на итна постапка за назначување педијатар, итно доставување обрасци за избран лекар до постојните матични лекари што работат во општината, а со цел да се обезбеди запишување дел од овие 4.000 граѓани што немаат основна здравствена заштита и обезбедување минимум услови за соодветно функционирање на Поликлиниката „Шуто Оризари“, со итно назначување раководно лице, кое ќе го организира работењето на Поликлиниката во согласност со потребите на граѓаните.
„Апелираме, надлежните институции повеќе да не го игнорираат здравјето на граѓаните од Шуто Оризари и бараме итно да ја обезбедат здравствената заштита, особено во екот на третиот бран од ширење на заразата на Ковид-19, која е со животозагрозувачки последици за граѓаните што немаат соодветна здравствена заштита“, се наведува во заедничкото соопштение на Фондација „Отворено општество – Македонија“, здружението на граѓаните „Иницијатива за развој и инклузија на заедниците“ – ИРИЗ, „Романо Чачипе“, Иницијативата на жените од Шуто Оризари, „Станица П.Е.Т.“ – Прилеп, КХАМ – Делчево, НРЦ – Куманово, ЛИЛ – Скопје, „Сонце“ – Тетово, ЕСЕ, ХЕРА и Фондацијата за дебата и едукација „Идеја Југоисточна Европа“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

