Македонија
Филипче: Се соочуваме со силен бран, секој ден има голем број на новозаразени
Се соочуваме со силен бран, а модуларните болници се од голема помош, истакна министерот за здравство, Венко Филипче, кој денеска беше во посета на модуларната болница во Кочани.
Секојдневно се прави реорганизација на болничките капацитети како би се одговорило на потребите на граѓаните. Министерот за здравство посочи дека отворањето на модуларните болници се од голема важност бидејќи го зголемуваат капацитетот на инфективните одделенија во цела држава што е од клучна важност во овој период.
„Се соочуваме со навистина силен бран, секој ден има голем број на новодијагностицирани случаи и сето тоа бара една организација и прераспределба на пациентите коишто се јавуваат во болниците по регионите и секако пациентите на коишто им е потребен хоспитален третман во скопските јавно-здравствени установи. Денеска сме тука во Кочани, ова е дел од 17 те модуларни болници – проект којшто го правевме на територијата на цела држава и еве сега кога се соочуваме со ваков силен бран сме дефинитивно свесни што ова значи. Со овие болници се зајакнува капацитетот во болниците, на бројот на болнички кревети. Над 30 дополнителни кревети многу значи за болницата во Кочани заради тоа што таа услужува огромен број на пациенти во државата, тука доаѓаат пациентите од Берово, од Виница, од Пехчево, од Пробиштип, од Каменица итн. Пациентите традиционално бараат лекарска услуга и во други специјалности заради тоа што болницата е позната по својата експертиза, а сега со начинот на прераспределба на работата голем дел од капацитетите се посветени на третман на пациенти со Ковид 19“, рече Филипче.
Министерот најави дека масовната вакцинација на населението ќе започне или со вакцината на АстраЗенека или со кинеските вакцини, а ќе биде објавено кога со сигурност ќе има информации дека тргнале вакцините кон нашата земја.
Во однос на мерките, министерот рече дека на почетокот на следната недела ќе бидат видливи резултатите од воведувањето на полицискиот час од 22 до 5 часот наутро. Владата е подготвена, вели Филипче, да воведе и дополнителни рестриктивни мерки доколку сегашните не ги дадат посакуваните резултати. Тој претходно вчера кажа дека следните рестриктивни мерки за кои размислува Комисијата за заштита од заразни болести, доколку дневните бројки на новозаболени растат, се продолжување на полицискиот час и скратување на работното време на угостителските објекти. Дали се неопходни, ќе се одлучува в понеделник.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Град Скопје објави конкурс за најубаво украсени двор и тераса
Град Скопје објави конкурс за најубаво украсени тераса и двор за новогодишните празници. Пријавените објекти ќе ги посети жири-комисија составена од претставници на медиумите, а Град Скопје ќе обезбеди соодветни награди за најуспешните учесници во сите категории.
„Со манифестацијата „Украсуваме по скопски“ ги мотивираме и поттикнуваме скопјани да ги украсат своите домови и да придонесат кон создавањето празнична атмосфера низ целиот наш град. Сите заинтересирани граѓани кои сакаат да учествуваат и да се натпреваруваат за најкреативно и највпечатливо новогодишно украсување, може да се пријават на телефонскиот број: 3297 265, секој работен ден од 9 до 16 часот, во периодот до 23 декември 2025 година. Фотографиите од украсените домови или дворови, заедно со податоците за сопственикот, контакт-телефон и адреса, може да се испраќаат и на e-адресата: [email protected] или по пошта, на адреса: bул. Илинден бр. 82, со назнака за манифестацијата „УКРАСУВАМЕ ПО СКОПСКИ“, објави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Град Скопје и годинава ќе ги избере најдобрите во следните категории: најубаво новогодишно украсен двор од индивидуална станбена куќа, најубаво новогодишно украсена тераса од стан и најубави раскази од средношколците на тема новогодишни желби и празнувања.
Доделувањето на наградите ќе се одржи на крајот од декември.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Вељо Манчевски“ е вреднување на посебниот духовен, образовен и хуман придонес
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на церемонијата на доделувањето на признанието „Вељо Манчевски“, именувано по првиот верски референт во 1943 година.
Во својство на покровителка, таа им честиташе на добитниците, оценувајќи дека нивниот труд, ангажман и успех претставуваат пример на извонредност, на општествена одговорност и посветеност на заедничкото добро.

За неа, признанието „ Вељо Манчевски“ е институционално препознавање и вреднување на посебниот духовен, образовен и хуман придонес на поединци, здруженија и организации во македонското општество.

„Во забрзано дигитално време, геополитички тензии и општа неизвесност, постои насушна потреба од личности со ум, знаење, дигнитет, интегритет, достоинство и храброст кои ќе ни помогнат да го сочувуваме физичкото и ментално здравје, да не го изгубиме човечкиот пат и да чекориме по вистинскиот“, рече претседателката.

Сиљановска-Давкова ја потенцираше важната улога на верските великодостоинственици, како духовни водачи, но и на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи како почитуван посредник и мост меѓу нив!
Претседателката укажа дека традицијата на соживот и меѓусебно уважување на граѓаните од различна верска или етничка припадност, е битен фактор на кохезијата на македонското општество.

Годинава, признанието „Вељо Манчевски“ го добија: Берта Романо-Николиќ, од Еврејската заедница за промовирање на македонскиот модел на соживот и демократија, протојереј Гоце Костов, за промоција на вистински христијански вредности, проф. д-р Шинази Мемеди од Исламската верска заедница, за афирмација на исламската култура и цивилизација и Дијаконија Македонија – Мис Стон Центар од Евангелско-методистичка црква. Признанието „Вељо Манчевски“ за животно дело му припадна на проф. д-р Ацо Гиревски, од Македонската православна црква.
Македонија
Над 40 авто-школи под сомнение дека договарале цени за обука
Постојат индиции дека 40 авто – школи во земјава договарале цените за обука на возачи.
Комисијата за заштита на конкуренцијата информира дека во рамки на тековната работа за утврдување можни повреди на Законот за заштита на конкуренцијата, изврши увид во повеќе авто-школи на подрачјето на Република Северна Македонија, при што постапувањето на Комисијата опфаќа активности поврзани со над 40 авто – школи.
При увидот се констатирани индиции кои упатуваат на можност за усогласено однесување на авто школите – картел при формирањето на цените за обука на кандидатите за возачи.
„Комисијата продолжува со интензивно прибирање докази и детално утврдување на сите релевантни факти. Доколку се потврди постоење на забрането договорно дејствување, ќе бидат преземени соодветни мерки согласно Законот. Комисијата останува посветена на заштита на конкурентниот пазар и интересите на потрошувачите“, се наведува во соопштението.

