Македонија
ЗНМ и СЕММ: Потребна е поголема одговорност од медиумите при објава на сатирични содржини
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) реагираат на објавите со измислените изјави поврзани со градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, со оценка дека на овој начин јавноста може да се доведе во заблуда и да се шират дезинформации.
Иако станува збор за содржина од сатиричен карактер, велат од таму, медиумите што во јавноста се препознаваат како професионални не треба да го занемарат фактот дека ваквите содржини лесно може да бидат прифатени од пошироката јавност како вистинити, особено ако темите се во контекст на актуелни политички случувања.
Станува збор за објавата во неколку медиуми, во која се вели дека градоначалникот на Струга, Мерко, „јадел често и на сила само за да ги помогне на угостителите, а тоа било платено од страна на Општината“, при што на крајот од текстот е наведено: „Прочитајте ја целата сатирична вест на порталот „Кооперација“.
„Им укажуваме на медиумите доколку користат вакви објави, кои имаат сатирична содржина, најмалку што може да направат уредниците е на многу јасен начин, на почетокот на текстот, да истакнат дека станува збор за измислена содржина. Притоа треба да се свесни за можноста од дезинформирање на граѓаните, особено имајќи предвид дека читателот често се задржува на насловот и кратко поминува низ содржината на објавата. Во услови кога ширењето дезинформации е сериозен проблем, несоодветното и неодговорно користење сатирични содржини, кое привлекува големо внимание и на социјалните мрежи, во јавноста може да се толкува како тенденциозен обид за злоупотреба на медиумот правејќи штета на угледот не само врз конкретната индивидуа туку и на општествените процеси“, велат од ЗНМ и СЕММ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Српските медиуми објавија дека Даниел Кајмакоски бил киднапиран во Белград
Македонскиот пејач Даниел Кајмакоски бил киднапиран во текот на ноќта во близина на „Бетон хала“ во Белград, објави српскиот портал Блиц и уште десетици меидуми од таа земја.
Според информациите на медиумите, непознати сторители, по кои сè уште се трага, присилно го внеле пејачот во автомобил, барајќи откуп во износ од 20.000 евра.
Пејачот бил одведен до градот Рума, каде што, според пишувањето на Блиц, при обид полицијата да го запре возилото, киднаперите удриле во заштитна ограда покрај патот, излегле од автомобилот и побегнале.
Даниел Кајмакоски во Србија е познат како победник на првата сезона од регионалното музичко натпреварување „Икс фактор“. Во 2015 година ја претставуваше Македонија на изборот за Песна на Евровизија во Виена со песната „Лисја есенски“, но не успеа да се пласира во финалето.
Засега нема официјални информации од надлежните власти за случајот.
Македонија
Заев се закани со тужба, тврди дека не е поврзан со конфискацијата на канабисот и облакодерите во Дубаи: „Шират лаги и клевети“
Поранешниот премиер Зоран Заев преку статус на Фејсбук порача дека по пет години молк, сега е подготвен да одговори со тужба против пратеникот Бране Петрушевски и партијата ВМРО-ДПМНЕ, доколку не се извинат за, како што вели, континуираните лаги, навреди и клевети изнесени на негова сметка.
„Веќе пет години сум надвор од политиката, откако поднесов оставка од сите политички и државни функции. Пет години, речиси секој ден, ВМРО-ДПМНЕ, нејзиното раководство, портпаролите и медиумите блиски до нив не престануваат да се занимаваат со мене, ширејќи континуирани лаги, клевети и навреди“, напиша Заев.
Тој најостро ги отфрли тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека има каква било поврзаност со неодамнешниот случај за конфискација на медицински канабис, за кој се тврди дека бил неправилно складиран.
„Безобразна лага е дека сум на кој било начин поврзан со случаите со канабис што беа презентирани пред јавноста. Безобразна и дрска лага е дека сум се јавувал во Царинската управа.“, нагласи Заев, додавајќи дека јавно бара извинување од пратеникот Петрушевски и од ВМРО-ДПМНЕ.
Во статусот, експремиерот се осврна и на други, како што ги нарече, измислици што партијата ги повторува – дека гради облакодери во Дубаи, дека вршел притисоци околу болницата на Жан Митрев и дека се меша во правосудството.
„Сите знаат дека никогаш не сум сакал да тужам. Се борев за слобода на говор. Никому не сум му се одмаздил за она што ми го направија на 27 април во Собранието. Но сега е доста!“, порача Заев.
Тој најави дека доколку не добие извинување во законски предвидениот рок, ќе поднесе тужба против Петрушевски и ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.

